Маркус Стјуарт
Вилијам Маркус Пол Стјуарт (роден на 7 ноември 1972 година во Бристол), попознат како Маркус Стјуарт, е поранешен англиски фудбалер кои играл како напаѓач за време на неговата активна дваесетгодишна кариера, од 1991 до 2011 година. Тој во моментов е вработен како тренер за развој на младите играчи во клубот од четвртата Англиска лига, Бристол Роверс.
Стјуарт има одиграно над 500 официјални натпревари и постигнал повеќе од 250 голови во својата професионална кариера и имал забележителен придонес за време на неговите престои во Премиер лигата со екипите на Ипсвич Таун и Сандерленд, и бил втор стрелец во Премиерлигата во сезоната 2000-01 со постигнати 19 голови, 4 помалку од првиот стрелец Џими Флојд Хаселбенк. Тој исто така играл за екипите на Бристол Роверс, Хадерсфилд Таун, Бристол Сити, Престон Норт Енд , Јовил Таун и Ексетер Сити.
Иако никогаш не добил повик за настап во репрезентацијата на Англија, многумина сметале дека тој заслужува да добие шанса откако бил најдобар англиски стрелец во Премиерлигата во сезоната 2000-01. По завршувањето на својата кариера, Стјуарт признал дека единственото нешто за кое жали во својата кариера е токму тоа што не добил шанса во репрезентацијата на Гордиот Албион.