Лајв ејд

добротворен концерт одржан во 1985 г.

Лајв ејд (англиски: Live Aid) е глобален, музички рок-концерт, одржан на 13 јули 1985 година. Настанот бил организиран од страна на Боб Гелдоф и Миџ Ур, со цел да се соберат средства за надминување на гладот во Етиопија. Наречен "глобален џубокс", настанот бил одржан истовремено на стадионот Вембли во Лондон (со посетеност од 82,000 лица) и на стадионот ЏФК во Филаделфија (со посетеност од околу 99,000 лица). Истиот ден, поттикнати од иницијативата, концерти се одржале и во други земји, како на пр.: Австралија и Германија. Овој настан се смета за еден од најгледаните сателитски и телевизиски преноси на сите времиња; по проценка околу 400 милиони гледачи, од 60 различни земји, го следеле преносот во живо.

Лајв ејд
Локација Лондон, Филаделфија
Години активност 1985
Основачи Боб Гелдоф и
Midge Ure
Датум 13 јули 1985
Жанр Поп-музика, Рок-музика
Портал Live 8 Site

Почетоци

уреди

Концертот бил започнат како продолжение на друг проект на Гелдоф и Ур, успешниот сингл за добротвоорни цели "Do They Know It's Christmas?", изведен од страна на повеќе британски и ирски изведувачи под името Бенд ејд ('Band Aid'), претходната зима. Концертот земал замав, и сè повеќе настапи се додавале на двете страни од атлантикот. Како добротворен настан за собирање на средства концертот длабоко ги надминал зацртаните цели: на една телевизиска емисија во 2001 година, еден од организаторите изјавил дека првобитната цел на Лајв ејд била да се соберат околу 1 милион фунти, а конечната сума собрани средства била 150 милиони фунти (околу 283,6 милиони долари). Делумно како признание за трудот за Лајв ејд, Гелдоф добил почесна титула витез. Музичкиот промотор Харви Голдсмит бил исто така од голема помош во реализацијата на проектот на Гелдоф и Ур.

Напор за соработка

уреди

Концертот започнал во 12:00, според британското летно сметање на времето (7:00 источно американско време) на стадионот Вембли, Англија. Продолжил на стадионот ЏФК, САД, започнувајќи во 13:51 (8:51 источно американско време). Настапите на Вембли завршиле во 22:00 (17:00 источно американско време). Настапите на ЏФК и целиот концерт во САД завршиле во 4:05 (23:05 источно американско време). Целиот распоред на концертот може да се види овде. На тој начин концертот траел 16 часа, но бидејќи повеќето изведувачи одржале спонтани настапи на Вембли и ЏФК, целосната должина на концертот изнесувала многу повеќе. Оригиналната замисла била Мик Џегер и Дејвид Боуви да изведат интерконтинентален дует, со Боуви во Лондон, а Џегер во Филаделфија. Проблемите во синхронизацијата означувале само едно практично решение за проблемот, а тоа значело еден изведувач, најверојатно Боуви во Лондон, само да ја отвора устата на веќе снимени вокали, кои ќе одат како дел од настапот во живо на Џегер во Филаделфија. Музичкиот инженер, ветеран, Ким Ричардс (Пинк Флојд и Квин) бил донесен да ја среди должината на филмската лента, како и звучните миксови, со цел Џегер и Боуви да можат да настапат секој на својата локација.

Концертите на обете страни завршиле со својата посебна химна против гладот, концертот во Британија го затвори "Do They Know It's Christmas?" на Бенд ејд, додека во САД била испеана "We Are the World", на САД за Африка (USA for Africa). Организаторите на концертот подоцна ќе изјават дека сакале да осигураат присуство на барем еден од преостанатите членови на Битлси, во најдобар случај Пол Мекартни, бидејќи сметале дека присуството на "постар претставник" на британската музика ќе придонесе поголема оправданост во очите на политичките водачи, чие внимание имале за цел да го привлечат. Мекартни се согласил да настапи и изјавил дека "раководството", неговите деца, го убедиле да земе учество. Тој настапил како последен изведувач на настанот (настрана од завршниот настап на Бенд ејд), и е еден од ретките кои наишле на технички проблеми; неговиот микрофон бил исклучен за време на првите две минути од неговиот настап свирејќи пијано на песната "Let It Be", создавајќи проблеми со звукот за телевизиските гледачи, како и речиси неможност за слушање кај оние кои настанот го следеле во живо. Подоцна како шега ќе изјави дека размислувал да го промени текстот во: "Ќе има некаков фидбек, нека има". Фил Колинс настапил на обата концерта, и на Вембли и на ЏФК, користејќи Конкорд како превозно средство од Лондон до Филаделфија. Презентерот на британската национална телевизија, Ноел Едмондс го пилотирал хеликоптерот што го пренел Колинс до аеродромот Хитроу каде што се качил на авионот за Филаделфија. Освен неговите два настапа, тој исто така настапил и како тапанар на Ерик Клептон, како и на повторното обединување на преостанатите членови на Лед Цепелин на ЏФК. За време на летот Колинс се сретнал со глумицата и пејачка Шер, која подоцна тврдела дека не знаела ништо во врска со Лајв ејд концертите. Сепак по пристигнувањето во САД, присуствувала на концертот, и била видена на сцената за време на финалната изведба на We Are the World. Во соработка со фотографот Денис О'Реган, Боб Гелдоф ќе издаде и официјална книга.

