Исправка на вредност на кредит
Исправка на вредноста на кредитите (англиски: provision for loan losses, allowance for loan losses) претставува сметководствена категорија, односно сметка со која се намалува номиналната вредност на кредитите за износот на можните загуби на кредитите. Тековната исправка на вредноста на кредитите, позната под името резервации за можните загуби на кредитите (provision for loan losses), претставува непаричен расход кој се јавува во билансот на успехот, додека вкупната акумулирана исправка на вредноста на кредитите претставува контраставка на сметките на кои се евидентираат кредитите во билансот на состојбата.
Евидентирање во билансот на состојбата
уредиВо сметководството на банката, кредитите се евидентираат според амортизираната набавна вредност, при што вредноста на одобрените кредити го претставува износот на бруто-кредитите (gross loans). Како нивна контраставка се јавува сметката „исправка на вредноста на средствата“ на која се евидентираат акумулираните резервации за можните загуби на кредитите. Според тоа, сметката „исправка на вредноста на средствата“ претставува корективна ставка на сметките на кои се евидентираат кредитите. На оваа сметка се евидентира проценетата вредност на загубите што банката би можела да ги претрпи на одобрените кредити. Кога од бруто-кредитите ќе се одземе исправката на вредноста се добива износот на нето-кредитите (net loans). Подоцна, доколку навистина клиентот не може да го врати кредитот, банката ќе го отпише кредитот од сметководствената евиденција, при што отпишаниот износ ќе падне на товар на акумулираната резерва за можните загуби на кредитите. Со други зборови, при отпишување на кредитот, истовремено ќе се намалат бруто-кредитите и резервата за можните загуби на кредитите. Така, загубите што ги претрпува банката не го намалуваат износот на нето-кредитите.[1]
Евидентирање во билансот на успехот
уредиИсправката на вредноста на финансиските средства се јавува и како многу значајна ставка во билансот на успехот. Всушност, се работи за некаматни расходи што не предизвикуваат издатоци на парични средства, туку само се јавуваат како пресметковна категорија, слично на амортизацијата. Имено, на товар на вкупните приходи, банките се обврзани да издвојат одреден износ за покривање на загубите што би можеле да ги претрпат на кредитите коишто ги одобриле. Притоа, како расход во билансот на успехот се јавуваат тековните резервации што банките ги издвојуваат во определен временски период. Според тоа, резервациите за можните загуби на кредитите, прикажани во билансот на успехот, го претставуваат тековниот, т.е. периодичниот придонес што банката го прави кон резервата за можните загуби на кредитите.
За големината на овие расходи одлучува раководството на банката во зависност од проценката на квалитетот на кредитното портфолио, но притоа, банката треба да се придржува кон прописите што ги носи централната банка. Оттука, ако раководството на банката смета дека средствата се изложени на повисок кредитен ризик, банката ќе издвои поголем износ на резервации. Бидејќи резервациите за можните загуби на кредитите претставуваат расход, тие директно го намалуваат финансискиот резултат од работењето. Тоа значи дека банката може да издвои поголем износ на резервации и на тој начин да прикаже помала добивка. Имајќи предвид дека расходите се одбитна ставка во пресметката на данокот на добивка, тоа значи дека банките можат да прикажат пониска даночна основа преку издвојување поголем износ резервации за можните загуби на кредитите. Затоа, во повеќето земји, даночната власт обично го ограничува износот на резервациите што банките можат да го пресметаат како одбитна ставка при пресметката на данокот на добивка.[2]
Формирање на резервата за покривање на можните загуби на кредитите
уредиРезервата за покривање на можните загуби на кредитите се формира така што, во текот на годината, банката го проценува износот на загубите што може да ги претрпи на одобрените кредити и него го книжи како расход, кој паѓа на товар на финансискиот резултат од работењето. Вкупните резервации кои се направени во текот на траењето на кредитот ја претставуваат вкупната резерва за покривање на можните загуби на кредитите. Подоцна, од оваа резерва се одзема износот на ненаплатливите кредити.
На пример, на почетокот на финансиската година, резервата за можните загуби на кредитите изнесува 34 милиони денари. Понатаму, како последица на влошената финансиска состојба на неколку должници, во текот на годината, банката извршила дополнителни резервации во износ од 14 милиони денари. Истовремено, банката успеала делумно да наплати еден претходно отпишан кредит во износ од 8 милиони денари. Најпосле, кон крајот на годината, банката утврдила дека неколку претходно одобрени кредити во вкупен износ од 27 милиони денари не може да ги наплати и затоа, нив ги отпишува од сметководствената евиденција. Врз основа на овие податоци, вкупната резерва за можните загуби на кредитите изнесува:[3]
Резерва за можните загуби на кредитите = Резерва за можните загуби на кредитите на почетокот од годината - Отпишани кредити во текот на годината + Наплатени претходно отпишани кредити + Тековни резервации за можните загуби на кредитите
Резерва за можните загуби на кредитите = 34 - 27 + 8 +14 = 29 милиони денари.
Наводи
уреди- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 22.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 37-38.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 34-35.