Рудолф Горник
Рудолф Горник (Сремска Митровица, 1 април 1898 – Загреб, 19 февруари 1980 - бил инженер-агроном, основоположник на тутунската наука во Македонија и во Југославија, посебно во областа на селекцијата. Избран за член на МАНУ надвор од работниот состав (25.12.1979).[1]
Биографија
уредиАкадемик Рудолф Горник e роден на 1 април 1898 година во Сремска Митровица. Во 1916 година ја завршил Гимназијата во Осиек. Школувањето го продолжил на Земјоделскиот факултет во Прага, отсек одгледување и размножување на растенија. Во 1923 година го завршил школувањето со висок успех. На негова иницијатива во 1924 година била основана првата експериментална станица за истражување на тутун во Прилеп, која била единствена од таков тип на Балканот. Во 1928 година станал нејзин управник, а кога во 1936 година експерименталната станица прераснала во Институт за тутун, раководел со него сè до 1939 година, кога станал началник на Државниот тутунски монопол во Белград.
Од 1946 до 1954 година повторно бил директор на Институтот за тутун во Прилеп. Во овој период дал особен придонес во осовременувањето на производството на тутун и во истражувањето на нови тутунски сорти подобни за македонското поднебје. Како резултат на неговата научноистражувачка дејност, добиени се ориенталните сорти на тутун: Прилеп 10-3/2, Прилеп 12-2/1, Јака Кире-чилер и Отља. Исто така се занимавал со интродукција на нови сорти на тутун од типот „Вирџинија“ и создавање на нови хибридни сорти на тутун отпорни на пероноспората на тутунот. Рудолф Горник од 1952 до 1954 година бил уредник на списанието „Тутун“.
Во 1954 година заминал за Загреб, каде што раководел со Институтот за тутун во Загреб. Во својата богата кариера Рудолф Горник е добитник на повеќе награди и признанија. Во 1964 година станал почесен граѓанин на градот Прилеп, а во 1979 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
Автор е на повеќе од 60 научни и стручни дела од областа на селекцијата, одгледувањето, производството и преработката на тутунот.
Починал на 19 февруари 1980 година во Загреб.
Наводи
уреди- ↑ Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 381. ISBN 978-608-203-023-4.