Конвенција за правата на детето

Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации (чести кратенки коишто се среќаваат се CRC, CROC или UNCRC) е договор за човековите права во којшто се утврдени граѓанските, политичките, економските, социјалните, здравствените и културните права на децата. Конвенцијата генерално го дефинира детето како секое човечко суштество кое не навршило осумнаесет години од животот, освен ако врз основа на законот на одредена земја полнолетството не се стекнува порано.

Конвенција за правата на детето
{{{image_alt}}}
  Страните на конвенцијата
  Потпишано, но не ратификувано
  Непотписнички
Потпишан20 ноември 1989 година[1]
МестоЊујорк[1]
На сила од2 септември 1990 година[1]
Услов20 ратификации[2]
Потписници140[1]
Странки196[1] (сите подобни држави, освен САД)
ЧуварОН Генерален-Секретар[3]
ЈазициАрапски, Кинески, Англиски, Француски, Руски, Шпански[1]
Целосен текст
UN Convention on the Rights of the Child на Викиизвор

Нациите коишто ја ратификуваат оваа Конвенција се обврзани кон неа со меѓународното право. Комитетот за правата на детето при Обединетите нации којшто го сочинуваат членови од земјите низ светот надгледува дали Конвенцијата се почитува. Еднаш годишно, Комитетот поднесува извештај до Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации, а исто така Претседателот на Комитетот за правата на детето има свое излагање пред Третиот комитет и Собранието донесува Резолуција за правата на детето.

Владите на земјите коишто ја ратификувале Конвенцијата се должни да поднесуваат извештај и да се појават периодично пред Комитетот за правата на детето при Обединетите нации за да се разгледа нивниот напредок во однос на спроведувањето на Конвенцијата и статусот на правата на детето во нивната земја. На мрежното место на Комитетот можете да ги најдете нивните извештаи, како и писмените ставови и елементи на загриженост на Комитетот.

Генералното собрание на Обединетите нации ја донесе Конвенцијата и на 20 ноември 1989 година, на 30-годишнината на Декларацијата за правата на детето, ја стави на потпишување. Откако беше ратификувана од потребниот број нации, на 2 септември 1990 година Конвенцијата стапи на сила. Од ноември 2009 година, 194 земји ја ратификуваа, вклучувајќи ги и сите членки на Обединетите нации со исклучок на Сомалија и Соединетите Американски Држави. Министрите од Кабинетот на Сомалија ги најавија своите намери за ратификување на договорот.

На 25 мај 2000 година, беа донесени два факултативни протоколи. Со Првиот факултативен протокол се ограничува вклучувањето деца во воени конфликти, а со Вториот факултативен протокол се забранува продажбата на деца, детската проституција и детската порнографија. Повеќе од 140 држави ги ратификуваа двата протоколи.

Содржина

уреди

Конвенцијата се осврнува на специфичните потреби и права на детето. Конвенцијата на државите им налага да дејствуваат во најдобар интерес на детето. Овој пристап е различен од пристапот на обичајното право којшто се среќава во многу земји, коишто порано се однесувале со децата како со своја сопственост или движен имот, и понекогаш за нивната сопственост се расправало и во семејни спорови.

Во многу јурисдикции, правилното спроведување на Конвенцијата налага ревизија на законите за старателство врз деца или пак барем креативен пристап во рамките на постоечките закони. Со Конвенцијата се потврдува дека секое дете има одредени, основни права, вклучувајќи го правото на живот, правото на сопствено име и идентитет, правото да биде одгледан/а од своите родители во семејство или културна заедница, како и да одржува врска со двајцата родители дури ако тие се разделени.

Според Конвенцијата, државите се обврзани да им дозволат на родителите да ги извршуваат своите родителски обврски. Исто така, Конвенцијата го признава правото на децата да ги изразат своите мислења, како и тие мислења да бидат слушнати и да се постапува по нив онаму каде што тоа е соодветно, потоа да бидат заштитени од злоупотреба или експлоатација, нивната приватност да биде заштитена и исто така, Конвенцијата налага да нема прекумерно мешање во животите на децата.

