Илинденски традиции во НОВ

Илинденски традиции во НОВ на Македонија (1941-1944) ― традиции со национална и револуционерна содржина во НОВ на Македонија.[1]

Тие се манифестирале преку именувањето на новите органи на народната власт со називите тајни комитети, народни комитети, преземени од соодветните органи формирани за време на Илинденското востание, потоа низ именувањето на некои одреди и воени единици, давање псевдоними на раководители и борци со имиња на истакнати револуционери од илинденскиот период (Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димитар Влахов, Питу Гули, Добри Даскалов и др.), со учеството на илинденските борци во НОВ и со употребата на знамето на илинденските востаници од страна на партизанските единици, со одбележување на годишнините на Илинденското востание и со организирани демонстрации и други револуционерни форми преку кои се изразувала самобитноста на македонскиот народ. Поврзаноста со илинденските традиции во НОВ, е и определбата Првото заседание на АСНОМ да се свика токму на 2 август 1944 година.[1]

Илинденски прослави

уреди

2 август и Илинденското востание било обележувано со масовни демонстрации за време на НОБ (1941-1944) во Скопје, Прилеп и Битола. Се растурале прогласи и се делеле летоци и други илегални и пропагандни материјали со антифашистичка содржина. Се организирале излети со богати културно-забавни програми, на кои биле читани реферати за значењето на Илинденското востание во историјата на македонскиот народ.[1]

Во чест на Илинден, на слободната територија биле одржувани значајни собири, меѓу кои и Преспанскиот состанок на ЦК КПМ од 2 август 1943 година. На годишнините од Илинденското востание биле формирани нови партизански одреди и воени единици. Овие прослави за време на НОБ силно го изразувале континуитетот на борбата на македонскиот народ за издвојување на својата слобода и за остварување на сопствена државност.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 198. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува |author1= (help)