Небиднина - поетска збирка на Ацо Шопов, првобитно објавена во 1963 година.

Прво издание на Небиднина, 1963 година

Содржина

уреди

Збирката се состои од песни, поделени во три циклуси:[1]

  • Молитви на моето тело, со следниве песни: „Раѓање на зборот“, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, „Втора молитва на моето тело“, „Трета молитва на моето тело“, „Четврта молитва на моето тело“, „Петта молитва на моето тело“, „Шеста молитва на моето тело“, „Седма молитва на моето тело“, „Осма молитва на моето тело - или кој ќе ја смисли таа љубов“, „Деветта молитва на моето тело“, „Десетта молитва на моето тело“ и „Последна молитва на моето тело“.
  • Купувачи на старо, со песните: „Старо купувам“ и „Романтично бегство“.
  • Песната и годините, со песните: „Долго живеам на ова место“, „Лузна“, „Има долу една крв“, „Квечерина“, „Очај пред тврдината“, „Небиднина“ и „Песната и годините“.

Изданија на книгата

уреди

Првобитно, збирката била објавена во 1963 година од издавачката куќа „Кочо Рацин“. Во 1967 година, таа била објавена и од издавачката куќа „Македонска книга“, во рамките на едицијата „Наша современа поезија“. Ова издание било отпечатено во графичкиот завод „Гоце Делчев“, во Скопје, во август 1967 година, во тираж од 1.000 примероци. Технички уредник и автор на корицата е Коста Бојаџиевски, а коректурата ја извршила Вера Арсова.[2] Подоцна, „Македонска книга“ објавила уште неколку изданија на збирката, и тоа: во 1970, 1971, 1974 и 1976 година.

Осврт кон делото

уреди

Во 1963 година, збирката „Небиднина“ претставувала голема новост на македонската поетска сцена и извршила големо влијание врз развојот на современата македонска поезија. Во неа, според Георги Старделов [3], „Шопов прави досега најрадикален и најдлабок обид да се нурне и да се усидри до најдлабокото дно на самиот себеси. Во ‘Петтата молитва на моето тело’, тој ја екстрахира оваа мисла во вид на едно самопрашање кое гласи: Каде потаму во мене?, прашање кое како веднаш да се става во прилог на самоисповедничкиот и лирско-интроспективниот пристап кон оваа поезија, зашто сондата до себе е на самото дно поетово. […] Сфакајќи ја поезијата како потрага по себе, пoeтoт забележува и открива во тоа себе веќе нешто што ја надминува неговата сушност и неговиот ентитет. Така на дното од своето битие тој го открива небитието воопшто, човековото.“ За Душко Наневски [4],„Со оваа збирка Шопов го донесе она што го бараа многумина: го идентификува трагичното чувство на Небиднината како димензија на нашето постоење“. Зоран Константиновиќ[5] смета дека „Небиднина, како метафора, ја содржи онаа противречност поврзана со човечкото постоење што се состои во постојаното проширување на хоризонтите на благородното, убавото и вистинското, а едновремено во сè поголемото оддалечување од истиве хоризонти.“ „Со ‘Небиднина’ и 'Гледач во пепелта' Шопов мошне смело забразди во пошироките духовни национални и универзални координати“, забележува Раде Силјан[6]. „Тргнувајќи речиси секогаш од конкретен повод, настан, средба, личност и судба на песната ѝ даде притаен интимен печат, а во тој контекст своите поетски пораки ги воздигна во сферата на нагласениот социјален поетски призвук. Во овие најуспешни поетски остварувања својата препознатлива и јасно фундирана поетска мисла поетот ја зацврсти, вообличи, догради, осмисли и вешто ја модулира во автохтони целости, неодминливи во нашата литература.“ „Во самиот наслов на поетската збирка 'Небиднина', објавена во 1963 г. како и во петоделната, истоимена песна, Шопов инаугурира еден не само поетски, ами и филозофски неологизам, со негативен предзнак: не-биднина, етимолошки гледано: она што не постои, небитие, ништотност“, пишува Елизабета Шелева[7]. „Меѓутоа, во филозофските елаборации, небиднина не е само 'против-поим на битието', туку и нужен, комплементарен елемент, според некои филозофи, дури и идентичен со чистото битие, поради неодреденоста, загадочноста, сеопфатноста, како нивни заеднички особини. Со други зборови, Шопов во нашата литература, за прв пат, внесува една иманентна онтолошка категорија што во еден поетски вообличен и повеќеслоен начин ја разоткрива објективацијата на битието како неприсутно, незададено, неодредено, просто како неможност-да-се биде.“ Самиот автор, Ацо Шопов[8], изјавува дека Небиднината ја сфаќа како „остварување низ неоствареност”. „До тоа сознание не дојдов наеднаш и свесно, туку тоа е разултат на моето поетско искуство, до кое јас со секоја песна се доближувам. Конечното доближување, конечното свесно откривање на небиднината се наоѓа во истоимента збирка.“

Наводи

уреди
  1. Ацо Шопов, Небиднина. Скопје: Кочо Рацин, 1963.
  2. Ацо Шопов, Небиднина. Скопје: Македонска книга, 1967.
  3. Георги Старделов, „Небиднина или лирската медитација на Aцо Шопов“, Современост, 1964, XIV, 6, стр. 599-606.
  4. Душко Наневски, „Поговор“, во Ацо Шопов, Небиднина. Скопје: Македонска книга, 1970 и 1974 година
  5. Зоран Константиновиќ, „Небиднина : прилог проблему уметничког транспоновања једне лирско-филозофске метафоре”, во  Прилози МАНУ : Одделение за лингвистика и литературна наука, 1977, ІІ, 1-2, стр. 109-114.
  6. Раде Силјан, „Светот на интимата и небиднината“, во: Пронајден облик. Скопје, Македонска книга, 1986; во: Ацо Шопов, Избор од поезијата. Скопје: Македонска книга, 1987; и во: Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 11-14.
  7. Елизабета Шелева, „Oд Eрос кон Eидос (Небиднината како метафизички квалитет во поезијата на Ацо Шопов)“, Спектар, 1993, год. 11, бр. 21-22, стр. 113-124.
  8. Ацо Шопов,„Писателот пред дванаесет прашалници”, Развиток, година XVII, бр. 2 март-април 1979, стр.141-144.