Последниот магнат (филм од 1976)
Последниот магнат (англиски: The Last Tycoon) - американски филм од 1976 година, во режија на Елија Казан, според сценариото на Харолд Пинтер, засновано врз истоимениот недовршен роман на Френсис Скот Фицџералд. Главните улоги ги играат: Роберт Де Ниро, Тони Кертис, Роберт Мичам, Жана Моро, Џек Николсон, Тереза Расел, Ингрид Баултинг, Анџелика Хјустон, Џон Карадин итн. Ова бил последниот филм на Казан, снимен според последната книга на Фицџералд.[1]
Содржина
уредиВо филмот се зборува за филмскиот продуцент Монро Стар (го игра Де Ниро) - голем моќник во филмската индустрија во 1930-тите. Тој работи нон-стоп и поставува големи барања пред глумците, режисерите, сценаристите и другите учесници во филмовите. За време на еден силен земјотрес, Стар оди во обиколка на поплавеното филмско студио и таму здогледува непозната девојка која го потсетува на починатата филмска ѕвезда во која тој бил вљубен. Истовремено, во него е вљубена Сесилија (ја игра Расел), ќерката на неговиот деловен соработник (го игра Мичам). Стар успева да дознае која е непознатата девојка (ја игра Баултинг) и има кратка врска со неа, но таа му кажува дека набргу ќе се омажи за друг човек и го напушта. Така, Стар е душевно скршен и во таква состојба тој влегува во судир со господинот Бример кој ги застапува филмските сценаристи. Поради тоа, деловните соработници на Стар го отпуштаат од раководството на филмското студио.[2]