Исто така, Конвенцијата ги обврзува државите-потписнички да им обезбедат одделно правно застапување на децата во секаков судски спор, во однос на грижата за нив и бара во таквите случаи да биде ислушано мислењето на детето. Според Конвенцијата, смртна казна за деца е забранета.

Комитетот за правата на детето во Општиот коментар бр.8 од 2000 година изјави дека:

- Сите држави-страни во Конвенцијата имаат обврска да дејствуваат брзо за да ги забранат и укинат сите телесни казни и сите други сурови или понижувачки форми на казнување деца. –

Во член 19 од Конвенцијата се вели дека државите-страни во Конвенцијата мораат „да ги преземат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки за заштита на детето од сите форми на физичко или ментално насилство“, но во него не се споменува телесната казна. Толкувањето на Комитетот во врска со тоа категорички е одбиено од неколку држави-страни во Конвенцијата, вклучувајќи ги Австралија, Канада и Обединетото Кралство.

При толкување на Европската конвенција за човекови права, Европскиот суд за човекови права се повикувал на Конвенцијата.

Држави-страни во Конвенцијата и држави-потписнички

уреди

Од ноември 2009 година, 193 земји ја ратификувале, прифатиле или пристапиле кон Конвенцијата, од кои некои со одредени резерви или толкувања, вклучувајќи ги сите членки на Обединетите нации со исклучок на Сомалија и Соединетите Американски Држави. Сомалија соопшти дека наскоро и таа ќе ја ратификува Конвенцијата.

Од 1990 година, Австралија е членка на Конвенцијата. Во една статија во австралиското списание „Нешенел Обсервер“ (National Observer) од 1999 година, се вели дека Конвенцијата има „застрашувачки потенцијал за максимално уништување на западните семејни вредности“, а Комитетот за правата на детето е опишан како „тело коешто не е избрано и кое тврди дека одговара само пред децата од светот и најпосле, според тоа Комитетот не одговара пред никого.“

Канада ја ратификуваше Конвенцијата но, пред договорот да биде ратификуван законите на Канада беа во голема мера или целосно во согласност со договорот. Во Канада кривичните закони за млади претрпеа големи промени што доведе до Законот за малолетничка правда (Youth Criminal Justice Act,YCJA) којшто стапи на сила на 1 април 2003 година. Законот јасно упатува на различните обврски коишто ги има Канада според Конвенцијата.

Конвенцијата имала влијание врз следните одлуки во поглед на административното право: Бејкер против Канада, Министер за државјанство и имиграција.

Во Индија, детскиот труд не е целосно забранет и оваа пракса главно е дозволена во повеќето индустрии, со исклучок на оние коишто се сметаат за „опасни“. Иако, во октомври 2006 година вработувањето деца во хотели, ресторани и како домашни слуги беше забрането со закон, и понатаму има голема побарувачка за деца коишто ги вработуваат како помошници во домовите. Тековните проценки во однос на бројот на деца-работници во земјата варираат од 12 милиони деца под 13 годишна возраст според владината конзервативна проценка па сè до околу 60 милиони деца според многу побројните проценки на активистите за правата на децата. Речиси ништо не се презема за да се реши овој проблем бидејќи економијата напредува и потесното семејство се шири, со што се зголемуваа побарувачката за деца-работници. Индиската влада преку иницијативата Удиша финансирана под покровителство на УНИЦЕФ, го утврдува концептот за начинот на промена и подобрување на заштитата на децата.

Иако, Исламската Република Иран е држава-страна во Конвенцијата за правата на детето, меѓународните организаци за човекови права и странските влади постојано ги осудуваат погубувањата на децата-престапници во Иран што претставува прекршување на договорот.

