Плодовите на гневот (филм од 1940)
Плодовите на гневот (англиски: The grapes of wrath) - американски филм од 1940 година, во режија на Џон Форд (John Ford) по сценариото на (Nunnally Johnson), засновано врз истоимениот роман на Џон Стајнбек. Главните улоги ги играат: Хенри Фонда (Henry Fonda), Џејн Дарвел (Jane Darwell), Џон Карадин (John Carradine), Чарли Грејпвин (Charley Grapewin), Дорис Баудон (Dorris Bowdon) и Расел Симпсон (Russell Simpson). Филмот се одликува со документаристички приказ на односите меѓу луѓето, со дискретно, но јасно прокламирање на идеите за меѓучовечка љубов и солидарност. Филмот освоил „Оскар“ во две категории (за режија и за споредна женска улога).[1]
Синопсис
уредиЗа време на Големата депресија во САД, Том Џоуд (го игра Фонда) се враќа дома откако е условно пуштен од затвор. Патем, тој го среќава поранешниот свештеник Кејси (го игра Карадин), кој се откажал од службата зашто ја изгубил верата. Том ја затекнува родната куќа празна, зашто неговото семејство било насилно избркано од имотот. Тој го пронаоѓа семејството кое се подготвува да замине од Оклахома во Калифорнија во потрага по подобар живот. Патем умираат дедото (го игра Грејпвин) и бабата, а бремената ќерка Росашарн (ја игра Баудон) ја напушта сопругот. По пристигнувањето во Калифорнија, семејството Џоуд најпрвин наоѓаат работа на еден приватен ранч, каде сопственикот безмилосно ги искористува работниците, условувајќи ги да работат за многу ниска плата. Кејси се спротивставува и за тоа плаќа со својто живот, но притоа Том убива еден од чуварите на ранчот. Поради тоа, семејството Џоуд мора да го напушти ранчот и се преселува во државниот камп за невработени, каде условите за живот се многу подобри, а луѓето не се изложени на полициската тортура. Меѓутоа, една ноќ, во кампот доаѓа полицијата која го бара Том, така што тој е принуден да побегне. На разделбата со мајка си, тој се заветува дека ќе ги следи идеите на Кејси и дека ќе се бори за правата на сиромасите.[2]