Последните селани

„Последните селани“роман на македонскиот писател Петре М. Андреевски од 1997 година.

Петре М. Андреевски

Посвета

уреди

Романот им е посветен на Мице и Менка Мравевска, со следниве зборови:[1]
„На Мице Мравевски, учесник во Илинденското востание во четата на Јордан Пиперката. Умре на 115 години заборавен од сите, па излезе дека живеел барем половина живот помалку.
И на Менка Мравевска која сето ова можеше поубаво да го раскаже.“

Содржина

уреди

Романот се состои од 26 глави.

  • 1 - 4 глава: Дејствието на романот се одвива во едно планинско македонско село во кое живеат само неколку луѓе - сите старци, освен убавата жена Солунка Зенговска. Еден жежок ден, жителите на селото нестрпливо го чекаат комбито со леб. Најпосле, комбито пристигнува, а возачот им се потсмева на старците, а потоа воодушевено ја набљудува убавата Солунка. Таа живее во шумата крај селото, заедно со трите деца на кои не им се знае таткото, зашто таа никогаш не била мажена. Поради тоа, низ селото се шират озборувања дека неа скришно ја посетува волкот. Во селото живее брачниот пар Варвара и Теофил Жешкови кои постојано работат. Огнен Кежаровски, пак, е сиромашен вдовец кој постојано раскажува различни варијанти на приказната за жената која еднаш ја сретнал на патот.[2]
  • 5 - 6 глава: Теофил и Варвара добиваат писмо од децата кои ја најавуваат својата посета. Еден ден, тие излегуваат на патот, нестрпливо чекајќи ги гостите, но утврдуваат дека го погрешиле денот. Разочарани, тие се враќаат дома каде, од мака, почнуваат да играат оро. Друг ден, додека Варвара ниже суви пиперки, неа ја посетува сосетката Ковилка Пачевска чиј сопруг крвнички ја тепа во текот на целиот живот, и тоа без никаква причина.[3]
  • 7 - 11 глава: Еден ден, додека Теофил и Варвара работата на нивата, ги посетува синот Алексо кој работи како шумар, но тој брзо ги напушта зашто не може да ги поднесе нивните навики и сфаќања. Двајца непознати луѓе се обидуваат да ја силуваат Солунка, но таа успева да се одбрани и тие бегаат. Тогаш, пристигнува Алексо, кој претпоставува кои се насилниците (неговите колеги) и заминува во потера по нив, а потоа ги убива, им ги сече половите органи и им ги става во устите. Во селото доаѓаат милицијата и војската кои започнуваат голема потера по Алексо во која мора да учествуваат и селаните, вклучувајќи го и Теофил. За време на потерата, Варвара ја посетува колибата на Солунка за да ги види внучињата. Потерата по Алексо е неуспешна, а селаните се на неговата страна.[4]
  • 12 - 14 глава: Алексо е ранет во ногата при што раната му загнојува и тој се онесвестува крај еден поток. Кога се освестува, тој забележува дека некој му ја преврзал раната. Потоа, долго време за него не се слуша никаква вест. Од грижи за синот, Варвара се разболува и подолго време лежи в постела.[5]
  • 15 - 17 глава: По една година, се проширува веста дека Алексо повторно се вратил во планината така што во селото пак доаѓаат милицијата и војската. Всушност, Алексо пребегал во Грција, но го заробила грчката гранична патрола, која ѝ го предала на македонската милиција, но тој скокнал од возот и така избегал. По враќањето во родното место, Алексо накратко ги посетува Солунка и децата, а потоа се крие во шумата каде во една прилика пука во еден милиционер.[6]
  • 18 - 19 глава: Откако по којзнае којпат Ковилка Пачевска е сурово претепана, милицијата го приведува нејзиниот сопруг Неделко и го затвора во душевна болница. Така, таа останува сама и се оди да живее во куќата на Жешкови. Меѓутоа, болната Варвара е љубоморна на неа и еден ден, обземена од омразата, ја брка од куќата. Некое време, Ковилка живее обземена од спомените на синот Благоја, а потоа исчезнува. Потерата по Алексо е неуспешна и селаните се радуваат поради тоа. Огнен Кежаровски им предлага на Теофил и Варвара да ги земат кај себе децата на Солунка, но Теофил не сака да ја прифати вистината дека Алексо е нивниот татко.[7]
  • 20 - 24 глава: Болеста на Варвара се влошува и таа веќе ја губи свеста за околината. Претчувствувајќи ја блиската смрт, таа бара да дојде поп за да ѝ прочита молитва. Во меѓувреме, во селото умира уште еден жител - Герасим Гологазов. Зимата, состојбата на Варвара малку се подобрува, но летото, таа пак ја губи свеста се измачува, умирајќи долго и болно. Истовремено, коњот на Теофил ја повредува ногата и тој го остава во шумата за да го изедат волците. Сепак, тој секојдневно го посетува коњот, а при една посета ги здогледува децата на Солунка. Потоа, тој го убива коњот за да му ги прекине маките. Алексо почнува почесто да ја посетува Солунка и ѝ помага во работата. При една негова посета, ненадејно доаѓаат милиционерите, но во последен миг успева да се скрие во сеното. Во селото умира уште еден старец - Трајан Ендековски.[8]
  • 25 - 26 глава: [9]

Изданија

уреди

Наводи

уреди
  1. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 5.
  2. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 7-47.
  3. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 48-72.
  4. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 73-120.
  5. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 121-149.
  6. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 150-176.
  7. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 177-195.
  8. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 196-238.
  9. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 239-265.
  10. Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999.