Корисник:Bjankuloski06/Сливови во Македонија
Површинските води се најважниот дел на екосистемите во државата. Исто така, тие се просторно најраспространети и најблиски до човековите активности. Поради географската локација на Македонија, голем дел од површинските води (84%) потекнуваат од нејзината територија. Количината на површинските води најмногу зависи од врнежите од дожд и од топењето на снегот. Поради топографските, геолошките и морфолошките карактеристики на релјефот истекувањето се одвива преку хидрографската мрежа составена од реки, потоци и езера. Исклучок од тоа се карстните региони, каде што водата се задржува подолго во подземјето и ги обновува водотеците во речната мрежа.
Река/
Езеро |
Сливна
површина (км2) |
Удел
(%) |
---|---|---|
Вардар | 6.813 | 26,5 |
Треска | 2.068 | 8,0 |
Пчиња | 2.373 | 9,2 |
Брегалница | 4.307 | 16,8 |
Црна | 4.985 | 19,4 |
Црн Дрим | 3.355 | 13,0 |
Струмица | 1.520 | 5,9 |
Дојранско Езеро | 120 | 0,5 |
Циронска и Лебница | 128 | 0,5 |
Јужна Морава | 44 | 0,2 |
Хидрографската територија на Република Македонија може да се подели на четири речни сливови: Вардарски, Струмички, слив на Црн Дрим и Јужна Морава. Вардарскиот Слив е најголем (20.546 км2 или 79,9%) и гравитира кон Егејското Море. Струмичкиот Слив (1.520 км2 или 5,9%) се наоѓа во југоисточниот дел на државата и исто така гравитира кон Егејското Море. Сливот на Јужна Морава (44 км2 или 0,2%) е најмал, сместен во северниот дел на земјата и гравитира кон Црното Море. Овој слив не придонесува многу кон достапните водни ресурси во земјата. Истекувањето на водите во Македонија најмногу е преку следниве реки: Вардар кај Гевгелија, Црн Дрим кај Дебар и Струмица кај Ново Село.