Кратовски дијалект

Кратовски дијалект — дијалект што спаѓа во подгрупата на источни дијалекти на северното наречје на македонскиот јазик. Дијалектот се зборува на територијата на градот Кратово, источните и јужните кратовски села и целата рударска област по долината на Злетовска Река во околината на Пробиштип и Злетово. Има околу 10 илјади луѓе кој го зборуваат како домашен дијалект. Кратовскиот дијалект е близок со кумановскиот, кривопаланечкиот и со овчеполскиот дијалект.

  Кратовскиот и кумановскиот дијалект на карта.

Територија

уреди

Според дијалектната диференцијација на македонскиот јазик кратовскиот говор спаѓа во северните македонски говори. Внатрешната дијалектна диференцијација на северните македонски говори во голема мерка зависи од нивното соседство со западното или југоисточното македонско наречје. Оттука кратовскиот говор спаѓа во рамките на североисточните говори; значи се работи за северни говори во кои се запазени поголем број јазични особини од источномакедонското наречје. Во рамките на кратовскиот говор можат да се изделат две помали јазични целости кои меѓу себе не се така реско одделени. Градот Кратово и селата што се наоѓаат северно од Црни Врв, Пониква и Буковац, на исток заклучно со Кнежево и Емирица, имаат поблизок говор со Славиште и Крива Паланка, додека селата по Злетовска Река и во рударската област се под поголемо влијание на кочанскиот говор.[1]

Фонолошки одлики

уреди
  • Вредност темна самогласка ă од етимолошките ерови ъ, ь во кореновите слогови: ъ > ă: бăдни вечер, бăс, бăчва, вăшка, дăш, дăжлив, дăждовница, зăлва, сăн, сăпка; во заменските форми тăј, овăј, онăј; во предлогот съсăс нош, сăс сила, сăс стап; во непродуктивните основи: лакăт; овакăв, онакăв, такăв; ь > ă: дăн, дăнăс, дăње, лăн, опăнци, осăмне, тăман, тăмнúца; во непродуктивните основи: јарăм, остăн, овăн, оцăт; Во наставките: -ăÿ: котăÿ, орăÿ, но: сврдеÿ и -ăнце: брашăнце, односно изедначувањето на еровите во еден глас а во наставките -ак: опăнак, песак, петак, пупак, ручак, утак, четвртак; снизак, тăнак, но: веднăк, голéмчак, но: тăначăк, -ан: болан, гладан, жедан, раман, но: едăн, -ац: глушац, квасац, клинац, конац, комáрац, молац, светац, старац, удóвац итн.  
  • Континуантна темна самогласка ă од секундарниот ер ъ2 во кореновите слогови: лăга, лăжго, лăже, мăгла, мăглив, мăска и во групата -tlъ: пăкăÿ, рекăÿ, односно рефлексот а во крајните групи: -trъ: бистар, ведар, вепар, добар, едар, итар, модар, мудар, остар; но: габер, -tmь: седам, осам, седамнаесе, осамнаесе, но: седăмдесе, осăмдесе, и -tnь: огин;
  • Развој на въ вь во у: Отидé у село, беше у Битола; уденуе улáга, улéгне, унýтра, унýк, парáнук, удóвац, удóвица итн.
  • Вредност у наместо носовката ѫ од заден ред во коренот на зборот: груди, грудник, гузица, гулýп, гулубáрни, дубúца, дăп, зуп, зубес, јуже, куде / некуде, мудар, мутан, муте, муш, обруч, пут, руб, рука, рукáф, скуп, ступка, субóта, труба, туга, туже, удица, утар, уток итн., кај заменската њума и во прво лице еднина на сегашното време кај глаголите од и- и е-група: носу, рабóту, еду, плачу, сечу итн., односно континуантот а во наставката -на-: викнá, дигнá итн. и во имперфектно-аористната наставка за трето лице множина: викаа, гледаа, носеа, работеа, сечеа; видóа, дојдóа, едóа итн.
  • Основна вредност у наместо самогласното л: буа, Бугарин, вук, вучица, вуна, вунен, жут, жутенúкав, јабука, кук, музе, музница, муња, пужáýка, пун, пуноглáвац итн. и рефлексите ă: гăта, кăца, лă: длăк, длăжúна, лăцне, слăза, слăнце, лу: жлучка...
  • Непрегласено а во трава и обликот орá, орáси.
  • Чување на протетичкото в во примерите вујко, вујна, вујнин.
  • Затврднување на мекото n’ пред самогласките од преден ред: книга, нива, нини, негов итн
  • Употреба на билабијалното л (ÿ) на апсолутниот крај на зборот и пред согласка: соÿ, стоÿ; беÿ, вреÿ; косúÿ, орáÿ; бувáÿка, зеÿник, каÿчúни, жеÿка, маÿку итн.
  • Затврднување на мекото l’ во голем грој примери: блуе, желудац, кашла, клун, клуч, кошýла, кудéла, лујка, лупе, луте се, недéла, поле, селáнка, челат, чешла, но: вал’авица, вол’а, невóл’а, кл’уса, пол’ак итн.
  • Губење на гласот х во сите положби: адéт, ајдýк, аран, ил’áдо, итар, итриштина, оде, оџа, убав, леп; Вла, в, вра, глу, гра, гре, ме, пр, пра, стра, кожý, орá, сиромá; во прво лице еднина на аористот: видó, гледá, дадó, дојдó, држá, едó, забравú, изедó, искочú, пререкó, седó, улегнá итн.; во трето лице лице множина на имперфектот и аористот: гледаа, држеа, едеа, идеја, метеа, переа, стрижеа; видóа, гледáа, дадóа, дојдóа, држáа, застанáа, изедóа итн.
  • Јотување на групата л+ј во примерите од типот зел’е.
  • Нема дисимилација на групата мн: ногу.
  • Промена на мј во мњ: ламња, на земња, у земња, но: земја итн.[2]

