Људмила Туришчева

советска гимнастичарка

Људмила Ивановна Туришчева (руски: Людми́ла Ива́новна Тури́щева; родена на 7 октомври 1952 г. во Грозни) — поранешна советска гимнастичарка која освоила девет олимписки медали за Советскиот Сојуз на Летните олимписки игри во 1968, 1972 и 1976 година.

Људмила Туришчева
Туришчева на Летните олимписки игри 1972
Лични податоци
Полно имеЉудмила Ивановна Туришчева
Роден(а)7 октомври 1952(1952-10-07)(71 г.)
Грозни, Руска СФСР, СССР
ЖивеалиштеКиев, Украина
Спорт
ЗемјаСССР СССР
СпортГимнастика
ТренерВладислав Расторотски

Кариера уреди

Туришчева започнала да се занимава со гимнастика во 1965 година, на 13-годишна возраст, а многу рано, уште од 1967 година започнала да се натпреварува за советската екипа. Тренирана од Владислав Расторотски (кој подоцна ги тренирал и Наталија Шапошникова и Наталија Јурченко), таа настапилa на Летните олимписки игри 1968 во Мексико непосредно по својот 16. роденден, каде го освоила златниот медал со советската екипа во екипниот повеќебој и завршила на 24. место во поединечниот повеќебој.

Две години подоцна Туришчева станала водач на советската екипа. Од 1970 до 1974 година таа доминирала на скоро секое големо меѓународно натпреварување, освојувајќи ги златните медали во повеќебој на Светските првенства во 1970 и 1974, на Европските првенства во 1971 и 1973 и на Светскиот куп во 1975 година. Таа се сметала за олицетворение на класичниот гимнастички советски стил: милост, елеганција, беспрекорна форма и силна техника.

На Летните олимписки игри 1972 во Минхен, Туришчева била фаворит за освојување на олимписките медали, но се нашла во сенка од ненадејната популарност на нејзината помлада колешка Олга Корбут. Сепак, Корбут немала успешна вежба на двовисинскиот разбој, со што олимписката титула во повеќебој и припаднала на Туришчева. Таа била помалку успешна во финалните дисциплини, квалификувајќи се за сите четири, но освојувајќи само сребрен медал во дисциплината партер и бронзен медал во прескок. Таа била една од првите гимнастичарки во историјата на меѓународните натпреварувања која за својата вежба на партер искористила две различни музички дела.

На Европското првенство 1975, Туришчева изгубила во повеќебојот, препуштајќи ја титулата на Надја Команечи, која исто така ги освоила златните медали во прескок, двовисински разбој и греда. Нејзината колешка, Нели Ким, го освоила второто место во повеќебој и златниот медал во партер. Сепак, Туришчева ја повратила својата форма, и на Светскиот куп во Лондон ги збришала конкурентките, освојувајќи ги сите пет златни медали, вклучувајќи го и повеќебојот.

Откако се мачела со повреда на грбот, Туришчева настапила на своите трети олимписки игри во Монтреал во 1976 година, освојувајќи го третиот златен медал со советската екипа. Во поединечниот повеќебој, таа го освоила бронзениот медал, зад Команечи и колешката Ким. Иако Туришчева загубила од Ким во дисциплините прескок и партер, таа сепак била подобра од Команечи, и ги освоила сребрените медали

Туришчева била позната по нејзината смиреност и ведро однесување додека се натпреварува. Во 1980 година, британскиот новинар Дејвид Хан за неа напишал, „таа никогаш не беше дрска како некои од нејзините конкурентки, но за спокојство таа беше главна“.[1] Ваквото однесување било илустрирано на Светскиот куп во 1975 година на Вембли во Лондон, кога скршена рачка која ги држела помошните кабли предивикала двовисинскиот разбој да падне на земја веднаш откако Туришчева ја завршила својата вежба. Поздравувајќи ги судиите, таа мирно го напуштила подиумот без да се сврти да погледне во скршената справа. На крајот таа победила во повеќебојот и на сите останати дисциплини. Години подоцна, таа за инцидентот изјавила дека во тој момент таа размислувала само за едно нешто – да ја заврши вежбата.[2] Нејзиниот тренер Владислав Расторотски за неа изјавил: „Људмила ќе се бори до смрт во секоја ситуација“.[3]

Туришчева исто така била позната по нејзините учтиво однесување. На Летните олимписки игри 1976, таа исчекорила околу подиумот за лично да и честита на победничката Надја Команечи и да се ракува со неа пред таа да го добие својот медал.[4]

Во 1977 година, таа се венчала со спринтерот Валериј Борзов кој бил двократен олимписки шампион од игрите во 1972 година. Таа била избрана за во женскиот технички комитет при Меѓународната гимнастичка федерација во 1981 година.[5] Таа останала вмешана во гимнастиката како тренер, меѓународен судија и како функционер во украинската гимнастичка федерација. Една од нејзините ученички била Лилија Подкопајева, која била олимписка шампионка во повеќебој од игрите во 1996 година.

Туришчева добила голем број признанија за нејзиниот придонес во гимнастиката, вклучувајќи го трофејот Жени во спорот кој го доделува Меѓународниот олимписки комитет. Во 1998 година таа била примена во Меѓународната гимнастичка куќа на славни.[6]

Људмила Туришчева е една од двете гимнастичарки (втората е Јелена Шушунова) кои во својата кариера имаат комплетирано гренд слем во повеќебој: освојувајќи го златниот медал во повеќебој на Олимписки игри, Светско првенство, Светски куп и Европско првенство.

Таа исто така била првата гимнстичарка која освоила четири златни медали на едно Светско првенство (на СП во 1974). Овој успех во 2014 година го повторила американката Симона Бајлс.

Наводи уреди

  1. Дејвид Хан (1980). The Complete Book of Gymnastics. London: Ward Lock Ltd. ISBN 99903-963-2-9.
  2. „And the steel was broken“. Olympic Panorama (3): 33–34. July–September 1990.
  3. „National Property“. Novaya sportivnaya gazeta. 2003-03-26.
  4. Comăneci, Nadia (2003). Letters to a young gymnast. New York: Basic Books. ISBN 0-465-01276-0.
  5. „Within International Federations“ (PDF). Olympic Review (162): 253. April 1981. Посетено на 2006-04-11.
  6. „LUDMILLA TOURISCHEVA“. International Gymnastics Hall of Fame. Посетено на May 12, 2007.

Надворешни врски уреди