Преноси

уреди

Концертот претставува најамбициозен меѓународен сателитски потфат, преземен во тоа време. Во Европа бил дистрибуиран од страна на БИ-БИ-СИ, чиј пренос го започнал Ричард Скинер со ководителот Енди Кершоу, и истиот содржел бројни интервјуа и разговори помеѓу настапите. Дистрибуираниот звук на телевизијата БИ-БИ-СИ бил моно, но на радиото БИ-БИ-СИ 1 звукот бил стерео и истовремено се емитувал со ТВ сликата. Поради постојаните активности во Лондон и во Филаделфија, продуцентите на БИ-БИ-СИ го изоставиле повторното обединување на фолк рокерите Крозби, Стилс, Неш и Јанг, од својата програма. Во секој случај, БИ-БИ-СИ обезбедиле пренос без пречки до различни телевизиски канали ширум Европа. Најголем дел од преносот во САД бил извршен од страна на ЕЈ-БИ-СИ (иако самите ЕЈ-БИ-СИ емитувале само три часа од концертот во Филаделфија, со помош на презентерот Дик Кларк, остатокот го пренеле преку Орбис Комјуникејшнс, кои работеле за нив). Целосно засебен, истовремен пренос, за гледачите кои следеле преку кабелска телевизија, вршела музичката телевизија ЕМ-ТИ-ВИ (MTV), чиј пренос се вршел во стерео звук, и како таков бил достапен за оние кои поседувале специјални приемници, бидејќи во летото 1985 имало многу малку стерео приемници и само неколку телевизии биле во можност да пренесуваат во стерео звук. Додека преносот на БИ-БИ-СИ воопшто не содржел реклами (бидејќи БИ-БИ-СИ е јавен пренос), преносите на ЕМ-ТИ-ВИ (MTV) и здружението ЕЈ-БИ-СИ вклучувале реклами и интервјуа. Како резултат на истото, многу песни биле изоставени поради паузи за реклами. Најголемиот ризик на преност на здружението ЕЈ-БИ-СИ ....... Радиската мрежа ЕЈ-БИ-СИ го емитувала америкаснкиот дел од преносот, а подоцна ги емитувала и многуте настапи кои недостасувале во оригиналниот пренос. Среде концерот Били Коноли изјавил дека само што добил информација дека 95% од приемниците во светот го следат овој настан. Во 1995 година VH1 и МачМјузик емитувале ново издание на 10-часовен повторен пренос на концертот, по повод 10-годишнината од неговото одржување.

Инспирација

уреди

• Успехот на Лајв ејд послужил како инспирација за песната "The Tide Is Turning" на Роџер Ватерс

• На сличен начин бендот Квин ја снима песната "One Vision" како реакција на Лајв ејд концертите. Обајцата, фронтменот Фреди Меркури и гитаристот Брајан Меј носеле маички со натписот Лајв ејд за време на снимањето.

Незаборавни моменти на стадионот Вембли

уреди

Статус Кво својот настап го започнале со песната "Rockin' All Over the World". Исто така ги изведуваат и песните "Caroline" и омилената кај публиката "Don't Waste My Time". Ова ќе биде запаметено како последен заеднички настап на бендот со басистот и основачот на групата Ален Ланкастер, и тапанарот Пит Кирчер, кој пристапил кон бендот три години порано.

Квин добиваат масовни овации започнувајќи со "Bohemian Rhapsody", за подоцна фронтменот Фреди Меркури да успее во намерата целата публика на Вембли да ракоплеска едногласно на звуците од "Radio Ga Ga" и "Crazy Little Thing Called Love", за на крај заеднички збор по збор да ги испеат "We Will Rock You" и "We Are the Champions". Овој настап на Квин подоцна ќе биде изгласан од страна на обожавателите и музичарите како "најдобрата свирка во живо на сите времиња".

Елвис Костело ќе ја испее едноставната, но трогателна верзија на Битлси на "All You Need is Love", најавувајќи ја со тоа што ќе побара "помош од публиката заедно да ја испеат оваа стара северно-англиска фолк песна".

Друг момент кој ќе предизвика големи овации кај публиката е изведбата на Дејвид Боуви на песната "Heroes", која ќе ја посвети на својот млад син, како и "на сите наши деца, и сите деца на светот".