Морфолошки одлики

уреди
  • Именките од женски род на се образуваат со наставката : бразди, глави, греди, метли, ручки, соби...
  • Атрибутските зборови употребени со именките од женски род на образуваат множина со -и: белите кошýли, жути крушки, зелéни кори итн.
  • Именките од среден род на множина образуваат со наставката –иња: јагнúња, јарúња, кучúња, мачúња, пилúња, прасúња, телúња итн.
  • Употреба на заменките свак (свакога, свакакăв).
  • Заменките форми ноан, нојна, нојно, нојни.
  • Кратка акузативна заменска форма гу за женски род.
  • Акузативна форма за машки род нега, га.
  • Наставка -ога (свакога, некога, никога)
  • Наставка -мо за прво лице множина на сегашното време: викамо, гледамо, гăтамо, думамо, држемо, крчемо, носемо, памтемо, седемо, апемо, дишемо, идемо, сечемо итн.
  • Наставка во трето лице множина на сегашното време: викат, носет, сечет итн.
  • Имперфективни наставки –амо, -ате за прво и второ лице множина: вúкаамо- вúкаате, нóсеамо-нóсеате, сéчеамо-сéчеате итн., односно аористни наставки -мо, -те за прво и за второ лице множина: викнáмо-викнáте, дојдóмо-дојдóте, згрешúмо-згрешúте итн.
  • Имперфективно-аористна наставка –а за трето лице множина: викаа, носеа, сечеа; викнáа, дојдóа, изгорóа, постојáа итн.
  • Употреба на наставката –ача: кривáча, крстáча итн.
  • Присуство на наставката –уша: ајдарýша итн[2]

Наводи

уреди
  1. Божидар Видоески, Дијалектите на македонскиот јазик, том 2, 1999, Скопје
  2. 2,0 2,1 Васил Дрвошанов, Дијалектолошки студии, детска радост, Скопје