Подземен свет
Подземниот свет или подземјето — место каде што мртвите преминувале после нивната смрт. Старогрчките поети не биле многу прецизни при неговото опишување. Хомер сметал дека подземјето било место на сенки, место каде ништо не било сосема реално. Според него, подземниот свет бил исполнет со кошмарни чувства. Според верувањето на Старите Грци, влезот во подземниот свет се нарекувал Тенар и се наоѓал на југот од Пелопонез.[1] Старите Грци верувале дека во Лебадија, Трофониј (атрибут на Зевс како хтонско божество) и Агамед имале пештера која претставувала едно од местата низ кои се слегува во подземниот свет. Често, во пештерата доаѓале луѓето и ја поминувале ноќта лежејќи на земјата, со желба Трафониј, Агамед или некое друго хтонско божество да им се појават на сон. Понекогаш, некои од нив се враќале на земјата и раскажувале за тоа што им се случило во пештерата, како: Тракиецот Замолксис, Ер во десеттата книга на Платоновата „Република“, итн.[2]
Подоцна, латинските поети, како Вергилиј, го опишале подземниот свет како место во кое злобните биле казнети, а добрите наградени со животот после смртта. Виргилиј и географски ја одредил положбата на подземјето, патот до него водел низ местото каде реката Ахерон се влевала во реката Кокитус.
Смртниците, и добри и зли, откако ќе починеле преминувале во подземниот свет. Таму нивниот дух го очекувал судот. Нивната судбина зависела од тоа колку биле храбри и праведни во животот. Оние кои на било кој начин ги навредиле Боговите со сигурност исчекувале страшни измачувања, но оние кои правеле добрини биле наградувани со задгробен живот исполнет со среќа.
За разлика од јудеохристијанските верувања, според Вергилиј, времето течело во подземниот свет, и живите и мртвите можеле да општат. Правилата, се чини, биле создавани само за некој да може да ги прекрши. Постојат многу митови сместени во подземјето во кои некој од светот на живите се обидува да спаси некого од подземниот свет, или пак Боговите го праќаат да им донесе нешто токму од таму. Токму од овие митови најдобро се дознава за распоредот на нештата во подземниот свет, за неговите правила и за неговите жители.