Настапот на У2 за првпат ќе ги одреди како водечки бенд кој настапува во живо, нешто за кое подоцна ќе станат суперѕвезди. Боно ќе скокне од сцената за да и се придружи на публиката, и дури и ќе заигра со една девојка. Поради ова бендот ќе испее само две песни. Во јули 2005 година, истата девојка ќе изјави дека Боно всушност и го спасил животот. Таа била згмечена од страна на толпата која туркала нанапред, Боно тоа го забележал и започнал очајнички да им дава знаци на редарите да и помогнат. За жал тие не сфатиле што сака да им каже, па тој бил приморан да скокне и самиот да и помогне. Сето ова може да се забележи на ДВД-снимката на Лајв ејд, за време на изведувањето на песната "Bad".

Прекуокеанскиот пренос од стадионот Вембли претрпел технички проблеми за време на настапот на Ху (The Who), и изведбата на нивната песна "My Generation" била прекината веднаш откако Роџер Далтри го испеал стихот "Why don't you all fade..." (последните зборови биле прекинати кога на сцената на Вембли настанал краток спој и преносот накратко бил прекинат). За Ху на тапани настапил Кени Џонс, кој во ова време сѐ уште бил член на бендот, иако ова бил нивен прв заеднички настап по 1982 година кога бендот официјално се расформил и ја одржал својата "проштална" турнеја. Настапот на Ху ја вклучил и напати хаотичната, но сепак сјајна изведба на песната "Won't Get Fooled Again", која била мегапопуларна кај публиката на стадионот Вембли. Настапот на бендот од страна на магазинот Ролинг Стоун бил опишан како "груб, но добар", но сепак бендот нема да настапи заедно сè до Британските музички награди во 1988 година.

По завршувањето на сите настапи на стадионот Вембли, гитаристот на Ху, Пит Тауншенд и Пол Мекартни херојски ќе го кренат на рамо Боб Гелдоф, како симбол за успешното обединување на светот на еден ден, во духот на музиката и добротворните цели.

Незаборавни моменти на стадионот ЏФК

уреди

На самиот почеток на концертот во Филаделфија, фолк-пејачката Џоан Баез ќе и се обрати на публиката, (како и на гледачите) со зборовите: "ова е вашиот задоцнет Вудсток", за потоа да ја изведе "Amazing Grace" (во пар со неколку стихови од "We Are the World").

Кога Мадона ќе излезе на сцената, и покрај високата температура од 35 степени целзиусови, таа ќе изјави "денеска не планирам ништо да соблечам", алудирајќи на скорешните разголени фотографии кои се појавиле во магазините Плејбој и Пентхаус.

Кога за време на настапот на Боб Дилан ќе му се скине жица од гитарата, Рони Вуд ќе му ја даде својата гитара и ќе остане на сцена со празни раце, по игнорирањето од страна на публиката, тој ќе започне да свири воздушна гитара, имитирајќи го стилот на свирење на Пит Тауншенд од Ху, со големи, кружни движења на раката, сè додека сценскиот работник не му донесе друга гитара. Иако овој момент не е пренесен на ДВД-снимката, самиот настан е пренесен на филмската лента, ставајќи го во фокус единствено Кит Ричардс. За време на дуетот помеѓу Мик Џегер и Тина Тарнер на песната "It's Only Rock 'n' Roll", Џегер ќе искине дел од фустанот на Тарнер, која настапот го завршува во нешто што повеќе личи на трико, отколку на фустан.

Концертот на ЏФК вклучил и неколку повторни обединувања како на пр: фолк-рок бендот Крозби, Стилс, Неш и Јанг, оригиналната постава на Блек Сабат заедно со Ози Озборн, како и преостанатите членови на бендот Лед Цепелин, со Фил Колинс и Томи Томпсон од бендот Шик, кои наизменично се менувале на тапани.

Теди Пендергарс, се појавува во јавноста за првпат по речиси фаталната автомобилска несреќа од 1982 година, која го оставила парализиран. Пендерграс заедно со брачната музичка двојка Ашфорд и Симпсон ја изведуваат песната "Reach Out and Touch".

Исто така Дуран-Дуран ќе настапат со четири песни. Петте члена од оригиналната постава нема да настапат заедно сè до 2003 година. Нивниот настап ќе биде запаметен и по случајниот фалсет направен од страна на фронтменот Сајмон Ле Бон за време на изведбата на "A View to a Kill". Оваа грешка медиумите ја пренесуваат како "нотата која згрме ширум светот". Сајмон подоцна се присетува дека тоа бил најсрамниот момент во неговиот живот.

