Атентат врз Франц Фердинанд

(Пренасочено од Сараевски атентат)

Атентатот врз надвојводата Франц Фердинанд од АвстријаСараевски атентат кој довел до избувнувањето на Првата светска војна се случил на 28 јуни 1914 во Сараево, во тогашна Австроунгарија. Надвојводата Франц Фердинанд, кој бил и престолонаследник на австроунгарскиот престол, патувал со својата сопруга Софи, војвотка од Хохенберг во отворен автомобил, и двајцата биле застрелани и убиени од Гаврило Принцип, еден од групата од шест заговорници предводени од Данило Илиќ.[1]

Атентат врз надвојводата Франц Фердинанд од Австрија и Софи, војвотката од Хохенберг
МестоВо близина на Латинскиот мост, Сараево (43°51′29″N 18°25′44″E / 43.857917° СГШ; 18.42875° ИГД / 43.857917; 18.42875)
Датум28 јуни 1914
Латинскиот мост, познат и како Мост на Принцип близу до местото на атентатот.
Франц Фердинанд, надвојводата од Австрија.

Политичката цел на атентатот била да се принуди Австроунгарија да се повлече од јужно-словенските територии, за да се овозможи создавање на Голема Србија или Југославија.[2] Атентаторот му припаѓал на движењето што подоцна станало познато како Млада Босна и кое се залагало за приклучување на Босна кон нова јужно-словенска држава - Југославија. Наредбодавец на овие млади заговорници бил шефот на српското разузнавање Драгутин Димитријевиќ-Апис. Неговите луѓе ги наоружале атентаторите со бомби и пиштоли, и им дале обука за ракување со оружјето и за атентатот.

Атентаторите и заговорниците кои биле уапсени, осудени и казнети во Сараево во октомври 1914, а останатите ги осудила Србија во 1916-1917 година, во привремен суд во Солун, тогаш под француска окупација. Она што се знае за атентатот главно доаѓа од овие судења. Иницијаторите и причините за атентатот се многу деликатно прашање, бидејќи овој настан довел до почетокот на Првата светска војна, кога Австроунгарија, предизвикана од атентатот, ѝ објавила војна и ја нападнала Србија еден месец подоцна.[3]

Австријската полиција брзо ги фатила заговорниците во атентатот, и тие биле осудени во октомври 1914 во Сараево:

Име Казна
Гаврило Принцип 20 години (умрел во затвор од туберкулоза на 28 април 1918)
Недељко Чабриновиќ 20 години (умрел во затвор од туберкулоза на 23 јануари 1916)
Трифун Грабеж 20 години (умрел во затвор од туберкулоза во февруари 1918)
Васо Чубриловиќ 16 години (ослободен во ноември 1918; умрел 1990)
Цвјетко Поповиќ 13 години (ослободен во ноември 1918)
Лазар Ѓукиќ 10 години
Данило Илиќ Смрт со бесење (погубен на 3 февруари 1915)
Вељко Чубриловиќ Смрт со бесење (погубен на 3 февруари 1915)
Неѓо Керовиќ Смрт со бесење; преиначена во 20 години затвор
Михајло Јовановиќ Смрт со бесење (погубен на 3 февруари 1915)
Јаков Миловиќ Смрт со бесење; преиначена во доживотен затвор
Митар Керовиќ Доживотен затвор
Иво Крањчевиќ 10 години затвор
Бранко Загорац 3 години затвор
Марко Перин 3 години затвор
Цвијан Степановиќ 7 години затвор
Девет други обвинети Ослободени

Димитријевиќ признал дека тој го организирал атентатот и изгледа дека тоа го направил на своја рака. Австроунгарските извори пак, велат дека в.д. премиерот на Србија Никола Пашиќ бил информиран за подготовката на атентатот и се обидел да ја предупреди австријската влада преку амбасадорот во Виена, но тоа предупредување не било земено сериозно.[4] Шефот на разузнавањето Димитријевиќ и неговите подредени кои учествувале во организацијата на атентатот биле осудени на судењето во Солун во 1916 - 1917 :

Име Казна
Драгутин Димитријевиќ Смрт со стрелање, погубен на 26 јуни 1917
Полковник Љуба Вуловиќ Смрт со стрелање, погубен на 26 јуни 1917
Раде Малобабиќ Смрт со стрелање, погубен на 26 јуни 1917
Мухамед Мехмедбашиќ 15 години затвор (ослободен во 1919)

Последици

уреди

Австроунгарија била крајно револтирана од атентатот, а на своја страна го имала и меѓународното сочувство за смртта на престолонаследникот. Со цел еднаш засекогаш да расчисти со заканата која ја гледале во Србија, и за да ги осигури своите позиции на Балканот[5], на 23 јули 1914. ѝ испорачала на Србија ултиматум со барања меѓу кои:

  1. да ги укине сите публикации кои предизвикуваат омраза кон австриската монархија
  2. да ја укине Народна Одбрана и други здруженија кои делуваат против интересите на Австроунгарија
  3. да ги отстрани од училиштата книгите и учителите кои шират непријателска пропаганда
  4. да ги отстрани од војската и администрацијата сите службеници кои шират пропаганда против Австроунгарија, при што Австроунгарија го задржува правото да ги посочи таквите лица
  5. да прифати соработка со австриските органи на прогон за сузбивање на субверзивните движења насочени против Австроунгарија
  6. да започне судска истрага против организаторите на атентатот кои се на српска територија , заедно со органи делегирани од Австроунгарија
  7. да ги уапси Војислав Танкосиќ и Милан Цигановиќ, членови на српското разузнавање кои учествувале во подготовката на атентатот
  8. да го спречи преносот на оружје и експлозиви преку границата и да ги распушти и казни српските граничари одговорни за сараевскиот атентат
  9. да обезбеди објаснение до Австроунгарија за изнесените непријателски изјави од високи претставници на српската власт во земјата и во странство
  10. да ја извести Австроунгарија за извршувањето на овие мерки до 5 часот на 25 јули 1914.

Србија не ги прифатила овие барања, туку побарала и добила поддршка од Русија и извршила мобилизација на војската. Истовремено, Австроунгарија го потврдила своето сојузништво со Германија и Унгарија, и на 28 јули 1914 ѝ објавила војна на Србија.[6] Ова го означило почетокот на Првата светска војна, во која набрзо се вклучиле и Франција, Русија, Германија и Велика Британија.

Наводи

уреди
  1. Милорад Екмечић, Стварање Југославије 1790–1918, кн. 2, стр. 685.
  2. Владимир Ћоровић, Односи између Србије и Аустро-Угарске у ХХ веку, стр. 629.
  3. Мира Радојевиќ, Љубодраг Димиќ, Србија у Великом рати 1914 -1918, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2018, стр. 83 - 93.
  4. Мира Радојевиќ, Љубодраг Димиќ, Србија у Великом рати 1914 -1918, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2018, стр. 93 - 133.
  5. Андреј Митровић, Продор на Балкан и Србија, стр. 41;
  6. Dragoslav Janković i Bogdan Krizman, Građa o stvaranju jugoslovenske države (1. I – 20. XII 1918), tom I, Белград, 1964, стр. 13-14.