Озимандија

(Пренасочено од Озимандиас)

Озимандија“ (англ. Ozymandias) е познат сонет напишан од англискиот романтичарски поет Перси Биш Шели и објавен во 1818. Често претставуван во низа антологии како еден од највисоките дострели на англиската поезија од XIX век, "Озимандија" е несомнено една од најпознатите песни на Шели.

Статуата на Рамзес II (Озимандија) во Британскиот музеј - инспирација за песната

Општи податоци за сонетот

уреди

Она што го истакнува „Озимандија“ како една исклучителна песна, не занемарувајќи ја тематиката, односно Шелиевото сфаќање за минливоста на моќта, е, пред сѐ, неговата виртуозна дикција и неговата специфична шема (АБАБАВГВ ДГДЃД). Со помош на овие два поетски елементи, едноставноста на изразот и честото прескокнување на стиховите од една во друга линија, Шели успева да го забави монологот на патникот, создавајќи атмосфера на празнотија и нарушена грандиозност. Ритамот, од друга страна, е јамбски пентаметар - класично прозодично средство кога е во прашање англиската поезија.

Напишан е во декември 1817 година и за првпат е објавен од страна на Ли Хант во списанието Examiner на 11 јануари 1818. Во 1819 година, во Шелиевата „Розалинда и Хелен“, каде што сонетот е препечатен, Шели го опишува „Озимандија“ како една од неколкуте недовршени поеми што ги оставив во Англија. Исто така, тој истакнува и дека песната е влезена во склопот на книгата само по барање на неговиот издавач. Всушност, без разлика на тоа што „Озимандија“ ужива огромна популарност кај љубителите на поезијата, дел од критичарите на делото на Шели често ја запрашуваат неговата литературна вредност. Харолд Блум, во една од поголемите студии за Шели - Shelley's Mythmaking (1959) („Шели: Создавање на митот“) воопшто и не ја споменува песната.

Оригинал и препев на македонски

уреди
OZYMANDIAS


I met a traveller from an antique land
Who said:—Two vast and trunkless legs of stone
Stand in the desert. Near them on the sand,
Half sunk, a shatter'd visage lies, whose frown
And wrinkled lip and sneer of cold command
Tell that its sculptor well those passions read
Which yet survive, stamp'd on these lifeless things,
The hand that mock'd them and the heart that fed.
And on the pedestal these words appear:
"My name is Ozymandias, king of kings:
Look on my works, ye mighty, and despair!"
Nothing beside remains: round the decay
Of that colossal wreck, boundless and bare,
The lone and level sands stretch far away.

Percy Bysshe Shelley

ОЗИМАНДИЈА


Од древна земја сретнав патник жив
кој рече: - Нозе две од камен тежок
в пустината се вишат. Близу нив,
во песок тоне здробен лик, чиј жежок
и збрчкан насмев зборува без здив
за вајарот кој страсти врежал в занес
во овој труп, кој некогаш без жал
со крв и срца човечки се хранел.
А долу, пишува на плоча една:
"Озимандија сум, над Кралевите - Крал,
со очај, моќнику, кон делата мои гледај!"
И ништо друго нема: само леко
крај овој кип што гние, песок бледа
се влече самотно кон бескрај некој.

Препеал: Виктор Јованоски

Теми

уреди
 
Падната статуа на Рамзес во Луксор

Песната разработува низа теми, како минливоста на моќта, постојаноста на уметноста и чудниот и контрадикторен однос меѓу уметникот и неговото дело.

Типично романтичарски, Шели, во „Озимандија“, дејството го сместува во еден егзотичен предел (Египет, односно пустината Сахара), обидувајќи се на тој начин да избега од реалноста - Египет, Индија и Кина биле често користени од страна на поетите во романтизмот како извор за современите митови. И иако Наполеон, како современ тиранин од епохата на Шели (кој само три години пред создавањето на песната е запрен кај Ватерло) како и за еден голем дел од романтичарите, може да е директна инспирација за создавањето на оваа поема, сепак „Озимандија“ има пошироко значење.

Оддалечувањето од реалноста е засилено и со воведувањето на патникот, чии зборови всушност ја создаваат песната. Структурата на епитафите, кои често започуваат со повик кон случајниот минувач (Патнику!), наоѓа свој специфичен одек преку внесувањето на вториот лик.

Анализа

уреди

Името Озимандија најверојатно се однесува на Рамзес II или Рамзес Велики, фараон од деветнаесеттата египетска династија. Самиот сонет претставува парафраза и е директно инспириран од наводниот напис на основата на статуата спомнат од страна на грчкиот историчар Диодор Сицилиски: "Крал над Кралевите сум јас, Озимандија. Ако некој сака да дознае колку сум возвишен и каде спијам јас, тогаш нека надмине некое од моите дела."[1]

Смислата на песната се содржи токму во зборовите на големиот фараон:"Озимандија сум, над Кралевите - Крал,|со очај, моќнику, кон мене гледај!" или во буквален превод од оригиналот:"Моето име е Озимандија, над Кралевите - Крал,|Погледни на моите дела, моќнику и очајувај!". Двојната иронија сместена во овие два стиха е многупати анализирана и разработувана.

Имено, и покрај наредбата на Озимандија, очајот кај „моќникот“ не треба да се јави поради тоа што делата на Озимандија го надживеале неговото име, туку токму поради тоа што ништо, освен еден „здробен лик“ и „кип што гние“ не останале од него. Судбината на моќникот ќе биде иста: заборав во песокот на времето. Од друга страна пак, и она што останало од Озимандија не е по негова заслуга, туку е по заслуга на вајарот.

Сонетот и археологијата

уреди

Во сонетот Шели истакнува дека Озимандија има „жежок и збрчкан насмев“. Всушност, ниту една од статуите на Рамзес досега пронајдени во Египет не можат да се опишат на овој начин. Фараонските лица секогаш се прикажани спокојни, смирени и без чувства.

Извори

уреди
  1. RPO Editors. „Percy Bysshe Shelley : Ozymandias“. University of Toronto Department of English. University of Toronto Libraries, University of Toronto Press. Архивирано од изворникот на 2006-10-10. Посетено на 2006-09-18.
  • Rodenbeck, John (2004). „Travelers from an Antique Land: Shelley's Inspiration for 'Ozymandias“. Alif: Journal of Comparative Poetics. 24 (Archeology of Literature: Tracing the Old in the New): 121–148.

Надворешни врски

уреди