Собирање средства

уреди

За време на концертите до публиката се апелирало да донира пари за целите на Лајв ејд. Триста телефонски линии биле отворени од страна на БИ-БИ-СИ, со цел луѓето да донираат пари преку своите кредитни картички. Телефонскиот број, како и адреса на која може да се уплаќаат чекови, се повторувале на преносот на секои дваесет минути. За речиси седум часа траење од концертот, Боб Гелдоф се распрашал колку пари имаат собрано, му било одговорено дека тоа се 1,2 милиони фунти. Длабоко разочаран од висината на пристигнатите средства, Гелдоф се упатил кон коментаторската позиција на БИ-БИ-СИ. Тој таму дал едно неславно интервју, употребувајќи вулгарни зборови. По избувнувањето, донациите се зголемиле на 300 фунти на секунда. Подоцна истата вечер, по настапот на Дејвид Боуви, видео-спот (монтажа на Колин Дин) снимен од СИ-БИ-СИ, и бил прикажан на публиката во Лондон и Филаделфија, исто како и од страна на телевизии ширум светот (треба да се забележи дека во ниту еден пренос во САД, ниту на ЕЈ-БИ-СИ ниту на ЕМ-ТИ-ВИ (MTV), не бил прикажан видео-спотот). Видео-спотот прикажува прегладнети и болни деца од Етиопија, а во позадина оди песната "Drive" од Карс. Истиот поттикнува масовно донирање на средства. Иронично, Гелдоф претходно не дозволил видео-спотот да биде прикажано поради ограниченост со време, за подоцна да дозволи откако Дејвид Боуви се понудил да го скуси својот настап за една песна. Како што Гелдоф ќе спомене за време на концертот, најмногу донации поглава на жител дошле од Република Ирска, иако во тоа време се наоѓала среде голема економска криза. Најголемата поединечна сума била уплатена од страна на кралското семејство од Дубаи. Тие преку телефонски разговор со Гелдоф донирале еден милион фунти. Следниот ден, новинарските извештаи пренеле дека се собрани 40-50 милиони фунти. Денес, се смета дека како директен резултат од одржувањето на концертите, се собрани околу 150 милиони фунти за надминување на гладот.

Забележливи отсуства

уреди

Брус Спрингстин ја одбил поканата да настапи на концертот Лајв ејд, и покрај неговата огромна популарност во 1985 година. Подоцна изјавува дека "едноставно не сфатил колку голем настан ќе испадне тоа".

Мајкл Џексон и Принс исто така не настапиле (иако Принс испратил претходно снимен видео-спот на акустичната верзија на 4 The Tears In Your Eyes, кој бил емитуван за време на концертот. Оригиналната верзија се појавува на албумот We Are The World, додека верзијата од видеото била објавена дури 1993 година на компилацијата на Принс The Hits/The B-Sides.)

Меѓу другите, и бендот Тирс фор Фирс не настапил, иако се наоѓал на списокот на изведувачи за концертот во Филаделфија. Според Роланд Орзабал, член на бендот, "Боб Гелдоф направи да се чувствуваме мизерно поради тоа што не настапивме. Ние бевме виновни за сите оние луѓе коишто умираат од глад. Се чувствував ужасно. Ви велам, во тој момент сигурно знаев како се чувствувал Хитлер". Бендот надоместил за своето отсуство давајќи придонес во преработката на "Everybody Wants to Rule the World" (под наслов "Everybody Wants to Run the World"), за хуманитарниот настан на Гелдоф, Спорт ејд во 1986 година.

Кет Стивенс напишал песна за Лајв ејд, која никогаш не ја извел, а ако ја извел, тоа ќе бил негов прв јавен настап откако ја променил својата вероисповед во исламска, менувајќи го своето име во Јусуф Ислам. Иако имал напишано песна специјално за таа намена, до негов настап не дошло поради тоа што настапот на Елтон Џон траел предолго.

Повторно обединетите Дип Парпл требало да настапат преку сателит од Швајцарија, но го откажале својот настап поради тоа што гитаристот Ричи Блекмур, одбил да учествува.

Јуритмикс решиле да настапат, но Ени Ленокс го откажала учеството поради сериозни проблеми со грлото. Хјуи Луис со д Њус и Пол Сајмон обајцата прифатиле да настапат на концертот во Филаделфија, за подоцна да откажат поради несогласувања со промоторот Бил Греам.

Ѕвезди како Били Џоел, Бој Џорџ, Вејлон Џенингс, Крис Кристоферсон, Тирс фор Фирс и Стиви Вондер, исто како и Хјуи Луис со д Њус и Пол Сајмон биле најавени на рекламните постери за концертот во Филаделфија, но не се појавиле на шоуто. На конечниот постер за настанот во Филаделфија се појавуваат фолк бендот Питер, Пол и Мери, како и Род Стујарт, иако не настапиле (иако Питер, Пол и Мери се забележани како земаат учество на затворањето на настанот).


Критики и контраверзности

уреди

Настапот на Боб Дилан предизвикал котраверзии поради коментарот:

"Се надевам дека дел од парите...можеби можат да издвојат мал дел од нив, можеби...еден или два милиони, можеби...и да ги искористат, на пример, за да се отплатат хипотеките на некои фарми и да се вратат парите што фармерите ги должат на банките..."


Тој често е погрешно цитиран, како на пример на мрежното место на Фарм ејд, како вели:

"Нели би било добро да направиме нешто за нашите фармери, токму овде во Америка?"


