Здрав разум во шахот
Здрав разум во шахот е шаховска книга од ознатиот германски велемајстор и поранешен светски првак (1894-1921), Емануел Ласкер. Делото претставува шаховски учебник, во кој авторот ги разработува основните шаховски принципи и шаховската филозофија во различни фази од партијата, со особен нагласок на играта во отворањето и завршницата.
Корица на книгата на руски јазик | |
Автор | Емануе Ласкер |
---|---|
Изворен наслов | Gesunder Menschenverstand im Schach |
Земја | Германско Царство |
Јазик | германски |
Содржината е распоредена во 12 лекции, кои авторот ги предавал за време на неговиот престој во Лондон, пролетта 1895 година. Книгата е напишана на германски јазик, а првото издание било издадено во 1925 година.
Уште со издавањето на првото издание на книгата, истата стекнала огромна популарност, којашто се пренесувала од поколенија на поколенија. Денес, делото се смета за еден од најзначајните шаховски учебници.
Содржина
уредиДелото содржи 12 лекции, чијашто содржина е посветена на изучување на различните фази и елементи на шаховската партија.
Првите шест лекции се посветени на анализа на играта во отворањето. Во првата лекција, авторот го воведува читателот во играта, запознавајќи го со некои основни информации. Во овој дел, тој исто така го запознава и со неколку варијанти во отворањето, како и со главните идеи зад нив. На крајот од оваа лекција се наведени и четири принципи, кои треба да ги почитува шахистот при играта во отворањето. Следните четири лекции, исто така ги разработуваат отворањата, но од практичен аспект. Во втората лекција, читателот се запознава со Шпанската партија, а нагласокот е ставен на анализа на варијантите со соодветните позиции во Берлинската одбрана од ова отворање, која е продолжение кое настанува со потегот 3...Sf6. Третата лекција, исто така е посветена на Шпанска партија, но на продоженијата по потегот 3...а6, односно Маршаловата варијанта. Четвртата и петтата лекција разработуваат отворања, кои во тој период биле доста популарни, но со тек на време ја изгубиле својата популарност. Во четвртата лекција станува збор за Евансовиот гамбит во Италијанска партија, а во петтата за Кралскиот гамбит. Особено внимание, Ласкер обрнува на Кралскиот гамбит, кого го нарекува „неправилен“, а во продолжение ја посочува и Бесмртната партија, одиграна меѓу Андерсен и Кизерицки, во која се среќава посоченото отворање. Во шестата лекција, Ласкер врши анализа на Француската одбрана, како отворање со голем број на можностите за напад.
Седмата и осмата лекција се посветени на нападот како значаен елемент во развојот на партијата, кој е објаснет како процес, со чиешто посредство се отстрануваат пречки. Теоретската содржина на овие лекции продолжува со објаснување на начините на кои може да се напаѓа. Во овој дел, авторот посочува неколку извадоци од партии на познати шахисти, анализирајќи ги и објаснувајќи ги различните можности за напад во секоја од нив. Во продолжение, авторот напоменува и на улогата на пешаците во партијата и наведува пет законитости за играта со пешаците, а завршниот дел од овие лекции, Ласкер му го посветил на Штајниц и неговите сфаќања за еднаквоста на почетната позиција.
Деветтата лекција е посветена не одбраната. Овде се напоменува, дека одбраната не треба да се сфати како отежнување на нападот на противникот, туку како потреба за уништување н напаѓачкиот план на противникот на каков било можен начин. Во овој дел се споменува и принципот на економичност и неговата улога во одбраната, а анализиран е и извадокот од познатата Зимзелена партија, одиграна меѓу Дуфрен и Андерсен. Во продолжение се посочени неколку цели партии како примери, кои имаат за цел да го објаснат начинот на кој се размислува при одлучувањето за одигрувањето на вистинскиот одбранбен потег.
Последните три лекции се посветени на играта во завршницата, каде нагласокот е ставен на пешачките завршници и одликите на различнитевидови пешаци во оваа фаза од партијата. Така, анализирани се голем број различни пешачки завршници со различен исход. На крајот од овие лекции, објаснето е и значењето на фигурите и полињата во завршницата.
Делото содржи и завршен говор, во кој авторот дава одговор на прашањето за постоење на стил во шахот и посочува различни видови на стил, во зависност со различни карактери на шахисти.
Стил на пишување
уредиЗаснована на предавањата на Ласкер во Лондон, содржината на делото е напишана во едноставен стил, достапен за обичниот читател. Всушност, секој оној којшто ги знае шаховските правила, може да се надградува со содржината на ова дело. Анализираните позиции се поткрепени со прикажување на критичните позиции на дијаграми, а уште при создавањето на книгата, запишувањето на потезите било со употреба на алгебарска шаховска нотација.
Надворешни врски
уреди- Мрежно место на кое книгата може да се подигне во DJVU формат Архивирано на 7 август 2011 г.