Кралот на кралевите (филм)
„Кралот на кралевите“ (англиски: King of Kings) — американски филм, во режија на Николас Реј. Главните улоги ги толкуваат: Џефри Хантер (во улогата на Исус), Роберт Рајан (како Јован Крстител), Рон Рендал и Рип Тори. Како раскажувач во филмот е појавува Орсон Велс.[1] Овој филм се смета за еден од најдобрите кои го опишуваат животот на Исус Христос.
Содржина
уредиФабулата на овој филм се носи со две страни: историска и евангелска. Таа започнува со приказот како тоа Ерусалим и сета земја паднаа под Римска власт преку заповедта на Помпеј во 63 година пред Христа. Меѓутоа, надежта на народот е дека Бог ќе им испрати Спасител-Месија којшто ќе ги избави од сета тиранија на наметнатата власт. На ова се надоврзува евангелската фабула која го следи животот на Исус од Назарет основана на четирите Евангелија: неговото раѓање во Витлеем (првиот Божиќ), Крштението, изборот на апостолите, проповедите и чудата, неговите страданија во Ерусалим, за на крајот да заврши со Воскресението и Заповедта за Крштение на сите народи. Дополнително на оваа евангелска фабула е нејзиниот историски контекст: лик кој е речиси рамноправен со Христос е Варава, револуционер и бунтовник против Римската власт, ослободен за Пасха како што Христос е испратен на Голгота на Распетие. Варава во филмот го претставува „оганот“ и „мечот“, додека Христос е претставник на мирот и на братството на сите луѓе. Во однос на последново се поставува и римскиот стотник Лукијан: преку колежот на Витлеемските деца и активноста на св. Јован Крстител тој се запознава со Христијанството, за на крајот, при самиот Крст Исусов, да Го исповеда Исус како Христос.[2]