Во неговата најдобро продавана биографија Is That It?, објавена во 1986 година, Гелдоф оваа забелешка екстремно ќе ја искритикува, велејќи:

"Тој покажа целосен недостиг на разбирање за прашањата покренати од Лајв ејд...Лајв ејд беше наменет за луѓе кои умираат. Има огромна разлика помеѓу губење на средства за егзистенција и умирање. Тој ја поттикнува Фарм ејд, што само по себе е добра работа, но она што го кажа беше безобѕирно, глупаво и крајно националистички".


Иако заколнат поддржувач на делото на Гелдоф, телевизискиот водител од Фокс Њус, Бил О'Рајли, ќе ги искритикува продуцентите за пропусти во организацијата при собирањето на пари за гладните луѓе во Етиопија, забележувајќи дека голем број од средствата од фондот се одлеале на сметката на Менгисту Хајле Маријам и неговата војска. О'Рајли тврди дека донациите во земјите кои примаат помош треба да бидат контролирани од страна на хуманитарните организации, а не од можно корумпираната власт. Новинарот Тим Расерт, кусо време по забелешката на О'Рајли при едно интервју со Боно, го наметнува истото прашање. Боно ќе одговори дека токму корупцијата е најголемиот проблем во Африка, а не гладот или болестите, согласувајќи се дека странските хуманитарни организации треба да ги контролираат донираните средства. Од друга страна пејачот ќе изјави дека подобро е дел од парите да одат на погрешна сметка за доброто на оние на кои им се потребни, отколку да се затаи со донации поради можна кражба. И други критичари ќе расправаат дека донациите наменети за хуманитарните организации често се искористени од страна на корумпираните власти. Голем дел од средствата собрани од страна на Лајв ејд отишле директно кај некои невладини организации во Етиопија, меѓу кои имало и такви, кои биле под влијание или контролирани од страна на воената хунта Дерг. Некои новинари претпоставуваат дека Дерг успеале да искористат дел од парите од Лајв ејд и хуманитарната организација Оксфам и да ги финансираат своите програми на преселувања, под кои околу 3 милиони луѓе се раселени, а околу 50-100 илјади се убиени. Наводно Гелдоф не бил задоволен со изборот на Д Хутерс како бенд кој ќе го отвори концертот во Филаделфија. Бил притиснат на тој избор од страна на Греам и локалниот промотор Лери Магид. Магид, кој го промовирал концертот преку Електрик Фактори Концертите, тврдел дека бендот е мегапопуларен во Филаделфија, иако нивниот прв албум Nervous Night излегол само неколку месеци пред настанот. Гелдоф ги искажал своите чувства во врска со тоа во едно интервју за магазинот Ролинг Стоун, велејќи: "Кои по ѓаволите се Д Хутерс?".

Изведувачи и настапи на Лајв ејд

уреди

Стадион Вембли, Лондон

уреди
  • Колдстрим Гардс (Coldstream Guards) - "Royal Salute", "God Save the Queen" (12:00);
  • Статус Кво (Status Quo) - "Rockin' All Over the World", "Caroline", "Don't Waste My Time" (12:02);
  • Стајл Каунсил (Style Council) - "You're The Best Thing", "Big Boss Groove", "Internationalists", "Walls Come Tumbling Down"

(12:19);

  • Бумтаун Ретс (Boomtown Rats) - "I Don't Like Mondays", "Drag Me Down", "Rat Trap", "For He's A Jolly Good Fellow" (испеана од страна на публиката) (12:44);
  • Адам Ент (Adam Ant) - "Vive Le Rock" (13:00);
  • Ултравокс (Ultravox) - "Reap the Wild Wind", "Dancing with Tears in My Eyes", "One Small Day", "Vienna" (13:16);
  • Спандау Балет (Spandau Ballet) - "Only When You Leave", "Virgin", "True" (13:47);
  • Елвис Костело (Elvis Costello) - "All You Need Is Love" (14:07);
  • Ник Кершоу (Nik Kershaw) - "Wide Boy", "Don Quixote", "The Riddle", "Wouldn't It Be Good" (14:22);
  • Шаде (Sade) - "Why Can't We Live Together", "Your Love Is King", "Is It A Crime" (14:55);
  • Стинг (Sting) и Фил Колинс (Phil Collins) (заедно со Бренфорд Марселис (Branford Marsalis) - "Roxanne", "Driven To Tears",

"Against All Odds (Take a Look at Me Now)", "Message in a Bottle", "In the Air Tonight", "Long Long Way To Go", "Every Breath You Take" (15:18);

