Отровни огледала
„Отровни огледала“ (српски: Отровна огледала) — расказ на српскиот писател Милорад Павиќ. Првобитно, расказот е објавен во 1979 година, како дел од збирката „Руски 'рт“.
Содржина
уредиВо 1930-тите, во Белград живеел ситниот службеник Иван Мијак. Кога се оженил со незавршена студентка по археологија, и тој се заинтересирал за старите работи и постепено станал познат и ценет проценувач на старини. Својата нова работа ја извршувал бесплатно, а тој воопшто не собирал стари предмети, со исклучок на еден табернакул со две огледала во кој пронашол необично писмо во кое се зборувало дека огледалата се отровни и дека можат да го убијат нивниот корисник. Тогаш, тој се сетил дека едно такво огледало има и во театарот. Во 1937 година, Иван се зближил со својот школски другар, Евреинот Кајим Нави, кој во една прилика му дал книга од Ленин. Набргу, Иван бил уапсен и бил принуден да работи како соработник на полицијата. По некое време, тој дознал дека бил наместен од Нави, кој подолго време работел за полицијата. Тогаш, Иван одлучил да го убие Нави со помош на отровните огледала. Успеал да му го продаде табернакулот на Нави, но кога тој почнал да ги отклучува фиоките по предвидениот редослед, опишан во писмото, наеднаш го удрил Иван. Така, тој сфатил дека Нави знае за тајната на огледалата и одлучил да го убие со нож. Еднаш, Иван отишол да гледа театарска претстава, а таму бил присутен и Нави. Иван излегол од салата, а Нави тргнал по него. Во ходниците на театарот, Иван го здогледал табернакулот со двете огледала, а Нави ја отворил и третата фиока. Бегајќи од него, Иван влегол во една темна соба и таму го убил Нави. Кога се вратил во салата, Иван разбрал дека претставата не завршила со вообичаениот крај, туку дека со нож бил убиен некој човек. Тогаш, Иван сфатил дека благодарение на моќта на двете огледала, сите гледачи го виделе убиството на Нави. Следниот ден, Иван посетил еден познат стаклар, кој му ја објаснил природата на огледалата. Потоа, тој се вселил во станот на Нави, а кога се пријавил во полицијата, таму му ги дале документите на Нави и го замолиле понатаму да работи користејќи го неговото име. Така, Иван почнал да се однесува како Евреинот Кајим Нави. Кога започнала војната, Иван открил дека Нави никогаш не работел во полицијата, па се прашувал кој бил човекот што го убил. Кога германската окупаторска власт започнала да ги депортира Евреите, Иван побарал да биде ослободен, тврдејќи дека тој не е Нави, меѓутоа германскиот офицер извадил огледалце и му покажал дека Иван Мијак во обратен редослед се чита како Кајим Нави.[1]
Наводи
уреди- ↑ Milorad Pavić, Ruski hrt i nove priče. Beograd: Književne novine, 1986, стр. 114-129.