Пат околу светот за 80 дена (филм од 2004)
„Пат околу светот за 80 дена“ (англиски: Around the world in 80 days) — американски филм од 2004 година, во режија на Френк Кораси. Главните улоги ги играат: Џеки Чен, Стив Куган, Сесил де Франс и Џим Бродбент, а во споредни улоги настапуваат и Арнолд Шварценегер, Овен Вилсон, Кети Бејтс, Џон Клиз и самиот режисер. Филмот е „добитник“ на две награди за најлош филм и за најлош спореден глумец, а имал уште две други такви номинации.[1]
Синопсис
уредиФилеас Фог (го игра Куган) е ексцентричен англиски пронаоѓач, кој сонува да измисли машина со која ќе може да лета. Претседателот на Кралската академија, лордот Келвин (го игра Бродбент) го предизвикува на опклада која Фог ја прифаќа, со цел да докаже дека може да го заврти светот за 80 дена. Тој заминува на пат со својот слуга, Кинезот кој се претставува како Паспарту (го игра Чен), а кој од Банката на Англија ја украл статуата на Буда, со намера да ја врати во своето село во Кина. Најпрвин, Фог и Паспарту одат во Париз, каде ја запознаваат младата сликарка Моник ла Рош (ја игра де Франс), која им се придружува во патувањето. Потоа, тие заминуваат во Истанбул, каде се принудени да му бидат гости на нарцисоидниот принц Хапи (го игра Шварценегер), кој сака да ја земе Моник за жена, но Паспарту и Фог успеваат да ја спасат. Во Индија, Паспарту ѝ го открива својот вистински идентитет на Моник, кажувајќи ѝ дека мора да заминат во Кина за да ја врати статуата на Буда. Истовремено, нив ги напаѓа една кинеска банда која сака да им ја одземе статуата. Сепак, тие успеваат да стигнат во селото на Паспарту, а таму Фог дознава дека е измамен и сам заминува за Сан Франциско, каде е орграбен и мора да живее како просјак. Меѓутоа, Паспарту и Моник доаѓаат по него и го извлекуваат од бедната положба, а додека патуваат низ пустината, тие ги среќаваат браќата Рајт, кои им ги покажуваат своите нацрти на авионот. Во Њујорк, тројцата патници во последне миг се качуваат на брод, а додека пловат кон Англија, од материјалите на бродот конструираат авион и успеваат да слетаат точно пред Кралската академија. Таму ги пречекуваат многу луѓе, членовите на Академијата, но и полицијата. Фог и Паспарту се обвинети како крадци, но тогаш пристигнува кралицата Викторија (ја игра Бејтс) која го спасува Фог. Така, тој ја добива опкладата, а лордот Келвин е разобличен за сите измами.[2]