Очноодводен живец

(Пренасочено од Очноодводен нерв)

Очноодводен живец (лат. nervus abducens) ― шести черепен (капитален) живец (CN VI), кој го контролира движењето на латералниот рамен мускул (musculus rectus lateralis bulbi), одговорен за латерално движење на очното јаболко (абдукција). Спаѓа во соматски еферентни нерви.

Очноодводен живец
Патот на очноодводниот живец
Инфериорен поглед на човечкиот мозок, со обележани черепни живци.
Податоци
Одјадро на очноодводен живец
Надразнувалатерален рамен мускул
Назнаки
Латинскиnervus abducens
TAA14.2.01.098
FMAFMA:50867

Структура

уреди
 
Кливус

Очноодводниот живец го напушта мозочното стебло на спојното место меѓу мостот и продолжениот мозок,[1] медијално во однос на лицевиот живец. Се движи нагоре и напред од оваа позиција за да стигне до окото.

Тој влегува во субарахноидалниот простор по излезот од мозочното стебло. Се движи нагоре помеѓу мостот и кливусот, а потоа ја пробива тврдата мозочница (dura mater) за да се движи помеѓу тврдата мозочница и черепот низ каналот на Дорело. На врвот на пирамидалниот дел на слепоочната коска (pars petrosa ossis temporalis) прави нагло свртување напред за да влезе во кавернозниот синус (sinus cavernosus).[1] Во кавернозниот синус се наоѓа заедно со внатрешната каротидна артерија (arteria carotis interna). Потоа влегува во очната празнина преку горната пукнатина на очната празнина (fissura orbitalis superior) и го инервира латералниот рамен мускул (musculus rectus lateralis bulbi).

Јадро

уреди
 
Аксијален пресек на мозочното стебло (мостот) на ниво на испакнатината на лицевиот живец.

Јадрото на очноодводниот живец се наоѓа во мостот, на подот на четвртата мозочна комора (ventriculus quartus), на ниво на испакнатината на лицевиот живец (colliculus facialis). Аксоните на лицевиот живец го заобиколуваат јадрото на очноодводниот живец, создавајќи мала испакнатина (colliculus facialis) која е видлива на дорзалната површина на подот на четвртата мозочна комора. Јадрото на очноодводниот живец е близу до средишната линија, како и другите моторни јадра кои ги контролираат движењата на окото (јадрата на очнодвигателниот и трохлеарниот живец).

Моторните аксони кои го напуштаат јадрото на очноодводниот живец минуваат вентрално и каудално низ мостот. Тие минуваат странично во однос на кортикоспиналниот пат (кој се протега надолжно низ мостот на ова ниво) пред да излезат од мозочното стебло низ спојното место меѓу мостот и продолжениот мозок.

Развој

уреди

Очноодводниот живец е изведен од базалната плоча на ембрионалниот мост.

Функција

уреди

Очноодводниот живец го снабдува латералниот рамен мускул (musculus rectus lateralis bulbi) на човечкото око. Овој мускул е одговорен за латерално движење на очното јаболко (абдукција).[1] Очноодводниот живец носи аксони од општиот соматски еферентен тип.

Клиничко значење

уреди

Оштетување

уреди
 
Ограничување на абдукцијата на десното око. Индивидуата се обидува да погледне кон десно, но десното око не успева да се придвижи настрана.

Оштетувањето на периферниот дел на очноодводниот живец резултира со двоен вид (диплопија), како резултат на неспротивставениот тонус на медијалниот рамен мускул. Засегнатото око е повлечено да гледа кон средната линија. Со цел да гледаат без двоен вид, пациентите обично ја вртат главата така што двете очи се насочени кон слепоочницата. Делумно оштетување на очноодводниот живец предизвикува слаба или нецелосна абдукција на засегнатото око. Диплопијата се влошува при обидите да се погледне странично.

Долгиот тек на очноодводниот живец помеѓу мозочното стебло и окото го прави ранлив на повреди на повеќе нивоа. На пример, фрактури на пирамидалниот дел на слепоочната коска (pars petrosa ossis temporalis) можат селективно да го оштетат живецот, како и аневризмите на интракавернозната каротидна артерија. Масовните лезии кои го туркаат мозочното стебло надолу, можат да го оштетат живецот така што го истегнуваат помеѓу точката каде што излегува од мостот и точката каде што се закачува над пирамидалниот дел на слепоочната коска.

Централната анатомија на шестиот живец правилно предвидува дека инфарктите што влијаат на дорзалниот дел од мостот на ниво на јадрото на очноодводниот живец, исто така, можат да влијаат на лицевиот живец (nervus facialis), давајќи ипсилатерална парализа на лицето заедно со парализа на латералниот рамен мускул. Анатомијата, исто така, правилно предвидува дека инфарктите кои го зафаќаат вентралниот дел од мостот можат истовремено да влијаат на шестиот живец и кортикоспиналниот пат, давајќи парализа на латералниот рамен мускул заедно со контралатерална хемипареза. Овие ретки синдроми се од интерес првенствено како потврди на анатомијата на мозочното стебло.

Други животни

уреди

Очноодводниот живец го контролира движењето на еден мускул, латералниот рамен мускул на окото. Кај повеќето други цицачи, овој живец исто така го инервира musculus retractor bulbi, кој служи да го повлече окото заради заштита. Нерви кои се хомологни на очноодводниот живец се среќаваат кај сите ’рбетници, освен кај Petromyzontiformes и Myxiniformes.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Susan Standring; Neil R. Borley; et al., eds. (2008). Gray's Anatomy: The Anatomical Basis of Clinical practice (40th ed.). Лондон: Churchill Livingstone. ISBN 978-0-8089-2371-8.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link) CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)

 Литература

уреди
  • Blumenfeld H. Neuroanatomy Through Clinical Cases. Sinauer Associates, 2002
  • Brodal A. Neurological Anatomy in Relation to Clinical Medicine, 3rd ed. Oxford University Press, 1981
  • Brodal P. The Central Nervous System, 3rded. Oxford University Press, 2004
  • Butler AB, Hodos W. Comparative Vertebrate Neuroanatomy, 2nd ed. Wiley-Interscience, 2005
  • Carpenter MB. Core Text of Neuroanatomy, 4th ed. Williams & Wilkins, 1991.
  • Kandel ER, Schwartz JH, Jessell TM. Principles of Neural Science, 4th ed. McGraw-Hill, 2000
  • Martin JH. Neuroanatomy Text and Atlas, 3rd ed. McGraw-Hill, 2003.
  • Patten J. Neurological Differential Diagnosis, 2nd ed. Springer, 1996.
  • Victor, M, Ropper, AH. Adam's and Victor's Principles of Neurology, 7th ed. McGraw-Hill, 2001.
  • Wilson-Pauwels L, Akesson EJ, Stewart PA. Cranial Nerves: Anatomy and Clinical Comments. Decker, 1998.

Надворешни врски

уреди