Плазмодијални лигави габи

Плазмодијални лигави габи
Trichia sp.
Научна класификација
Царство: Amoebozoa
Колено: Mycetozoa
Класа: Myxogastria
Редови

Echinosteliales
Liceales
Physarales
Stemonitales
Trichiales

Плазмодијалните лигави габи[a] (миксомицети, Myxomycetes од грч. myxa - лигаво, слузаво и mykes - габа; или миксогастри, Myxogastria) образуваат една од вкупно трите поткласи на лигави габи. Со околу 900 видови распоредени во 60 родови, тие се најбројни лигави габи.[1][2]

За време на нивниот живот, плазмодијалните лигави габи минуваат низ морфолошки многу различни стадиуми. Нивниот особен облик е несомнено поврзан со нивниот животен циклус.

И покрај името кое сè уште се употребува („миксомицети“ и плазмодијални „лигави габи“), овие организми не се габи (т.е. не припаѓаат во царството Fungi како што се мислело порано), туку се дел од царството на протисти.

Одлики и животен циклус

уреди

Животниот циклус на плазмодијалните лигави габи е од типот на дипло-хаплонтски и тој грубо може да се подели на три фази, и тоа едноклеточна еднојадрена фаза, потоа фаза на аморфен повеќејадрен плазмодиум и крајната репродуктивна фаза кога се образува плодното тело, процес познат како фруктификација.

Едноклеточна еднојадрена фаза

уреди

Во оваа фаза од животниот циклус овие организми се во вид на амеби кои произлегле од `ртењето на спорите создадени во фазата кога организмот е во вид на плодно тело. Телото на миксамебите е изградено од една клетка, која во себе содржи едно јадро. Елементите на оваа фаза од животниот циклус се опишани во текстот кој следува.

Спори

уреди
 
Arcyria sp.

Спорите најчесто се заоблени и достигнуваат меѓу 5 и 20, ретко до 24 микрометри во пречник. Нивната површина обично е ретикулатна (мрежеста), ридеста, брадавичеста до боцкаста, а ретко е мазна. Истородната скулптурираност на спорите ја создава восприемената боја на масата од спори, што значи дека спорите не се навистина пигментирани. Кај некои видови (особено оние од родот Badhamia) образуваат групации од спори. „Бојата“ на спорите, нивната форма, скулптурираност и пречник се важни критериуми при одредувањето на видовите.

Спорите главно се разнесуваат со ветрот, а ретко со инсекти или дожд. Клучни фактори за ‘ртење (герминација) се најчесто влагата и температурата, а улогата на другите фактори е нејасна. Спорите најчесто остануваат вијабилни во текот на неколку години, така на пример, единечни спори од еден хербариум из‘ртеле дури по 75 години. Кога спорите ‘ртат, нивните лушпи се отвораат или долж специјализирани пори (или колпи) или се раскинуваат неправилно и даваат четири слободни протопласти, односно миксамеби (амебофлагелати).

Миксамеби и миксофлагелати

уреди

Кај видовите кои се размножуваат полово, хаплоидните гаметоносни амебофлагелати се јавуваат како трофичка (исхранувачка) фаза.[3] Во зависност од условите на средината, миксамебите може да се појават во вид на камшичести миксофлагелати. Така, ако средината е сува, се образуваат миксамеби кои се движат со амебовидни движења на супстратот. Во повлажни или водни услови, се добиваат миксофлагелати кои со своите камшичиња пловат во водата. Тие речиси секогаш поседуваат две камшичиња, кои служат не само за движење, туку и за донесување на храна.

Условите на средината се менуваат, па така и клетките од една во друга форма. Во оваа фаза, плазмодијалните лигави габи се хранат со бактерии и габни спори, како и веројатно со растворени супстанци. Вегетативното размножување се одвива со делба.

Доколку условите на средината станат неповолни во оваа фаза на развитокот (на пример, екстремни температури, големи суши и недостаток од храна), плазмодијалните лигави габи можат да се претворат во многу издржливи, тенколушпести образованија наречени микроцисти, кои по воспоставување на нормалните услови, повторно се враќаат во активната фаза.

Образување на зигот

уреди

Плазмодиумот на видовите кои се размножуваат полово се развива од зигот, додека апомиктичките видови се развиваат непосредно од амебофлагелатот.[3] Во оваа фаза кај полово-размножувачките видови, две клетки се спојуваат (заедно со протоплазмата и јадрата) и даваат диплоиден зигот, кој е архетип на плазмодиумот. Притоа се јавува хетероталија и апогамија, и тоа често во рамките на еден вид.

Фаза на плазмодиум

уреди
 
Плазмодиум на миксомицета кој јаде габа.

На овој плазмодиум му се потребни хранливи материи (бактерии и мали честички од органски материи) кои ги зема по пат на фагоцитоза. Тие обезбедуваат голем раст на клетките и на одделните делови на клеточното јадро, така што стануваат видливи и со голо око (во зависност од видот, може да зафати површина од еден квадратен метар). Во својата трофичка фаза - плазмодиум - миксомицетите секогаш поседуваат многу јадра, при што на малите, невенулирани млади протоплазмодиуми се наоѓаат од 8 до 100 јадра, а на поголемите постари венулирани плазмодиуми 102 до 107 [3]. Сепак, сите тие се дел од единечен организам со густа, лигава конзистенција кој може да биде проѕирен, бел или обоен (портокалов, жолт, розов) [4].

