Марковден — голем христијански празник од пролетниот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 25 април, односно на 8 мај по стариот календар..

Марковден
Марковден
Свети Марко. Руска икона
Го празнува(ат)Христијанските и нехристијански земји
Видхристијански
ЗначењеДен на Свети Марко
Датум25 април/8 мај
Обичаиобредно пеење, ритуали
Во Русија на овој ден се молат за силен дожд, за да биде плодна годината

Житие

уреди

Марко (латински: Mārcus; грчки: Μᾶρκος; коптски: Μαρκοϲ; хебрејски: מרקוס) е еден од 70-те Христови апостоли. Евреин по потекло, а припаѓал на левитскиот (свештенички) сталеж. Тој е писател на едно од четирите евангелија. Лично не бил присутен на настаните што ги опишува, туку ги дознал од апостолот Петар на кого му бил сопатник и помошник и којшто во своето Прво послание го нарекува син свој, не син по тело туку по дух. Тој е роден е во Ерусалим од мајка побожна христијанка, сестра на апостолот Варнава.[1] Во нејзиниот дом се собирале христијаните за молитви, а во нејзината куќа се одржала и светата Тајна вечера на Исус со апостолите. Кога Марко бил во Рим со Петар, верните го замолиле да им ја запише спасоносната наука на Исус Христос, неговите чуда и неговиот живот. Така го напишал Светото Евангелие, коешто го видел и го посведочил за вистинито и самиот апостол Петар. Тој го поставил Марко за епископ и го испратил на проповед во Мисир. Така тој бил првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Мисир. Мисир бил сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеал да го посее семето на Христовата наука низ Ливија, Амоникија и Пентапол. Од Пентапол дошол во Александрија. Таму успеал да ја заснова Црквата Божја, да постави епископ, свештеници и ѓакони и сѐ добро да утврди во благочестивата вера. Својата проповед ја потврдувал со големи и многубројни чуда. Кога незнабожците подигнале обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклоничка вера, а градоначалникот почна да трага по него, тој побегнал повторно во Пентапол и таму продолжил да го утврдува своето поранешно дело. После две години Свети Марко, на голема радост на верните чијшто број во меѓувреме се умножил, се вратил во Александрија. Тогаш го фатиле незнабожците, цврсто го врзале и почнале да го влечат по калдрмите велејќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот ранет и искрвавен го фрлиле во затвор. Овде најнапред му се јавил ангел небесен и го храбрел и го крепел. Потоа му се јавил Самиот Господ Исус и му рекол: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ А Марко Му одговорил: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!“ Утредента злочестивите луѓе го извлекле од затворот и повторно го влечеле по улиците, извикувајќи го истото: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот измачен и истоштен Свети Марко изустил: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“ и издивнал. Неговите свети мошти биле чесно погребани од христијаните. Со векови се сметаат за исцелителни.

Славење и обичаи

уреди

Неговиот спомен се празнува на 8 мај/ 25 април и не се смета за тежок празник. Во Гевгелиско мажите работеле, а жените го држеле за празник. Се празнувал за заштита од град. Се верувало дека ако работат град ќе го отепа полето. Поради тоа никако не влегувале во бавчата или во лозјето. Во селото Гореме, Светиврачко, овој ден бил празник на селото. Над селото имало мала височинка што се викала Кукувица и тоа место се сметало за свето место што е под заштита на светиот евангелист Марко. Не се знае од кога, но најверојатно од заселувањето на селото на овој ден, на тоа место се давало курбан за тој светител. Курбаните се колеле денот пред празникот, односно на 7 мај. Пред да се заколеле курбаните свештеникот читал соодветни молитви. Кога ќе ги заколеле курбаните биела камбаната и престанувал секаква работа: орање, сеење, копање и др. Сите курбани се готвеле во големи селски котли под ридот Кукувица. За тоа време жените готват храна како: оризарник, баница, погача и др. Околу четири часот попладнето ја товареле храната на коњи и целиот народ одел на ридот Кукувица. Таму свештеникот светел вода и сите ги попрскувал со неа. Потоа ги кадел трпезите по што ја ставале храната. Мажите седнувале на софрите, а жените раздавале од храната. Откако ќе јаделе започнувале со ора и песни. На стемнување се враќале во селото каде што продолжувала веселбата до доцна во ноќта. Утрото на 8 мај, на денот на св. евангелист Марко, се служела божествена литургија, а потоа се правела веселба со ора и песни што траела цел ден. Во селото постои и легенда за Св. Марко. Легендата раскажува дека во турско време на селаните им било забрането на Марковден да одат во месноста Кукувица, и им било наложено вода да светат во селото. На местото Кукувица Турците направиле касарни и тука престојувала војската. Секоја ноќ на начелникот му се јавувал белобрад старец со бела капа на главата и на неа крст, во рацете држел патерица и многу го мачел неговиот син. Начелникот загрижен за страдањата на својот син пошол кај еден старец во селото и му ја раскажал својата мака. Овој веднаш се сетил дека тоа е светецот кој му се озмаздува затоа што забранил на неговиот ден да одат на местото Кукувица и да светат вода. Потоа повикале и свештеник кој му го кажал истото. Тогаш Турчинот го замолил свештеникот да свети вода на Кукувица и да ги попрска касарните и војниците со светена вода. „Се поклонувам пред тој ваш свет обред“, рекол Турчинот. Оттогаш веќе син му ништо не го мачело. Потоа на селаните им дозволил на ридот Кукувица да го изведуваат обредот и да светат вода како и порано. А кога се приближил празникот Турчинот подарил три овни да ги заколат за курбан на празникот Св. Марко.

Наводи

уреди
  1. Lane, William L. (1974). „The Author of the Gospel“. The Gospel According to Mark. New International Commentary on the New Testament. Grand Rapids: Eerdmans. стр. 21–3. ISBN 978-0-8028-2502-5.