Писмо од непозната жена (филм од 1948)

Писмо од непозната жена — (англиски: Letter from an unknown woman) - американски филм од 1948 година, во режија на Макс Офилс (Max Ophüls) по сценариото на Хауард Кох, засновано врз истоимениот расказ на Штефан Цвајг. Главните улоги ги толкуваат: Џоан Фонтејн (Joan Fontaine), Луј Журден (Louis Jourdan), Мејди Кристијанс (Mady Christians), Марсел Журне (Marcel Journet), Арт Смит (Art Smith), Ерскин Санфорд (Erskine Sanford), Бети Блајт (Betty Blythe), Селија Ловски (Celia Lovsky), Џон Гуд (John Good), Соња Брајден (Sonja Bryden), Лео Б. Песин (Leo B. Pessin), Вотсон Даунс (Watson Downs), Керол Јорк (Carol Yorke) и Хауард Фримен (Howard Freeman). Филмот, кој е најуспешното остварување на Офилс, претставува стилизирана, емотивна и сугестивно режирана приказна за „проклетата љубов“. Во него, Офилс на совршен начин, максимално скрупулозно и педантно му пристапува на расказот на Цвајг. Иако не е потпишан, Офилс соработувал со Хаурад Кох на сценариото при што двајцата успеале расказот да го претворат во раскошна холивудска мелодрама која се одликува и со фасцинантна фотографија (дело на Франц Планер), одлична музика на Даниел Амфитеатроф и одлична глума.[1]

Синопсис

уреди

Додека лежи тешко болна, Лиза Берндл (ја игра Фонтејн) му пишува писмо на пијанистот Стефан Бранд (го игра Журден). Стефан само што пристигнува во својот дом и се подготвува да побегне, зашто утредента го очекува двобој. Во писмото, таа ја опишува својата голема љубов кон него. Додека Лиза живеела во Виена како тинејџерка, во нејзината зграда се доселил пијанистот Бранд и таа се заљубила во него на прв поглед. По некое време, нејзината мајка се премажила и Лиза била принудена да се пресели во Линц каде ја одбила брачната понуда од офицерот Леполод фон Култнегер (го игра Гуд). Потоа, таа се преселила во Виена, каде се вработила како манекенка во моднито салон на мадам Спицер (ја игра Брајден). Една вечер, таа конечно се сретнала со Стефан, кој не ја препознал, и тие ја поминале ноќта заедно. Утредента, тој заминал на турнеја во Милано, ветувајќи дека ќе се врати по две недели, но не го исполнил ветувањето. Лиза останала бремена и родила син, но не го известила Стефан, а девет години подоцна се омажила за дипломатот Јохан Стауфер (го игра Журне). Една вечер, таа повторно го сретнала Стефан, но тој повторно не ја препознал. Лиза го посетила во неговиот дом, сакајќи да му каже за синот, но во последен миг го напуштила станот. Набргу, нејзиниот син умрел од тифус, а потоа се разболела и таа. Пред да умре, Лиза решила да го напише писмото до Стефан. Дури откако го чита писмото, тој се сеќава на сите заеднички моменти со Лиза, а потоа заминува на двобојот.

Наводи

уреди