Приноси во однос на обемот
Приносите во однос на обемот - концепт во микроекономијата кој покажува како се зголемува производството при зголемување на сите факторите на производството.
Видови приноси во однос на обемот
уредиПостојат три видови приноси во однос на обемот на производството:
- опаѓачки приноси (diminishing returns) се јавуваат кога зголемувањето на производните фактори предизвикува производството да се зголеми во помал обем; тие постојат поради тешкотиите поврзани со раководењето на големите организации: на пример, колку е поголемо претпријатието, посложени се административните процедури, т.е. се усложнува протокот на информации, посложен е процесот на одлучување, потешка е координацијата на вработените; исто така, големото претрпијатие е помалку флексибилно и потешко се приспособува на промените на вкусевите на потрошувачите.[1]
- константни приноси (constant returns) постојат кога зголемувањето на производните фактори води кон пропорционално зголемување на обемот на производството; константите приноси предизвикуваат долгорочните маргинални и просечни трошоци да бидат константи (и еднакви) при секој обем на производството; математички, концептот на константни трошоци значи дека производната функција е хомогена од прв ред, а тоа значи дека вкупното производство е збир на количеството на секој производен фактор помножен со неговата цена.[2]
- растечки приноси (increasing returns) постојат кога при зголемување на производните фактори за одреден износ, вкупното производство се зголемува натпропорционално; на пример, ако производството може да се зголеми двојно без удвојување на факторите на производството. Растечките приноси може да бидат резултат на повеќе фактори: постоењето неизбежен вишок капацитет кај некои производни фактори, многу производни фактори се поевтини ако се набават во поголемо количество, при поголем обем на производство се овозможува поголема специјализација на производните процеси, под дејство на статистичкиот закон на големи броеви. Постоењето растечки приноси значи дека долгорочната крива на маргинални трошоци опаѓа, т.е. постои економија на обемот.[3]
Наводи
уреди- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 155-156.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 149-153.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 153-154.