Посмртни почести
Посмртни почести (српски: Посмртне почасти) - расказ на српскиот писател Данило Киш, дел од збирката раскази „Енциклопедија на мртвите“ од 1983 година.
Содржина
уредиВо расказот се опишува погребот на проститутката Мариета во 1923 или 1924 година, во Хамбург. Пет години подоцна, во една кафеана, украинскиот морнар и револуционер Бандура му раскажува на еден морнар за нејзиниот погреб и за својата љубов кон неа: Тој пристигнал во Хамбург во 1919 година, со задача да се сретне со пролетерските револуционери, а кога ја здогледал Мариета веднаш се вљубил во неа. Кога умрела Мариета, Бандура ги повикал сите морнари и проститутки да ѝ оддадат почест така што ќе ги соберат сите цвеќиња од градските паркови, од ботаничката градина и од дворовите на богатите куќи. Откако Бандура го одржал посмртниот говор, морнарите го покриле гробот на Мариета со куп цвеќиња, а потоа ги собрале и сите цвеќиња од другите гробови, така што морала да интервенира полицијата. Според тврдењето на Бандура, ниту една проститутка во историјата немала таков погреб.[1]
Осврт кон делото
уредиВо пост-скриптумот кон збирката, Киш објаснува дека ликот од расказот Жан Валтен (или Валтин) е реална личност. Исто така, авторот наведува дека првобитно насловот на расказот требало да биде „Погребот на курвата“, но во писмото од 12 март 1980 година, уредникот на едно списание го известил Киш дека „уредништвото дошло до заклучок дека би било неопходно да се смени насловот на расказот и дека, според својата хероина, да се вика Мариета“. Сепак, самиот автор подоцна го променил првобитниот наслов, сметајќи го за премногу буквален. Така, со новиот наслов, расказот бил објавен во осмиот број на списанието „Книжевност“, во 1980 година.[2]