Пиратите од Карибите: Проклетството на црниот бисер
„Пиратите од Карибите: Проклетството на црниот бисер“ (англиски: Pirates of the Caribbean: The Curse of the Black Pearl) — американски филм од 2003 година, во режија на Гор Вербински. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Џони Деп, Џефри Раш, Орландо Блум, Кира Најтли, Џек Девенпорт и Џонатан Прајс.[1] Во 2004 година, филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ во пет категории, а истата година ја освоил наградата на БАФТА во категоријата за најдобра шминка. Исто така, Џони Деп ја освоил наградата на МТВ (MTV Movie Awards) за најдобар глумец. Вкупно, филмот освоил 31 награда, а имал 93 номинации за разни награди.[2]
Содржина
уредиПиратите предводени од капетанот Џек Спероу украле ковчег со златници од времето на Ацтеките и поради тоа биле проколнати така што се претвораат во чудовишта. Од проклетството се спасил само Џек Спероу (го игра Деп), благодарение на тоа што неговиот прв помошник, Барбоса го глуми Раш), организирал бунт на бродот „Црниот бисер“, оставајќи го Спероу на еден пуст остров. Пиратите мора да го најдат синот на пиратот Вилијам Тарнер, кој го поседува последниот златник од ковчегот и чија крв може да го тргне проклетството. Затоа, тие напаѓаат една англиска тврдина и притоа, наместо синот на пиратот, ковачот Вил Тарнер (го игра Блум), по грешка ја заробуваат ќерката на гувернерот на тврдината, елизабет (ја игра Најтли). Истовремено, во тврдината е затворен Спероу, но него го ослободува ковачот Тарнер, со цел да го однесе на островот каде се кријат пиратите. Спероу и Тарнер успеваат да украдат брод, а потоа наоѓаат и морнари и одат на островот. Таму, пиратите пролеваат крв од Елизабет, но не успеваат да ја поништат магијата. Тарнер ја спасува саканата девојка, но го остава Спероу на милоста на пиратите. За кратко време, пиратите повторно го заробуваат бродот на којшто се наоѓаат Тарнер, Елизабет и морнарите при што ги оставаат Елизабет и Спероу на пуст остров.
Сепак, таму пристигнува брод на англиската морнарица и Елизабет и Спероу се спасени. Тогаш, Елизабет бара од капетанот на бродот, Норингтон (го игра Девенпорт) да тргне во потрага по Тарнер, ветувајќи дека ќе се омажи за него. Така, англиската војска оди на островот каде се кријат пиратите на Барбоса. Таму, Спероу со лукавство успева да украде еден златник од проклетото богатство, со што станува бесмртен, а потоа го убива Барбоса, додека англиската војска ги убива останатите пирати. Кога се враќаат во тврдината, Спероу е осуден на смртна казна, но од самата бесилка го спасува Тарнер. Спероу успева да избега, а Елизабет признава дека го сака Тарнер, отјкажувајќи ја свршувачката со Норингтон.[3]