Последниот чај
Последниот чај — роман на македонската писателка Винка Саздова објавена во 2009 година во издание на „Издавачкиот центар ТРИ“.[1] Романот се однесува на главниот женски лик којшто оди на патување во Индија за да се пронајде себеси. Романот е од филозофски и духовен жанр.
Автор | Винка Саздова |
---|---|
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | роман |
Издавач | ТРИ |
Издадена | 2010 |
Медиум | печатено издание |
Страници | 320 стр.; 125 х 195 мм |
ISBN | 9786084577577 |
За книгата
уредиРоманот Последниот чај е потрага по себе, можеби патопис за себе. Јунакињата на Винка Саздова заминува од навидум среќен и исполнет живот, водена од интимни немири, во нов живот кој не изгледа подобар, дури делува и застрашувачки. Патот што го минува, од тој страв до ослободување од болка, завршува благодарение на најсилната емоција што ја поседува човекот - љубовта.[2]
Последниот чај е приказна за потрагата на една жена повторно да се открие себеси и да најде нова смисла во животот. Четириесетгодишната јунакиња од романот ненадејно го напушта семејството - сопругот и трите деца - и тргнува на духовно патување далеку од дома во ашрам во Индија. Успева да се бори со своите демони и да постигне внатрешна хармонија, благодарение на поддршката што ја добива од луѓето што ги среќава и нивните животни приказни, како и сопствените спомени што се појавуваат. Јунакињата, ослободена од оковите на минатото, конечно станува подготвена да го прифати животот и да живее во сегашноста, сфаќајќи дека домот е таму каде што си.[3]
Во прологот на романот, авторката ја прикажува приказната за една јунакиња која во пресвртниот момент во својот живот, кога се обидувала да се помири со своето минато, уништила дневник од Индија. Сакала да започне нов живот без минато и спомени. Подоцна сфатила дека ослободувајќи се од товарот на спомените, го уништила и најскапоцениот дел од себе. На овој начин таа се одрекла од себе, од своите соништа, копнежи, доаѓања и заминувања. Упорно го барала низ куќата иако знаела дека го фрлила. Тогаш решава да го заборави него, како и тој дел од нејзиниот живот, Индија, и самата себеси во таа епизода од нејзиниот живот. Индија тогаш почнува да блика од неа. И оди да се соочи со неа...[4]
Романот Последниот чај е исто така приказна за нас, ги отвора нашите сопствени приказни. Нè охрабрува да се соочиме со нив и да ги прифатиме такви какви што се, убави или грди, сеедно.[3] Спакувај се и замини! Каде? Што е можно подалеку. Зошто? За да дознаеш. Што? Не прашувај. Одважи се и тргни! Можеш ли!? Ако може жената од Последниот чај можеш и ти. Препушти ѝ се да те одведе до Тара, Елена, Савита, Џиду, Тарун, Самир... до самиот тебе.[5]
Ликови
уреди- Главен женски лик, ненаведено име
- Сопруг на женски лик
- Иван, син на главниот лик
- Михаил, син на главниот лик
- Баба на главниот лик
- Дедо на главниот лик
- Мајка на главниот лик
- Татко на главниот лик
- Учител, духовен водач во ашрамот
- Тара, посетителка која оди во ашрамот
- Деви, посетителка која оди во ашрамот
- Елена, посетителка која оди во ашрамот
- Џиду, малечко детенце кое протагонистката го наоѓа на улица
- Рума, сестра на Џиду
- Мајка на Џиду и Рума
- Савита
- Тарун
- Самир
- Доктор Викрам
- Доктор Далечина
- Раџ
Делови во романот
уредиРоманот започнува со Пролог и е поделен на два дела:[4]
- Долгото враќање дома
- Блиската далечина
Заднина
уредиСитуирана во храм во Индија, книгата детално ги опишува духовните практики кои се одвиваат таму. Главната протагонистка оди во ашрам, манастир од индиските религии.
Критички прием
уредиСпоред новинар од хрватскиот Večernji list, книгата е слична по содржина со американското дело Јади, моли се, сакај. Според него, книгата би достигнала и многу голема слава доколу била напишана на некој поголем јазик од македонски, но тој сепак ја согледува културната сличност помеѓу македонскиот и хрватскиот животен стил што се однесува до малиот и сосема обичен живот на протагонистката. Рецензентот го завршува својот осврт, велејќи: „Затоа ова и е искрена книга, која се чита лесно и со задоволство, книга која не нуди универзални рецепти по кои би требало да се живее, моли, сака... или да пиете чај и да се вратите дома, во окружување на познатото и саканото.“[6] Новинар за македонскиот портал Црно и бело, го вклучува романот во списокот наречен „4 романи од Винка Саздова кои ќе ви ја растреперат душата“ и во него го опишува како „[б]езвременска приказна која е сочувствителна, љубовна“.[7] Според новинар на порталот Denar, Последниот чај е еден од ретките романи „кој ќе се претвори во вистински книжевен феномен кој ќе ја разбранува културната јавност“.[8] Книгата наишла на добар прием и помеѓу македонските автори, вклучувајќи го и Венко Андоновски.[9]
Изданија на други јазици
уредиКнигата е објавена на српски јазик од издавачката куќа Геопоетика од Белград во 2011 година со превод на Ристо Василевски.[10] Покрај тоа, книгата е објавена и на хрватски во превод на Боривој Радаковиќ [6] и бугарски јазик.[11]
Наводи
уреди- ↑ „Последниот чај“. goodreads.com. Посетено на 20 ноември 2022.
- ↑ Bajac, V. „Poslednji čaj“. geopoetika.com. Посетено на 20 ноември 2022.
- ↑ 3,0 3,1 „The last tea“. shop.kniga.mk. Посетено на 20 ноември 2022.
- ↑ 4,0 4,1 Саздова, Винка (2011). Последњи чај. Белград: Геопоетика издаваштво. стр. 9–10. ISBN 978-86-6145-049-5.
- ↑ „Последниот чај“. KNIGA.MK. Посетено на 8 јули 2023.
- ↑ 6,0 6,1 „Boravak u Indiji katarza je prošlosti i sjećanja“ [Престојувањето во Индија е катарза на минатото и на сеќавањата]. Vecernji.hr (хрватски). 12 ноември 2011. Посетено на 3 март 2024.
- ↑ У. Т., М. „4 романи од Винка Саздова, кои ќе ви ја растреперат душата“. Црно бело. Посетено на 2 мај 2024.
- ↑ „Романот „Последниот чај" од Винка Саздова доживеа десетто издание“. Denar. 16 февруари 2015. Посетено на 2 мај 2024.
- ↑ „„Последниот чај" – Винка Саздова“. Макфакс. 4 ноември 2009. Посетено на 2 мај 2024.
- ↑ „Последњи чај / Винка Саздова“. Plus.cobiss.net. Посетено на 20 ноември 2022.
- ↑ Саздова, Винка. Последниот чај (16. изд.).