Копачка (оро)

македонско оро, народен танц, кој потекнува од Македонија

Копачка[1] — македонско машко соборско оро, кое потекнува од селото Драмче, во областа Пијанец, во околината на Делчево. Изведувачите се мажи кои се држат за појас, со левата рака пред десната. Орото се игра полетно и темпераментно, со мали, брзи чекори на полустапалата. Тоа обилува со потскоци, доскоци, странични движења, ножици и поткопнување со нозете по подот, од што е произлезено името на орото.

Опис и карактеристики на орото Копачка

уреди

Копачката е машкo соборскo народнo oрo од Пијанечкиот регион, карактеристично за населбите од разбиен тип, почнувајќи од Калиманци, па сè до Делчево. Во секоја населба името на орото е исто, но има разлики во чекорите, ритмичките комбинации и во мелодиските линии. Копачката ја има во: Истибања, Калиманци, Македонска Каменица, Делчево, па и во Малеш. Оттука постојат и повеќе варијанти на оваа игра како: Калиманска Копачка, Истибанска, Косевичка, Копачка од с. Драмче. Над сите варијанти со својата оригиналност и автентичност се издвојува Копачката од с. Драмче. Тоа е најбрзото и најдинамичното пијанечко, но и македонско машко народно оро. Него не го красат само ритмичките комбинации и мелодиските линии туку за нејзината убавина придонесува и народната носија типична за Пијанечкиот регион. Карактеристичен и најефектен народен инструмент со кој се исполнува и игра Копачка е тапанот. Копачката најубаво се игра ако се изведува со два тапани. Тој што го заведува и води орото се вика „изводáч“, а тој што е на крајот се вика „опашкáр“ или опашка. Колку што е важен изводáчот, кој по правило треба да биде најдобриот играорец, толку е важен и опашкарот. Сепак, многу значаен играорец е и средишниот. Тој е столб на сите играчи и ја држи и десната и левата половина од играчите.

Рацете се вкрстени за појас и тоа на следниот начин левата рака на изведувачот доаѓа над десната рака на вториот играч. И така редум - десната под левата рака на претходниот играч, а левата рака над десната на играчот од левата страна. Рацете се држат цврсто и со прстите фатени за појасите.

Изведувачот и опашкарот носат крпа - тријачка. Изведувачот ја држи со десната рака и спуштена надолу, а опашкарот ја држи со левата рака и спуштена или дигната нагоре. Ова е затоа што изведувачот поради брзината на чекорите, нема време крпата да ја држи високо. Народното оро Копачка што се игра во с. Драмче има 4 дела:

  1. Шетаница
  2. Ситното
  3. Префрлáчка
  4. Копáчка – копнување

Сите тие ора ги обединува прво името – сите се викаат Копачка. Во играчките обрасци постои имитација на аграрен процес во случајот копање, ситнење, рамнење на земјата, сите се во 2/4 метар, сите почнуваат малку бавно и се забрзуваат до едно екстатично завршно играње.

Своето име го добило по тоа што во најголемиот занес од играта – во нејзиното најбрзо темпо како кулминација е скокнувањето и застанувањето на десната нога, а пак, со левата се копнува силно во земјата кревајќи прашина и парчиња од земјата, тревата и сл. Копачката денес пртставува жива традиција на пијанечките собори, свадби, крштевки и други празнувања и прослави. Посебноста на "Копачката" од с Драмче, Пијанечки регион се манифестира преку:

1. Масовноста на орото на соборите и свадбите во с.Драмче, па и во околните населби- постои едно непишано правило, секој да се фати на орото според своите играорни квалитети. 2. Хиерархиско редење на играорците - Најдобрите играорци се фаќаат на на почетокот, "на врÄо на орото". Тие што можат убаво да играат одат на крајот на орото (на опашката), а другите се фаќаат во средината на орото.

  • Шетаница - бавен дел и во него се формира полукругот на играта. Таа најчесто започнува со двајца играорци од кои првиот (десниот) е изведувач, а левиот опашкáр (а може и да не е опашкар). По нив се фаќаат на орото другите играорци меѓу нив или зад опашкарот, ако тој веќе ја дава улогата на опашкар на друг играорец. Ако не ја дава таа улога на друг, тогаш играорците се фаќаат меѓу нив.
  • Ситното - брз дел. Чекорите на играорците се брзи и ситни, по што овој дел го добил и името Ситното-Ситната. Вештите играорци во овој дел од играта ги лизгаат нозете по земјата или тревата при што се добива впечаток дека играорците не стапнуваат на земјата.
  • Префрлáчка - е брз и динамичен дел од играта со малку поголем занес од вториот дел. Карактеристично за овој дел е тоа што пред секое тргнување напред се прави префрлување на левата нога пред десната, а потоа брзо нејзино враќање зад десната нога и повторно тргнување напред. Поради тоа што левата нога така се префрлува, овој дел го добил и името Префрлáчка.
  • Копачка – копнување - последен најбрз и најдинамичен дел од орото, со карактеристични ритмички комбинации, во зависност од мајсторството на тапанџиите.

