Рукомија
Географија и местоположба
уредиНаселбата се наоѓала недалеку од Скопје во долината на Рукомиски Поток, и тоа помеѓу Гази Баба на запад и Каменик на исток. Вода за пиење населението добивало од бунари кои биле длабоки од 2 до 15 метри. Околу 500 м северно од населбата, избива извор Кајнак, на кој во минатото се наоѓала една воденица. Околу Рукомија се наоѓаат некои потеси со обработлива земја кои ги носат следниве имиња: Чуково, Ридче, Крст, Јанарџик, Гази Баба, Каменик и Кајнак.
Историја
уредиРукомија се смета за стара населба. По народната традиција, некогаш Рукомија припаѓала на манастирот во селото Матејче на падините на Кумановската Црна Гора (Успение на Пресвета Богородица). Православните македонски фамилии од ова село обработувале манастирска земја и се грижеле за големиот пчеларник кој постоел во селото.
За времето на Османлиите, Рукомија била претворена во чифличка населба. Во втората половина на XIX век сопственик на целото село и целиот селски атар бил Аџи Мустафа-бег од Скопје. Споменатиот бег имал два сина: Шефкет-бег и Тамаз-бег. На првиот син му ја оставил во наследство Рукомија, додека на другиот му оставил во аманет земја во селото Асанбегово, подоцна Синѓелиќ, а денеска населбата Ченто. За време на чифлигарството, во Рукомија се наоѓала кула за ќајите (управник, надзорник на имот) и полјаците, кои биле Албанци, потоа куќи за македонски чифлички семејства, градби за добиток и замјоделски производи. Покрај чифчиите, во Рукомија привремено доаѓале да обработуваат беговска земја и момци од околните села (претежно од Булачани на падините на Скопска Црна Гора).
Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 5 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 9 мажи христијани, со 1 новороденче. Се проценува дека селото во тој период имало 20 жители.[1]
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 73 жители.[2]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Рукомија живееле 54 жители, сите Бугари[3] христијани.[4]
Во 1913 година, во селото биле евидентирани 55 жители (заедно со Стајковци). Било дел од Општина Асанбегово.
После Првата светска војна, споменатиот Шефкет-бег, ја распродал сета земја во Рукомија: околу 180 ха откупиле семејства од соседната тогашна скопска маало Чаир (некои семејства добиле земја и со помош на аграрна реформа), а 35 хектари откупил Раде Лајтмановиќ, тогашен директор на филијалата на Хипотекарна банка во Скопје. Во 1946 година, на имотот на споменатиот Лајтмановиќ, била основана Државна земјоделска задруга.
Во самата населба Рукомија, во минатото, населението за време на обработката на нивите, работниците изорувале остатоци од поранешни чифлички куќи. Источно од населбата, некогаш се познавале и стари гробови.
За потеклото на името на населбата и етимологијата постои вакво толкување. Некогаш тука лежело христијанско село со друго име. Населението на тоа село некогаш ги испоубил турски паша, кој подоцна „крвави раце миел“ во селскиот поток.
Население
уредиЗа потеклото на неселението во минатото кое живеело во Рукомија, не може да се утврдат сите македонски семејства. Се знае само за еден мал број на иселеници како што се:
- Анѓелoвци (2к), од селото Петровец се доселиле во Рукомија, таму живееле до 1907 година, кога се иселиле во Злокуќани.
- Стојко Дајески (1к, Св. Никола), подоцна живеел во соседно Булачани. Стојко се родил во Рукомија и таму работел како чифчија до 1911 година. Неговото потекло било од Булачани.
- Трајкоски (1к), се доселил од Булачани во 1918 година и во Рукомија со семејството живеел до Втората светска војна. Работел на имотот на предмалку споменатиот директор на Хипотекарна банка, Лајтмановиќ од Скопје.[5]
Наводи
уреди- ↑ Крстески, Емил (2021). Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ [[#CITEREFМакедонците_биле_забележани_како_Бугари|Македонците биле забележани како Бугари]].
- ↑ К`нчов, Васил (1900). Македонија. Етнографија и статистика. Софија.
- ↑ Trifunoski, Jovan (1967). Raseljena sela u Skopskoj kotlini. Zagreb: Jugoslavenska akademija znanosti i umjetnosti.