На 21 октомври 1992 година, Република Ирска ја потпиша Конвенцијата за правата на детето, а на 21 септември 1992 година таа ја ратификуваше без резерви. Како одговор на критиките коишто беа содржани во ревизијата на Комитетот за правата на детето на Обединетите нации од 1998 година во Женева, ирската Влада ја формираше функцијата Народен правобранител за деца и подготви национална стратегија за деца. Откако Комитетот ја изрази својата загриженост во однос на тоа дека формулацијата на ирскиот Устав не дозволува државата да интервенира во случаи на злоупотреба, освен во особено исклучителни случаи, во 2006 година ирската Влада ја презеде обврската да го измени Уставот со цел да ја направи својата заложба за правата на децата поексплицитна.

На 6 април 1993 година, Нов Зеланд ја ратификуваше Конвенцијата но, со резерви во однос на правото да се прави разлика меѓу луѓето според природата на нивната дозвола да бидат во Нов Зеланд, потребата од законодавна мерка во однос на економското искористување, за што тврдат дека е соодветно заштитено со постоечки закон и со одредбите за одвојување на малолетните од возрасните престапници.

Во 1994 година, Апелациониот суд ја отфрли алузијата дека Министерот за имиграција и неговото министерство имаа слобода да ја игнорираат Конвенцијата, тврдејќи дека тоа би значело дека почитувањето на Конвенцијата од страна на земјата „во најмала рака е делумна маска “.

Во мај 2007 година, во Нов Зелан беа донесени измени во Кривичниот закон од 2007 година во којшто Делот 59 беше заменет, со што беше отстрането бранењето со „разумно користење сила“ заради исправка. При третото и последно гласање, Парламентот го изгласа законот со 113 гласа за, наспроти осум гласа против.

Во 1996 година, Саудиска Арабија ја ратификуваше Конвенцијата но, со резерви „во однос на сите оние членови коишти се контрадикторни на одредбите на исламското право“ и исто така, таа смета дека Конвенцијата е валиден извор на домашното право. Комитетот за правата на детето којшто во јануари 2005 година го преиспита однесувањето кон децата во Саудиска Арабија во согласност со Конвенцијата, силно ја осуди Владата за нејзината практика на наметување смртна казна на малолетниците, притоа нарекувајќи ја „сериозно прекршување на основните права“.

Од комитетот изјавија дека се „длабоко вознемирени“ поради дискреционата моќ којашто ја имаат судите за да ги третираат малолетниците како возрасни. Во својот извештај од 2004 година, Владата на Саудиска Арабија тврдеше дека „таа никогаш не изрекувала смртна казна на лица под 18 годишна возраст“. Подоцна, владината делегација призна дека еден судија може да изрече смртна казна доколку одлучи дека осуденото лице е полнолетно, независно од вистинската возраст на лицето во времето кога кривичното дело е извршено или времето кога е закажано погубувањето.

На 16 декември 1991 година, со неколку декларации и со резерви Обединетото Кралство ја ратификуваше Конвенцијата и во јануари 1995 година го изготви првиот извешај до Комитетот за правата на детето. Растот на детската сиромаштија и нееднаквоста, степенот на насилство врз децата, притворувањето млади престапници, малата возраст на кривична одговорност, како и недостатокот на можности за децата и младите да можат да ги искажат своите мислења предизвикува загриженост кај Комитетот.

Во извештајот на Комитетот од 2002 година беше искажана загриженост од слични причини, вклучувајќи ја благосостојбата на децата во притвор, нееднаквиот третман на барателите на право на азил и негативното влијание на сиромаштијата врз правата на децата. Во септември 2008 година, Владата на Обединетото Кралство одлучи да се откаже од резервираноста и да се согласи на Конвенцијата во поглед на овие аспекти.

Владата на Обединетото Кралство ги отфрли критиките од извештајот од 2002 година, во поглед на правното бранење со „разумно казнување“ на децата од страна на родителите коешто Комитетот го опиша како „сериозно нарушување на достоинството на детето“. Министерот за деца, млади и семејства изјави дека иако малку родители ја користат шлаканицата како еден начин на дисциплина, мнозинството се изјаснија дека нема да ја поддржат забраната.