„Копачката“ традиционалното оро од с. Драмче се смета за најавтентичен пример за целиот Пијанечко-малешевски ареал.

Нематеријално културно наследство

уреди

Ова оро со Одлука е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, бр. 42-6070/3 од 19 јули 2011 година во Македонија.

Во 2014 година, орото Копачка од Драмче било номинирано за претставителниот список на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство. На 27.11.2014 година, во Париз, на 18 - та пленарна сесија на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, била донесена одлука за впишување на Копачката на Претставителнниот список на УНЕСКО за нематеријални културно наследства на човештвото.[2][3]

Вредности на орото

уреди

„Копачката“ традиционалното оро од с. Драмче, Пијанечки регион, обединува повеќе карактеристики на старата машка играорна традиција на Пијанечкиот ареал. Како автентично и зачувано добро во меморијата на носителите на овие традиционални играчки форми, тоа е од непроценливо значење за културниот идентитет на населението од посочените села на Пијанечкиот регион.

Нејзината вредност како интегрален израз на културно и уметничко творештво на народниот гениј се изразува преку единството на манифестирање и негување на неговите форми кои во висока мера ги задоволува критериумите за неговото културно, уметничко, научно и општествено значење.

  • Автентичност - се одликува со посебен стил на играње карактеристичен и својствен за играорците од с. Драмче, Пијанечко. Автентичноста е изразена преку зачуваните архаични структурни елементи играње со придружба на два тапани; во играчките обрасци карактеристични се имитативните движења на трудова дејност, играње со ниско стопало, со триење на нозете од земјата, нејзино ситнење и копнување. Реткоста - степенот на зачуваноста на "Копачката" традиционалното оро од с. Драмче, претставува вистинска реткост што постои како збирно духовно добро кое е зачувано во оваа мера, како културно наследство во меморија.
  • Единственост - Единствено во Република Македонија како тип најдинамично машко оро со посебен стил на играње.
  • Разновидност - "Копачката" традиционалното оро од с. Драмче, Пијанечки регион е комплексно оро кое претставува спој од четири дела.
  • Интегралност - е изразена преку спојот на формите и функциите на "Копачката" традиционалното оро од с. Драмче, Пијанечки регион.
  • Зачуваност - "Копачката" традиционалното оро од с. Драмче, Пијанечки регион е најстара и најсочуваната изведба на овој вид вид традиционално играорно изразување, сепак се појавуваат тенденции на преобликување (додавање на нови елементи).
  • Старост - "Копачката" традиционалното оро од с. Драмче, Пијанечки регион, претставува најстар и најархаичен слој на играорно изразување, се идентификува според анкетираните жители на овој регион, дека ваквиот стил на играчко изразување се негувало со векови, а тоа се показателите за неговата старост.

Литература

уреди
  • Димоски, Михајло: - "Народните ора и орската традиција во Беровско", Македонски фолклор, XIII/26, Скопје, 1980, стр.111-118.
  • Димоски, Михајло: - "Некои иновациони појави во современиот развиток во орската традиција во Македонија", Македонски фолклор, IX/18, Скопје, 1976, стр.117-119.
  • Димоски, Михајло: - "Метро-ритмичките структури на ората во Македонија, Македонски фолклор, IX/18, Скопје, 1976, стр. 97-90.
  • Пајтонџиев, Ганчо: - Македонски народни ора: од Малешевско, Делчевско, Кочанско, Светиниколско, Штипско, Радовишко, Струмичко и Валандовско, Македонска книга: Институт за фолклор, 1973, Орска народна традиција, кн.1.
  • Линин, Александар: - Инструменталните состави во македонската народна музика, Македонски фолклор, I/5-6, Скопје, 1970, стр. 105-111.

Наводи

уреди
  1. https://www.youtube.com/watch?v=zqFF6Xs_ws8
  2. „Kopachkata, a social dance from the village of Dramche, Pijanec“. UNESCO Culture Sector - Intangible Heritage. Посетено на 18 декември 2014.
  3. Страницата за Копачка на УНЕСКО

Надворешни врски

уреди