Во оваа фаза, клетката има хемотаксични, како и фототаксични способности, таа е доста подвижна и во зависност од дразбата, се движи до дадена супстанца или од неа, како и во зависност од светлината. И кај оваа фаза е можно образување на издржливи структури - склероции - со кои миксомицетите ги преживуваат зимите или сушните периоди.[4]

Фаза на фруктификација

уреди
 
Спороносни тела на Cribraria cancellata.
 
Trichia decipiens, фруктификациска фаза.

Зрелите плазмодиуми образуваат плодни тела при поволни услови. Точните причини кои го поттикнуваат овој процес не се познати, но лабораториските набљудувања ги наведуваат влажноста, температурата, промената на pH, па дури и гладот како такви.

Ентитетот кој се добива од плазмодиумскиот спорокарп може да биде помал од 1 милиметар, но достигнува големини и од 1 метар. Обично има форма на дршкаст спорангиум (каде дршките не се клеточни), но исто така може да се јави во вид на сесилни спорангии, како и во вид на плазмодиокарп, еталии или псевдоеталии.

Во плодните тела се наоѓа маса од спори која се чува во клопчевидни, ацелулани капилициуми, кои имаат улога во расејувањето.

Распространетост

уреди

Поголем дел од видовите на миксомицети се распространети насекаде низ светот. Се среќаваат во умерените географски широчини, и тоа со значително поголемо видово богатство отколку во суптропските и тропските региони. Најчесто се наоѓаат во отворените шуми, но ги има и во необични места како што се пустините (во пустината Сонора се пронајдени 33 видови), водата од снегот што се топи на Алпите, како и во регионите од особено големите географски широчини.[5]

Причините за помалата абундантност во тропските региони се недостатокот на светлина во тропските шуми (несоодветно на позитивната фототаксија), недостатокот од ветрови (за распространување на спорите), влажноста која фаворизира развиток на мувли, многу киселите почви, големиот број грабливци, како и честите и многу силни дождови кои можат да ги однесат или уништат клетките на миксомицетите.

Живеалишта

уреди

Поголем дел од сите миксомицети се копнени организми, а само неколку видови живеат целосно подводен живот. Меѓутоа, можат да се издвојат различни микрохабитати. Најважни микрохабитати се мртвото дрво, кората на живите дрвја, гнилиот растителен материјал на шумската простирка, почвата и животинскиот фецес. Посебна форма се особено ретките тропски видови кои ги колонизираат живите листови на растенијата[5][6].

Систематика

уреди

Поткласата Myxogastria се состои од околу 900-1000 видови. Следната класификација е според Dykstra и Keller 2000, каде миксомицетите се спомнуваат под името Mycetozoa. Класичната поделба на оваа поткласа не се смета за монофилетска, но сè уште е во употреба, бидејќи недостасува нов класификациски систем.

Белешки

уреди
  • a Оваа група на организми би можела да се нарече и лигави габи во потесна смисла. Таа е дел од групацијата лигави габи во поширока смисла.

Наводи

уреди
  1. „www.ncbi.nlm.nih.gov“. Посетено на 2009-03-27.
  2. Fiore-Donno AM, Berney C, Pawlowski J, Baldauf SL (2005). „higher-order phylogeny of plasmodial slime molds (Myxogastria) based on elongation factor 1-A and small subunit rRNA gene sequences“. J. Eukaryot. Microbiol. 52 (3): 201–10. doi:10.1111/j.1550-7408.2005.00032.x. PMID 15926995.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. 3,0 3,1 3,2 Sina M. Adl, Alastair G. B. Simpson, Mark A. Farmer, Robert A. Andersen, O. Roger Anderson, John A. Barta, Samuel S. Bowser, Guy Brugerolle, Robert A. Fensome, Suzanne Fredericq, Timothy Y. James, Sergei Karpov, Paul Kugrens, John Krug, Christopher E. Lane, Louise A. Lewis, Jean Lodge, Denis H. Lynn, David G. Mann, Richard M. McCourt, Leonel Mendoza, Øjvind Moestrup, Sharon E. Mozley-Standridge, Thomas A. Nerad, Carol A. Shearer, Alexey V. Smirnov, Frederick W. Spiegel, Max F. J. R. Taylor: The New Higher Level Classification of Eukaryotes with Emphasis on the Taxonomy of Protists. The Journal of Eukaryotic Microbiology 52 (5), 2005; S. 399-451 (Abstract und Volltext[мртва врска])
  4. 4,0 4,1 ISBN: 0881924393
  5. 5,0 5,1 ISBN: 0881924393
  6. Uno H. Eliasson: Myxomyceten auf lebenden Blättern im tropischen Regenwald Ecuadors; eine Untersuchung basierend auf dem Herbarmaterial höherer Pflanzen In: ISBN: 3854740565