Во прилог на тврдењето на Заедничкиот парламентарен комитет за човекови права, Фондацијата за семејна едукација (Family Education Trust) го критикуваше Комитетот за „донесување радикални толкувања на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации во својата потрага по агенда.“ Во својот извештај, Заедничкиот комитет препорача дека „дојде време Владата да постапува по препораките на Комитетот за правата на детето на Обединдетите нации во однос на телесното казнување на децата и неусогласеноста на бранењето со разумно казнување со обврските од Конвенцијата“.

На тоа Владата на Обединетото Кралство одговори дека:

- Користењето физичко казнување е нешто за што треба да одлучат самите родители поединечно. -

Владата на Соединетите Американски Држави играше активна улога во донесувањето на Конвенцијата и на 16 февруари 1995 година ја потпиша, но не ја ратификуваше. САД, заедно со Сомалија е една од двете земји во светот коишто не ја ратификувале Конвенцијата. Се тврди дека отпорот кон Ковенцијата произлегува пред сè од политичките и религиозните конзервативци. На пример, фондацијата „Херитиџ“ гледа на тоа како на заканувачка национална контрола над домашната политика. Исто така, има и други групи коишто се противат на Конвенцијата, како што е Здружението за правна одбрана на учењето дома (Home School Legal Defense Association, HSLDA) коешто тврди дека Конвенцијата за правата на детето претставува закана за учењето дома и за групите кои ги штитат правата на родителите како што е ParentalRights.org. Од ParentalRights.org тврдат дека со Конвенцијата автоматски би се поништиле речиси сите домашни закони за деца и семејства поради надредената клаузула во член VI од Уставот на САД и дека таа ги потценува правата на родителите со тоа што ги овластува државните власти да управуваат со семејствата на микро ниво, како и да ги преиспитуваат сите одлуки на родителите за да проверат дали тие навистина се во „најдобар интерес“ на децата, стандард којшто е многу субјективен и покрај тоа што им дозволува абортус на малолетниците без знаење или согласност од родителите. Претседателот Барак Обама го опиша неуспехот да се ратификува Конвенцијата како „засрамувачки“ и вети дека тоа ќе биде разгледано.

САД ги потпиша и ги ратификуваше и двата Факултативни протоколи на Конвенцијата.

Факултативни протоколи

уреди

На 25 мај 2000 година, Генералното собрание на Обединетите нации ги донесе двата факултативни протоколи. Првиот протокол, односно Факултативниот протокол за вклучување на деца во вооружени конфликти налага Владите да се погрижат децата под осумнаесет години да не бидат задолжително регрутирани во нивните вооружени сили и апелира да направат сè што е можно за да се осигураат дека членовите на нивните вооружени сили коишто се под осумнаесет годишна возраст да не учествуваат во воени судири. Овој протокол стапи на сила на 12 јули 2002 година, а од октомври 2010 година, 139 држави коишто се држави-страни во протоколот и уште 24 држави го потпишаа но, сè уште не го ратификувале.

Вториот протокол, односно Факултативниот протокол за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија им налага на државите да ја забранат продажбата на деца, детската проституција и детската порнографија. Протоколот стапи на сила на 18 јануари 2002 година, а од ноември 2010 година, 142 држави се држави-страни во протоколот и уште 25 држави го потпишале но, сè уште не го ратификувале.

Од 2010 година, се изготвува трет факултативен протокол со којшто на децата и/ или на нивните застапници ќе им биде дозволено да поднесат поединечни тужби за прекршување на правата на децата.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 United Nations (1989). "Chapter IV. Human Rights. 11) Convention on the Rights of the Child" in: United Nations Treaty Collection. Depositary. Status of Treaties.. Retrieved 20 July 2024.
  2. „Article 49 of the Convention on the Rights of the Child“ (PDF). Website of the United Nations (арапски, кинески, англиски, француски, руски, и шпански). United Nations. 20 November 1989. стр. 22 (paper), 52 (this PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 12 March 2012. Посетено на 6 November 2020.
  3. „Article 47 of the Convention on the Rights of the Child“ (PDF). Website of the United Nations (арапски, кинески, англиски, француски, руски, и шпански). United Nations. 20 November 1989. стр. 21 (paper), 51 (this PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 12 March 2012. Посетено на 6 November 2020.