„Непочин-поле“ (српски: Непочин-поље) — збирка песни на српскиот поет Васко Попа. За неа, Попа ја освоил Змаевата награда.

Содржина

уреди
 
Васко Попа, „Непочин-поље“. Београд: Просвета, 1963.

Збирката ги содржи следниве поетски циклуси:[1]

  • „Игри“ (српски: „Игре“), напишан во 1954 година,
  • „Коската на коските“ (српски: „Кост кости“), напишан во 1956 година,
  • „Врати ми ги моите крпчиња (српски: „Врати ми моје крпице“), напишан во 1955 година,
  • „Белкамен“ (српски: „Белутак“), напишан во 1951-1954 година,
  • „Ќеле-Кула“ (српски: „Ћеле-кула“)
  • „Сутјеска“

Изданија

уреди

Првобитно, збирката била објавена во 1956 година од „Матица српска“ во Нови Сад. Во 1963 година се појавило скратено издание на збирката (без „Сутјеска“ и „Ќеле-Кула“), објавено од издавачката куќа „Просвета“ од Белград (како 35. книга во рамки на библиотеката „Бразди“), а со предговор на Миодраг Павловиќ со наслов „Од каменот до светот“ (српски: Од камена до света).[1]

Критички осврт кон збирката

уреди

Во својот осврт, српскиот поет Миодраг Павловиќ истакнува дека книгата може повеќе да се опише како збирка од поетски циклуси наместо како збирка песни. Притоа, поетските циклуси од оваа книга стојат во поблиска или подалечна врска со оние од првата книга на Попа, „Кора“ (1953), така што понекогаш се чини дека во „Кора“ се прелудирани сите циклуси од „Непочин-поле“. На пример, импресивната космологија на циклусот „Балкамен“ е зачната во циклусот „Список“ од првата збирка на Попа, дијалошката алегорија „Коската на коските“ е претскажана во два стиха од песната „На масата“, додека циклусот „Игри“ поминал низ претходниот оган на „Опседната ведрина“. Така и е и со историските циклуси „Ќеле-кула“ и „Сутјеска“, кои се надоврзуваат на „Исправна земја“ од првата збирка.[2]

Во циклусот „Белкамен“, Попа го претставува белкаменот како камен-суштество кое личи на човекот, на свеста и на силата на животот. Иако со своите состојби, белкаменот постојано ни дава слика на човечката егзистенција, тој не е никаква алегорија и не може да се иссцрпи со ниеден збор. Тој е необично, самостојно космичко суштество, комично и мудро, и своја сопствена причина. Неговиот пат постојано го следат искушенија, а тој се лизга по работ на уништувањето,а најголем копнеж му предизвикува неговата спротивност - сината бескрајност. Во копнежот за таа средба, белкаменот сака да излезе од себе и така ја доживува критичната точка во својата дијалектика: тој станал уметник.Во циклусот „Коската на коските“, интересот на Попа е насочен кон историјата на коските при што низ седум разговори следиме што се случува со еден пар коски од мигот кога тие станале самостојни суштества надвор од целината на телото. Притоа, нè воодушевува нивната гордост во апокалиптичниот самрак, но нивното самозадоволство набргу станува комично и на крајот завршува како ништожност. Но, нивниот краткотраен револт ги освојува нашите симпатии, зашто тие го саботираат споменот на своејот поранешен сопственик - телото. Всушност, однесувањето на коската е поврзано со она на белкаменот: освен тоа што двете се антропоморфни, секој нивни гест има и езотерна смисла. Според Попа, целото космичко движење се сведува на игра, но неговата визија воопшто не е идилична. Збирот на параграфите на таа игра е даден во циклусот „Игри“ во кој сè учествува во неколку типски игри. Притоа, играта претставува стилизирана убавина на човечкото однесување која е цел на самата себеси. Реквизитите во овој циклус нè потсетуваат на детството, на уличното и пасторалното, на народните обичаи. Тие игри се поетски ритуал на расчинувањето кое води кон најдалбоко спознавање на себеси. На тој начин, неговите „Игри“ се трагедија во класичната смисла на зборот, глума на стремежот и глума на ужасот кој чека на крајот од стремежот. Меѓутоа, во „Непочин-поле“ е изместен класичниот распоред на фазите на трагичните емоции, и то ане по формалниот распоред, на кој Попа воопшто не инсистира, туку по тоа што разните степени на искуството се вградени еден во друг. Така, во историските медитации „Ќеле-Кула“ и „Сутјеска“ откриваме дека за Попа сè почнува со страдањето, со трагичната катастрофа, а дури потоа доаѓа сознанието за човечката судбина, размислувањето за животот и стремежот кој неограничено се проектира во просторот и во иднината. Основната порака на поетските слики на Попа, засновани врз хуманистичкиот активизам и револтот, е дека човекот треба да тргне во дејство и да ја прифати борбата на полето во кое нема починка при што целите не се важни, зашто самата борба носи свои цели.[3]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963.
  2. Миодраг Павловић, „Од камена до света“, во: Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963, стр. 20-22.
  3. Миодраг Павловић, „Од камена до света“, во: Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963, стр. 22-28.