Методија Котевски
Методија Котевски (17 јануари 1923 — 19 март 2014) — македонски воен генерал, учесник во македонската народноослободителна борба.
Животопис
уредиМетодија Котевски е роден во 1923 г. во Скопје. Во 1941 година завршува гимназија. Од мај 1943 година, за време на Втората светска војна, учествува во Народноослободителната војска на Македонија. Учествува во Дванаесеттата македонска ударна бригада, позната и како Скопска ударна бригада, од нејзиното основање на 12 септември 1944 година, од кога е и нејзин политички комесар. Претходно е помошник на комесар на одред. Во 1944 година се стекнува со чин мајор.
По ослободувањето продолжува со служба во Југословенската народна армија (ЈНА), служејќи во гарнизоните во Валандово, Струмица, Белград, Скопје и Бања Лука. Во првите години по војната, од 1945 до 1949 година е инструктор во дивизиска болница. Од 1949 до 1951 година работи како уредник на весник во Четвртата управа на Генералштабот на ЈНА, при што во 1950 година е унапреден во чин потполковник. Од 1951 до 1954 година е началник на 3. воена област. Во 1954 година ја завршува Високата воена академија на ЈНА. Од 1954 до 1955 година е началник на одделение во Управата за морално-политичка работа на ЈНА, од 1955 до 1960 година е началник на висок курс за морално-политичко воспитување, при што во 1957 година е унапреден во чин полковник, а од 1960 до 1964 година е помошник на командантот за морално-политичко воспитување на военото подрачје Бања Лука. Во 1964 година завршува генералска школа во Советскиот Сојуз. Од 1964 до 1969 година работи како наставник на катедрата за артилерија на Високата воена академија на ЈНА, при што во 1967 година е унапреден во чин генерал-мајор. Од 1969 до 1971 година ја извршува должноста секретар на конференција на Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ) при Југословенската народна армија. Од 1971 до 1974 година е началник на Управата за територијална одбрана и цивилна заштита при Државниот секретаријат за народна одбрана. Од 1974 до 1977 година е помошник на заменик-началникот на Генералштабот за територијална одбрана, при што во 1975 година е унапреден во чин генерал-потполковник. Од 1977 до 1979 година е директор на Дирекцијата за управување со воено-станбениот фонд на ЈНА. Во 1979 година е именуван за помошник на главниот инспектор за територијална одбрана и цивилна заштита и останува на таа должност до неговото пензионирање во декември 1981 година. Во текот на неговата воена кариера е одликуван со повеќе југословенски ордени, а во 1981 година е одликуван и со советскиот Орден на руското црвено знаме.
Одликувања и признанија
уреди- Забелешка: Списокот на одликувања и признанија може да не е целосен.
- Орден за храброст (1945)
- Орден на Партизанската ѕвезда со пушки (1947)
- Орден на братството и единството (1947)
- Орден за заслуги за народ со сребрени зраци (1948)
- Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда (1952)
- Орден за воени заслуги со златни мечеви (1971)
- Орден на Народната армија со ловоров венец (1977)
- Орден на руското црвено знаме (1981)
Библиографија
уреди- Забелешка: Библиографскиот список може да не е целосен.
- Котевски, Методија (1969). Скопската бригада: Дванаесеттата македонска народноослободителна бригада. Београд: Народна армија.
- Методија, Котевски; Митровски, Боро (1995). Трета македонска народноослободителна ударна бригада. Куманово: Одбор на Сојузот на борците на Народноослободителната и антифашистичка војна на општина Куманово.
Наводи
уреди- Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (второ. изд.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 172–175.