Панетиј (грчки: Παναίτιος; околу 185 п.н.е. — околу 110/109 п.н.е.) — старогрчки философ, припадник на стоицизмот.

Животопис

уреди
 
Панетиј, прикажан како средновековен мислител во „Нирбершката хроника“

Панетиј бил по потекло од Линд, на островот Родос. Тој бил најстариот син на Никагора, дорски свештеник. Неговото семејство уживало висок углед истакнувајќи се во борбите и во спортот. Pресудно влијание во неговиот живот имале престојот во Рим и познанството со повеќе влијателни Римјани, а особено со Гај Лелиј и со неговиот пријател Публиј Корнелиј Скипион (Скипион Африканецот Помладиот. Кога во 146 п.н.е., Скипион заминал на пат на Истокот за да ги испита политичките прилики, Пенетиј му се придружил повеќе од една година тие патувале низ Египет, Сирија, Пергам, Хелада и Родос. Подоцна, меѓу 142 п.н.е. и 140 п.н.е., во станот на Скипион, Панетиј се среќавал со историчарот Полибиј, кој се одликувал со оригинални сфаќања за историската нужност од римската власт над тогашниот свет. Панетиј уживал голем углед кај римската аристократија (на пример, Цицерон го нарекува vel princeps eius, sc. Stoicae disciplinae и gravissimus Stoicorum) за која тој и Скипион биле пример на пријателство меѓу државниците и философите. Последните години од животот, Панетиј престојувал делумно во Рим а делумно во Атина, но најпосле се преселил во Атина.[1]

Творештво

уреди

Панетиј бил најистакнатиот ученик на Антипатар од Тарс (кого го наследил како схоларх) и со него почнува средниот период на стоичката школа. Освен Антипатар, Панетиј ги слушал во Пергам предавањата на Кратет од Мал, а подоцна во Атина го слушал Диоген. Притоа, освен списите на стоичката школа, тој ги познавал и другите философски учења така што Цицерон за него напишал: „Semper habuit in ore Platonem, Aristotelem, Xenocraten, Theophrastum, Dicaearchum, ut ipsius scripta declarant“ (De fin. IV 28, 79). Во Рим, заедно со неговиот соработник Гај Блосиј, Панетиј го раширил стоицизмот. Во последните години од животот, Панетиј се вратил во Атина каде му помагал на остарениот Антипатар во наставата, а по неговата смрт станал управник на стоичката школа. Најважното дело на Панетиј било „За она што доликува“ (πерί τού καυήκοντος) во кое, според Цицерон, „sine controversia de oficiis accuratissime disputavit“ (De off. III 2, 7) и кое Цицерон слободно го преработил во првата и втората глава од своето дело „За должностите“. Други поважни дела на Панетиј биле: „За евтимијата“, „За философските правци“, „За промислата“ и „За Сократ и сократовците“. Фрагментите од делата на Панетиј ги објавил H. N. Fowler во 1885 година. Исто така, Панетиј оставил поголем број ученици и следбеници, како: Квинт Мукиј Скевола, Г. Фаниј, П. Рутилиј Руф, Л. Елиј, М. Вигелиј, Сп. Мумиј, Секст Помпеј, Л. Лукилиј Балбо, Мнесарх од Атина, Хекатон од Родос, Дардан од Атина, Дионисиј од Кирена, а најпознат меѓу нив бил Посидониј (135 п.н.е. — 51 п.н.е.), кој ја основал познатата стоичка школа на Родос во која учеле многу познати Римјани (Помпеј, Цицерон итн.).[2]

Литература

уреди
  • H. N. Fowler, Panaetii et Hecatonis librorum fragmenta, Bonnae, 1885, Diss.

Наводи

уреди
  1. Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 9-12.
  2. Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 9-12.