Рента (економија)
Во економијата, рента го претставува приходот (заработката) што ја остварува секој фактор на производството над износот на трошокот на тој фактор.
Рентата во класичната економија
уредиВо класичната економија, анализата на рентата се однесува на земјата како производен фактор. Притоа, класичните економисти поаѓаат од претпоставката дека земјата претставува затворена економија (нема надворешна трговија) и дека понудата на земјата е апсолутно непроменлива (фиксна), т.е. кривата на понудата на земја е вертикална. Во тој случај, цената на земјата во потполност е определена од побарувачката: ако порасне побарувачката на земја, тогаш цената на земјата ќе се зголеми и обратно, ако падне побарувачката, тоа ќе предизвика намалување на цената на земјата. Оттука, приходот што го носи земјата (рентата) не зависи од трошоците за нејзиното произведување, туку единствено од цената. Цената на земјата, пак, е определена од побарувачката, зашто земјата нема друга употреба, т.е. бидејќи земјата не може да се употреби за нешто друго, таа мора да биде дадена во наем по тековнта пазарна цена. Со други зборови, рентата не претставува трошок.[1]
Под овие претпоставки, рентата ќе биде еднаква на маргиналниот производ на земјата и ќе се добие така што од вкупното производство што го дава земјата ќе се одземат трошоците на другите фактори на производството. На пример, ако во производството земјата се комбинира со трудот и капиталот (кои класичните економисти ги земаат како еден збирен променлив производен фактор - „капитал и труд“) при што збирниот производен фактор се одликува со опаѓачки приноси при дадено количество земја, тогаш важат следниве два резултати:[2]
- прво, маргиналниот производ на земјата зависи од нејзиниот квалитет, т.е. ако на одредена површина земја се додаде иста доза од збирниот производен фактор, најквалитетната земја ќе даде најголемо производство, а помалку квалитетната земја ќе дава помало производство. Земјата со најнизок квалитет, која дава производ еднаков на трошокот на комбинираниот променлив производен фактор, се нарекува екстензивна маргина (extensive margin).
- второ, секоја дополнителна парцела од земјата со ист квалитет дава сè помал маргинален производ. Притоа, независно од квалитетот на земјата, последната парцела земја која дава производ еднаков на трошокот на комбинираниот производен фактор се нарекува интензивна маржа (intensive margin).
Квазирента
уредиЕкономската рента не се однесува само на земјата како производен фактор, туку и приносите на другите производни фактори може да имаат некои својства на рента. Притоа, приходот (заработката) на секој производен фактор кој има специфична употреба (и оттука, нееластична понуда) се нарекува квазирента. На пример, некоја специјализирана машина може да се примени само за една работа, односно таа нема друга намена. Поради тоа, таквата машина мора да се изнајмува по дадената пазарна цена. Оттука, капиталната вредност на машината ќе биде еднаква на сегашната вредност на идните квазиренти, а таа вредност не мора да биде еднаква на оригиналниот трошок за изработка на машината, ниту на каматата на инвестицијата направена во машината.[3]
Наводи
уреди- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 247.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 248-249.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 250-253.