Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста
Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста — македонска епска песна за Крале Марко.
Содржина
уредиКрале Марко ја прашува мајка си за оружјето и коњот на неговиот покоен татко, а таа му кажува дека Волкашин јавал кобила, која по неговата смрт шета слободна покрај едно езеро. Марко ја наоѓа кобилата и сака да ја скроти, но таа се фрла во езерото. Тогаш, Марко го брка нејзиното тригодишно ждребе, кое се обидува да се ослободи и затоа, исто така, се фрла во езерото, но не успева да го фрли Марко од својот грб. Така, Марко го скротува ждребето и си заминува во Варош, а по ждребето поаѓа и кобилата. Кога се враќа дома, Марко дознава од мајка си дека Волкашин имал побратим во Солун, кој му го поткововал коњот и му ја точел сабјата.
Едно утро, Крале Марко оди во Солун да го бара побратимот на Волкашин, Јано ковенџија, кој токму тогаш прави две свадби: го жени синот и ја мажи ќерката. Марко го моли Јано да му го поткова коњот Шарец, но Јано го одбива поради зафатеност околу свадбата. Тогаш, лутиот Марко ја крши портата со боздоганот, така што Јано го замолува да почека една недела, додека да заврши свадбата. Марко се согласува и ја повикува снаата на Јано за таа да го послужи со вино, а тој да ѝ даде подарок. Марко испива многу вино, а тоа го гледа ќерката на Јано, убавата Ангелина, која му се потсмева, нарекувајќи го пијаница. Разлутениот Марко бара од Јано да ја викне Ангелина за да ѝ даде свадбен подарок.
Ангелина ја соблекува невестинската облека и доаѓа да му бакне рака на Марко, кој ѝ дава три дукати, но потоа ја грабнува и бега кон дома. Патем, Ангелина пее песна во која го повикува зетот од Краина да ја спаси. Тој ја слуша тажната песна, го оседлува коњот и тргнува во потера по Марко. Бегајќи, Марко стигнува до Галичка Река, која е надојдена, така што Марко се плаши да ја премине. Тогаш, Шарец го утешува, советувајќи го Марко да ги запре со копјето дрвјата и камењата во реката, а тој безбедно ќе го пренесе на другата страна. Кога зетот на Ангелина пристигнува до реката, Марко ги пушта дрвјата и камењата, кои му го попречуваат патот на неговиот противник. Во знак на благодарност, Марко го брише коњот со марама и го бакнува во челото, ја носи невестата дома, каде ги пречекува мајка му. Потоа, тие прават свадба, која трае три недели, во присуство на бројни гости, а венчавката се одржува во манастирот „св. Архангел Михаил“ во Варош.[1]
Наводи
уреди- ↑ Јунак над јунаци - епски песни за Марка Крале, Култура, Скопје, 1967, стр. 16-25.