  • Хауард Џонс (Howard Jones) - "Hide and Seek" (15:50)
  • Брајан фери (Bryan Ferry) (во придружба на Дејвид Гилмор (David Gilmour) од Пинк Флојд (Pink Floyd), на гитара) - "Sensation", "Boys And Girls", "Slave To Love", "Jealous Guy" (16:07);
  • Пол Јанг (Paul Young) - "Do They Know It's Christmas?" (интро), "Come Back And Stay", "That's the Way Love Is" (заедно со Алисон Моје (Alison Moyet), "Every Time You Go Away" (16:38);
  • У2 (U2) - "Sunday Bloody Sunday", "Bad" (со делови од "Satellite Of Love", "Ruby Tuesday", "Sympathy for the Devil" и "Walk On The Wild Side") (17:20);
  • Дајр Стреитс (Dire Straits) - "Money for Nothing" (заедно со Стинг), "Sultans of Swing" (W 18:00);
  • Квин (Queen) (најавени од страна на комедијантите Мел Смит (Mel Smith) и Гриф Рис Џонс (Griff Rhys Jones) - "Bohemian Rhapsody"/"Radio Ga Ga", "Hammer to Fall", "Crazy Little Thing Called Love", "We Will Rock You"/"We Are the Champions" (18:44);
  • Дејвид Боуви (David Bowie) (во придружба на Томас Долби (Thomas Dolby) на клавијатури) - "TVC 15", "Rebel Rebel", "Modern

Love", "Heroes" (19:22);

  • Ху (The Who) - "My Generation"/"Pinball Wizard", "Love, Reign o'er Me", "Won't Get Fooled Again" (20:00);
  • Елтон Џон (Elton John) (најавен од страна на Били Коноли (Billy Connolly) - "I'm Still Standing", "Bennie and the Jets", "Rocket Man", "Don't Go Breaking My Heart" (заедно со Кики Ди (Kiki Dee), "Don't Let the Sun Go Down on Me" (заедно со Џорџ Мајкл (George Michael) и Ендрју Риџли (Andrew Ridgeley) како придружен вокал), "Can I Get a Witness" (20:50);
  • Фреди Меркури (Freddie Mercury) и Брајан Меј (Brian May) од Квин - "Is This The World We Created?" (21:48),
  • Пол Мекартни (Paul McCartney) - "Let It Be" (21:51),
  • Бенд ејд (Band Aid) (водени од Боб Гелдоф) - "Do They Know It's Christmas?" (21:54);

