Партија на доброто

Добра партија или Партија на доброто (на турски: İyi Parti или İYİ Parti) — националистичка, кемалистичка политичка партија во Турција, која има за цел да се надмине социјалната неправда со воспоставување на целесообразна социјална држава.[1] Партијата е формирана во 2017 година од Мерал Акшенер, која е сегашен лидер на партијата. Партијата се придржува до принципите и идеалите на основачот на Турција Мустафа Кемал Ататурк. Либерално-конзервативната Демократска партија е братска партија на Партијата на доброто. Тамгата на племето Каји се користи како ознака на партијата.[2]

Лого на Партијата на доброто

Партијата следи центристичка политичка идеологија и става посебен акцент на враќање на парламентарниот систем и интегритетот на судството и другите институции. Партијата е опишана како антиердоганистичка алтернатива за десничарските гласачи кои се разочарани од Партијата на националистичката акција и владејачката Партија на правдата и развојот.

Партијата е формирана од истакнати поранешни членови на најголемите етаблирани партии во Турција, главно од Партијата на националистичката акција и главната опозициска Републиканска народна партија. Планови за формирање нова партија се појавиле меѓу истакнати членови кои ја напуштиле Партијата на националистичката акција поради гласањето на партијата за опцијата „за“ на контроверзниот уставен референдум во 2017 година и неуспешниот обид за соборување на лидерот на партијата.[3]

Партијата на доброто брзо освоила пет членови на Големото национално собрание кои првично биле избрани за други партии, и бројни членови на покраински и општински совети кои исто така ги напуштиле своите поранешни партии.[4] Во 2018 година, во пресрет на општите избори, дополнителни 15 пратеници од Републиканската народна партија преминале во Партијата на доброто со заеднички договор меѓу двете партии. Ова требало да ѝ овозможи на Партијата на доброто да формира парламентарна група која ќе има право да кандидира претседател без да собира потписи и да настапува независно.[5]

Партијата на доброто учествувала во изборната коалиција Сојузот на нацијата, заедно со Републиканската народна партија, Партијата на радоста и Демократската партија, на партламентарните избори во 2018 година, освојувајќи 43 места во Големото национално собрание. Партијата котира високо и е во пораст.[6]

Наводи

уреди
  1. „İYİ Parti Programi“ (PDF). 25 октомври 2017.
  2. „Meral Akşener'in partisinin ismi Kayı Boyu'ndan mı esinlenildi?“. www.hurriyet.com.tr (турски). Посетено на 7 февруари 2021.
  3. Winter, Chase. „Turkish nationalists form new party challenging Erdogan“. Дојче Веле (англиски). Посетено на 7 февруари 2021.
  4. „MHP'li meclis üyesi partisinden istifa edip, İYİ Parti'ye geçti“. www.birgun.net.
  5. Başaran, Rıfat. „CHP'den 15 milletvekili İYİ Parti'ye geçti“. Hürriyet. Посетено на 22 април 2018.
  6. „The struggle for Meral Akşener“. James in Turkey (англиски). 17 ноември 2020. Посетено на 7 февруари 2021.

Надворешни врски

уреди