Изменетосредоземна клима

Изменетосредоземна или изменетомедитеранска клима — климатски тип кој настанува по дејство на топлите влијанија кои од југ од Егејското Море, преку долината на реката Вардар, Струмица и Дојранска Котлина, навлегуваат на север. Поголеми влијанија од оваа клима се чувствуваат во Гевгелиско-валандовската Котлина, Дојранската Котлина, до Демир Капија. Слични влијанија таа има и во Струмичко-радовишката Котлина, каде се пробива преку долината на реките Струма и Струмица. Послаби влијанија од оваа клима има во Тиквешката Котлина, Скопската Котлина, како и по долината на реката Брегалница до Кочанската Котлина. Со послабо влијание оваа клима е застапена и во Дебарската Котлина, која тука навлегува од Јадранското Море, по долината на реката Црн Дрим, а делумно и во Охридско-струшката Котлина.

Средната годишна темепратура на воздухот кај изменетосредоземната клима се движи од 14,5°С до 12,5°С, со вредности за средна јулска температура од 23°С до 25°С и средна јануарската температура од над 1,5°С до 3°С.

Во Пелагонија и во Преспа, и покрај јужната географска положба и близината на околните мориња (Егејското и Јадранското Море), а и поради високата надморска височина на која се наоѓаат (од 600 до 1000 м, односно од 853 до 1000 м) и опкруженоста со планини, сепак не се чувствува влијанието на средоземната клима.

Изменетосредоземната клима се одликува со топли и суви лета, и со благи и врнежливи зими. Есента и пролетта не се еднакво изразени, есента е подолга и потопла, а пролетта е покуса и посвежа. Во областа на оваа клима во летните месеци се јавуваат големи топлини (и над 40°С). Снегот, особено во Гевгелиско-валандовската Котлина, се задржува само неколку дена, а височината на снежната покривка изнесува едвај неколку сантиметри.

Количеството на врнежи многу осцилира, со вредноси од 750 мм во Гевгелиско-валандовската Котлина, на 650 мм во Струмичко-радовишката, до 510 мм, односно 490 мм во Тиквешката и Овчеполската Котлина.

Најпознати ветрови кои дуваат во овој климатски тип во Република Македонија се Вардарец и Југо.