Стадион ЏФК, Филаделфија

уреди
  • Бернард Вотсон (Bernard Watson) - "All I Really Want to Do", "Interview" ( 13:51);
  • Џоан Баез (Joan Baez) (најавена од страна на Џек Николсон (Jack Nicholson) - "Amazing Grace"/"We Are the World" ( 14:02);
  • Д Хутерс (The Hooters) - "And We Danced", "All You Zombies" ( 14:12);
  • Д Фор Топс (The Four Tops) - "Shake Me, Wake Me (When It's Over)", "Bernadette", "It's The Same Old Song", "Reach Out I'll Be There", "I Can't Help Myself (Sugar Pie, Honey Bunch)" ( 14:33);
  • Били Оушн (Billy Ocean) - "Caribbean Queen", "Loverboy" ( 14:45);
  • Блек Сабат (Black Sabbath) (најавен од страна на глумецот Чеви Чејс (Chevy Chase) - "Children of the Grave", "Iron Man", "Paranoid" ( 14:52);
  • Ран-ДиЕмСи (Run-DMC) - "Jam Master Jay", "King Of Rock" ( 15:12);
  • Рик Спрингфилд (Rick Springfield) - "Love Somebody", "State Of The Heart", "Human Touch" ( 15:30);
  • РЕО Спидвегон (REO Speedwagon) - "Can't Fight This Feeling", "Roll With The Changes" ( 15:47);
  • Крозби, Стилс и Неш (Crosby, Stills and Nash) - "Southern Cross", "Teach Your Children", "Suite: Judy Blue Eyes" ( 16:15);
  • Џудас Прист (Judas Priest) - "Living After Midnight", "The Green Manalishi (With The Two-Pronged Crown)", "You've Got Another Thing Comin'" ( 16:26);
  • Брајан Адамс (Bryan Adams) - "Kids Wanna Rock", "Summer of '69", "Tears Are Not Enough", "Cuts Like a Knife" ( 17:02);
  • Бич Бојс (The Beach Boys) (најавени од страна на Мерилин Мекку (Marilyn McCoo) - "California Girls", "Help Me, Rhonda", "Wouldn't It Be Nice", "Good Vibrations", "Surfin' USA" ( 17:40);
  • Џорџ Торогуд енд д Дистројерс (George Thorogood and the Destroyers) - "Who Do You Love" (заедно со Бо Дидли (Bo Diddley), "The Sky Is Crying", "Madison Blues" (заедно со Алберт Колинс (Albert Collins) ( 18:26);
  • Симпл Мајндс (Simple Minds) - "Ghost Dancing", "Don't You (Forget About Me)", "Promised You a Miracle" ( 19:07);
  • Д Претендерс (The Pretenders) - "Time The Avenger", "Message of Love", "Stop Your Sobbing", "Back on the Chain Gang", "Middle of the Road" ( 19:41);
  • Сантана (Santana) и Пет Метхени (Pat Metheny) - "Brotherhood", "Primera Invasion", "Open Invitation", "By The Pool"/"Right Now" ( 20:21);
  • Ешфорд и Симпсон (Ashford & Simpson) - "Solid", "Reach Out and Touch (Somebody's Hand)" (заедно со теди Пендерграс (Teddy Pendergrass) ( 20:57);
  • Мадона (Madonna) (најавена од страна на глумицата Бет Мидлер (Bette Midler) - "Holiday", "Into the Groove", "Love Makes The World Go Round" ( 21:27);
  • Том Пети енд Д Хартбрејкерс (Tom Petty & The Heartbreakers) - "American Girl", "The Waiting", "Rebels", "Refugee" ( 22:14);
  • Кени Лоџинс (Kenny Loggins) - "Footloose" ( 22:30);
  • Карс (The Cars) - "You Might Think", "Drive", "Just What I Needed", "Heartbeat City" ( 22:49);
  • Нил Јанг (Neil Young) - "Sugar Mountain", "The Needle and the Damage Done", "Helpless", "Nothing Is Perfect", "Powderfinger" ( 23:07);
  • Пауер Стејшн (Power Station) - "Murderess", "Get It On" ( 23:43);
  • Томсон Твинс (Thompson Twins) - "Hold Me Now", "Revolution" (заедно со Мадона, Стив Стивенс и Нил Роџерс) ( 00:21);
  • Ерик Клептон Eric Clapton (заедно со Фил Колинс) - "White Room", "She's Waiting", "Layla" ( 00:39);
  • Фил Колинс (Phil Collins) (доаѓајќи со конкорд од Велика Британија до САД) - "Against All Odds (Take a Look at Me Now)", "In the Air Tonight" ( 01:04);
  • Лед Цепелин (Led Zeppelin (заедно со Тони Томсон, Пол Мартинес и Фил Колинс) - "Rock and Roll", "Whole Lotta Love", "Stairway to Heaven" ( 01:10);
  • Крозби, Стилс, Неш и Јанг (Crosby, Stills, Nash & Young) - "Only Love Can Break Your Heart", "Daylight Again"/"Find The Cost Of Freedom" ( 01:40);
  • Дуран Дуран (Duran Duran) - "A View to a Kill", "Union of the Snake", "Save A Prayer", "The Reflex" ( 01:45);
  • Пети Лебел (Patti LaBelle) - "New Attitude", "Imagine", "Forever Young", "Stir It Up", "Over The Rainbow", "Why Can't I Get It Over" ( 02:20);
  • Хал и Оатс (Hall & Oates (во придружба на Г.Е.Смит (G. E. Smith) од Saturday Night Live на гитара) - "Out of Touch", "Maneater", "Get Ready" (заедно со Еди Кендрикс (Eddie Kendricks), "Ain't Too Proud to Beg" (заедно со Дејвид Рафин (David Ruffin), "The Way You Do the Things You Do", "My Girl" (заедно со Еди Кендрикс и Дејвид Рафин) ( 02:50);
  • Мик Џегер (Mick Jagger (заедно со Хал и Оатс, Еди Кендрикс и Дејвид Рафин) - "Lonely At The Top", "Just Another Night", "Miss You", "State of Shock"/"It's Only Rock 'n Roll (But I Like It)" (заедно со Тина Тарнер (Tina Turner) ( 03:15);
  • Боб Дилан, Кит Ричардс и Рони Вуд - "Ballad of Hollis Brown", "When the Ship Comes In", Blowin' in the Wind" ( 03:39),

Лајв ејд снимки/изданија

уреди

Кога организаторот Боб Гелдоф ги убедувал учесниците да бидат дел од концертот, тој им ветил дека тоа ќе биде еднократен настан, кој никогаш нема да се види повторно. Тоа е причината поради која концертот никогаш не бил снимен во својата оригинална форма, а исфрлените снимки биле само од второстепените телевизиски преноси. По барање на Гелдоф, ЕЈ-БИ-СИ ги избришале сопствените снимки од преносот. Сепак, пред тие да бидат избришани, неколку копии биле подарени на Смитсониан Институшн, и сега се сметаат за изгубени. ЕМ-ТИ-ВИ (MTV) одлучиле да ги сочуваат своите снимки од преносот, и во скоро време, во своите архиви пронашле повеќе од сто копии од Лајв ејд концертот. Но, според БИ-БИ-СИ, во овие снимки недостасуваат голем број песни, поради рекламите и презентерите на ЕМ-ТИ-ВИ (MTV). БИ-БИ-СИ исто така одлучиле да ги сочуваат своите снимки од преносот, но многу од настапите во САД на БИ-БИ-СИ воопшто не биле прикажани, и снимките од овие настапи недостасуваат.


