Марко Атанасов Мушевич — македонски национален деец, општественик и иконописец од XIX и почетокот од XX век. Член на санктпетербуршкото Македонско научно-литературно другарство на Димитрија Чуповски, и потписник на неколку молби и повици за отворање македонски училишта (каде македонските деца би се образувале на македонски јазик).[1][2]

Бил и сомисленик на Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажовски, Константин и Стојан Везенкови, Григор Прличев, Марко Цепенков и други македонски преродбеници, во врска со древно-македонското етничко потекло на современите Македонци.[3]

Животопис

уреди

Мушевиќ е роден во Крушево. Како сликар и иконописец, Марко ја обиколувал Македонија, Бугарија, Србија, Романија, Турција и Русија. Говорел турски, грчки, романски, албански, македонски, руски, српски и бугарски јазик. Контактирал со видни личности од Европа. Исполнувач на македонско-национални мисии во Солунско, Битолско, Софија, Белград, каде што од тамошните власти, но и од европските претставители барал помош „за очајната положба на измачените, несреќни, но силни по дух Славјано-Македонци”.

На 9. I 1885 во Санкт Петербург имал аудиенција кај царот на Русија Александар III, на когошто му подарува стари монети собрани во Македонија, a од името на македонскиот народ поднесува молба во тамошното МНР. („Teшката положба на Македонија под турско ропство“, в. „Свет“, 5. VII 1885). Соработува со софискиот Македонски комитет од 1887. На 18. IX 1889 поднесува „Национална програма за Македонија“ до српскиот министер за надв. работи, во Белград.

Собирал и македонски народни песни. Настојувал во Македонија да се отвораат македонски училишта и да се печатат буквари на македонски јазик. Во 1902 година повторно отпатувал до Санкт Петербург „од името на православното национално население” и бил примен кај царот Николај I, комушто исто му пренел за положбата на Македонија. Истото го направил и јуни 1911 г.

Во 1908 г. покренал иницијатива за воведување на македонскиот јазик во училиштата во Битолскиот вилает. Соработувал со Наце Димов и Димитрија Чуповски. По војните се закалуѓерил и се преселил во Прилеп, каде што и починал, како „живописец” и „фирмописец”. Починал во 20-те години од XX век.

Наводи

уреди
  1. „Енциклопедија Македоника“, Скопје, 2009, том 2 стр. 1002–1003.
  2. „Весник „Народна Волја". Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2016-01-02.
  3. „ДЕЛАТА НА МАЖОВСКИ, ЦЕПЕНКОВ И ПРЛИЧЕВ ЗА АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ", д-р Ранко Младеноски