Кимет Фетаху
Кимет Фетаху (р. 1955 г. во с. Требишта, Албанија) е доктор на науки, универзитетски професор и македонски општественик од Албанија. Своето образование го стекнува во Албанија, но поради својата стручност е испратен на специјализирање во Кина, од областа на геологијата и металургијата. Денес работи како професор и шеф на катедрата на Рударско-геолошкиот факултет во Тирана, a се занимава и со широка општествена дејност. Тој станува активен во организирањето на Македонците особено по падот на диктаторскиот режим во Албанија, во 1990 година. Така, во 1991 година тој ја формира организацијата на Македонците од Албанија „Братство“, која во 1993 година е преименувана во „Мир“. Неговите постапки за афирмација на правата на етничките Македонци во Албанија на почетокот се осудувани од страна на јавноста и властите на Албанија, но со јакнењето на демократската свест, денес состојбата е поинаква. Кимет Фетаху е почитувана личност во Албанија, како експерт во својата област, но и како етнички Македонец.
Меѓу другото, битно е да се спомене дека д-р Фетаху е претседател на друштвото „Мир“ на Македонците од Голо Брдо, координатор на македонските организации во Албанија, и директор на албанскиот Центар за етнички истражувања. Бил и независен кандидат за пратеник во албанскиот парламент од реонот на Голо Брдо.