Официјално Лајв ејд ДВД-издание

уреди

Официјален сет од четири диска на ДВД од Лајв ејд концертите бил издаден на 8 ноември 2004 година. Тоа содржи 10-часовен дел од 16-часовниот концерт. ДВД-то е во продукција на компанијата на Гелдоф, Вудчарм лтд, дистрибуирано од страна на Ворнер Мјузик Груп. Одлуката за конечно официјално издание на Лајв ејд концертот, ја донел самиот Гелдоф речиси 20 години по одржувањето на концертот, поради тоа што пронашол голем број на копии од концертот на интернет (видете ја целата приказна овде). Околу официјалното издание имало бројни расправии поради одлуката да се исфрлат голем број на песни од него. Најцелосната снимка е сочувана од страна на БИ-БИ-СИ, и претставува главен извор за официјалното ДВД. За време на продукцијата на официјалното ДВД-издание, ЕМ-ТИ-ВИ (MTV) им ги позајмило своите снимки на Вудчарм лтд, и истите послужиле како дополнителен извор за снимката од САД на официјалното ДВД-издание. Работејќи на снимениот материјал од БИ-БИ-СИ и ЕМ-ТИ-ВИ (MTV), земен е одреден број на авторски права со цел да се издаде концертот на ДВД. На пример, многу од песните претрпеле промени во звукот, главно во делови каде што првобитно имало проблеми со микрофонот. Во еден од случаите, Пол Мекартни во студио ги преснимил своите неуспешни вокали на песната "Let It Be", само еден ден по концертот (14 јули 1984 година), но тие не биле употребени сè до излегувањето на официјалното ДВД-издание. Исто така при изведбата на САД за Африка, студиската снимка на "We Are the World" била покриена на места каде што имало отсуство на микрофон (всушност ако внимателно слушате, ќе можете да ги забележите гласовите на Кени Роџерс и Џејмс Инграм, двајца изведувачи кои воопшто не настапиле на Лајв ејд). Се правел разумен избор кои настапи да бидат вклучени во официјалното ДВД издание, а кои не, и тоа врз основа на: технички тешкотии во оригиналниот настап, отсуство на оригинална снимка, или пак поради музичките права. На пример настапите на Рик Спрингфилд, Д Фор Топс, Д Хутерс, Пауер Стејшн и Крозби, Стилс, Неш и Јанг биле исфрлени од официјалното ДВД издание. Исто така биле исфрлени и голем број од изведените песни. На пример, Мадона настапила со три песни, но на официјалното ДВД издание е застапена само со две (исфрлена е песната "Love Makes the World Go Round"). Исто така имало и проблеми со самите изведувачи. Лед Цепелин и Сантана не се застапени на официјалното ДВД издание, на свое барање, со образложение дека нивните настапи биле неквалитетни. Но, со цел да ја дадат својата поддршка на кампањата, Џими Пејџ и Роберт Плент се понудиле да дадат приходи од претстојното ДВД издание на Лед Цепелин, додека Џон Пол Џонс ги понудил приходите од неговата моментална турнеја со бендот Мјучуал Адмирејшн Сосајати. Во 2007 година, Квин издаваат посебен сет од два ДВД диска под името Квин Рок Монтреал. На првиот диск се наоѓа нивниот концерт во Форум во Монтреал, 1981 година, додека на вториот диск се наоѓа нивниот целосен настап на Лајв ејд, вклучувајќи го и завршниот настап во Лондон на Фреди Меркури и Брајан Меј со песната "Is This The World We Created...?". Исто така дискот ја содржи и пробата за Лајв ејд, како и интервју со бендот. За време на излегувањето на официјалното ДВД издание, британскиот канцелар на благајната, Гордон Браун, одлучил данокот од секое продадено ДВД да оди во добротворни цели, што би значело зголемување од 5 фунти за секое продадено ДВД.

Неофицијални снимки

уреди

Бидејќи преносот на Лајв ејд бил следен од над милијарда луѓе, голем дел од истиот бил снимен на домашни видео-рекордери ширум светот, во најразличен квалитет. Голем број од овие снимки биле снимени во моно-звук, бидејќи во средината на 80-те домашните видео-рекордери можеле да снимаат само во моно-звук, но и поради тоа што самата Европската БИ-БИ-СИ телевизија својот пренос го вршела исто така во моно-звук. (како што е споменато и претходно, преносите на ЕМ-ТИ-ВИ (MTV), ЕЈ-БИ-СИ радиската мрежа и БИ-БИ-СИ радио 1 биле извршени во стерео-звук). Овие снимки започнале да кружат кај колекционерите уште пред дваесетина години, а во скоро време се појавуваат и на разни мрежни места за размена на податоци. Бидејќи официјалното ДВД-издание на Лајв ејд содржи само дел од настанот, неофицијалните извори за дистрибуција и понатаму остануваат единствен извор за најбогата снимка од овој историски музички настан. Официјалното ДВД-издание е единственото легално видео-издание, од чија продажба средствата одат директно за борба против гладот, првобитната цел поради која беше одржан самиот концерт.

Користена литература

уреди