„Задиг или Судбина“ (француски: Zadig ou la Destinée) — новела на Франсоа Волтер од 1747 година.

Содржина

уреди
 
Првото издание на „Задиг“
  • Одобрение: Еден учен и остроумен службеник, откако го чита ракописот, него го оценува како интересен, забавен и поучен и поради тоа го прогласува за недостојно и одвратно дело.[1]
  • Садиевата посвета на „Задиг“ на султанијата Шераи: Сади ја фали убавината, скромноста, мудроста и другите благородни особини на султанијата Шераи и ѝ го поклонува преводот на повеста за Задиг, напишана од некој древен мудрец. Притоа, тој наведува дека делото првобитно било напишано на халдејски јазик, а потоа било преведено на арапски.[2]
  • Глава 1 — Едноокиот: Во Вавилон живее Задиг, мудар и богат млад човек, кој е вљубен во убавата Семира. Меѓутоа, еден ден, Оркан, синот на еден висок државен службеник, се обидува да ја грабне Семира и Задиг е ранет во борбата. Еден славен лекар предвидува дека Задиг ќе го загуби левото око и тогаш Семира го напушта и се мажи за Оркан, а Задиг се жени со Азора.[3]
  • Глава 2 — Носот: За време на отсуството на Азора, Задиг пушта глас дека умрел, а таа се зближува со неговиот најдобар другар Кадор (во договор со Задиг). Тој се жали на болка и бара од Азора да му го пресече носот на „мртвиот“ Задиг, како лек за неговата божемна болка. Наивната Азора послушува, но Задиг ја спречува и ѝ укажува на глупоста.[4]
  • Глава 3 — Кучето и коњот: Во вториот месец од бракот, Задиг ја брка Азора и се повлекува во една колиба крај Еуфрат, каде се прославува со големото познавање на природните науки. Имено, благодарение на својата мудрост, тој успева детално да ги опуше кралскиот коњ и кучката на кралицата, иако воопшто не ги видел.[5]
  • Глава 4 — Завидливецот: Потоа, тој започнува да се бави со филозофија, но откако е наклеветен, тој го сфаќа злото во светот. Затоа, се враќа во Вавилон, каде организира приемни за видните луѓе. Меѓутоа, еден завидлив човек го наклеветува кај кралот поради стиховите кои пишува во чест на една госпоѓа. Така, Задиг е осуден на смрт, но во последен миг, тој ја докажува својата невиност и се спасува, станувајќи миленик на кралот и на кралицата.[6]
  • Глава 5 — Благородните луѓе: За време на традиционалната свеченост, Задиг ја добива наградата за најблагородното дело и тогаш помислува дека најпосле ја пронашол среќата.[7]
  • Глава 6 — Министер: Набргу, тој станува прв министер при што се истакнува со својата мудрост и праведност.[8]
  • Глава 7 — Расправи и приеми: Задиг е на добар глас низ целото кралство, а особено го сакаат жените, кои постојано му се додворуваат. Од сите понуди, тој само еднаш подлегнува на искушението и има љубовни односи со една жена. Од друга страна, во една прилика, тој ја одбива жената на завидливецот, не претпоставувајќи дека со тоа го навлекува нејзиниот гнев.[9]
  • Глава 8 — Љубомора: Како последица на честите средби, кралицата Астарта се вљубува во Задиг, а истите чувства ги има и тој кон неа, но никој од нив нема смелост отворено да ја признае својата љубов. Сепак, љубоморниот крал ја насетува нивната блискост и на своите луѓе им наредува да ја отрујат кралицата и да го задават Задиг. Сепак, Задиг е предупреден на опасноста и тој бега во Египет.[10]
  • Глава 9 — Истепаната жена: Кога пристигнува во првото село во Египет, Задиг здогледува убава жена која ја мачи еден маж. Во нејзината одрбана, тој го убива насилникот, но и самиот е ранет. Меѓутоа, наместо да му искаже благодарност, жената го напаѓа, обвинувајќи го дека ѝ го убил љубонвикот. Тогаш, на местото пристигнуваат коњаници кои ја грабаат жената за која подоцна Задиг дознава дека се вика Мисуфа, но не ја знае причината за нејзиното ненадејно грабнување.[11]
  • Глава 10 — Робување: Селаните го обвинуваат за убиството на љубовникот на Мисуфа и поради тоа го продаваат како роб. Него го купува трговецот Сеток, кој го носи во Арабија. Набргу, Задиг се прославува со својата мудрост и му станува советник и пријател на Сеток.[12]
  • Глава 11 — Клада: По смртта на еден човек, неговата сопруга Алмона треба да биде запалена заедно со него, во согласност со стариот обичај во племето на Сеток. Тогаш, Задиг разговара со вдовицата и, откако се уверува дека таа не сака да умре, успева да ги убеди луѓето да го укинат законот за палење на вдовиците.[13]
  • Глава 12 — Вечера: За време на патувањето во Басра, каде се одржува голем саем на трговците од сите краишта, група трговци се расправаат околу тоа кое божество треба да се почитува како најстаро, а Задиг ги помирува учесниците во расправата.[14]
  • Глава 13 — Состанок: Додека Задиг се наоѓа во Басра, завидливите свештеници го наклеветуваат за безбожништво и тој е осуден на смрт. Сепак, користејќи ја својата убавина, вдовицата Алмона успева да ги разобличи свештениците и така го спасува Задиг.[15]
  • Глава 14 — Играње: Сеток го испраќа Задиг да заврши некои трговски работи на островот Серендиб. И таму, Задиг се истакнува со својата мудрост, а на тамошниот крал му помага да избере чесен ризничар.[16]
  • Глава 15 — Сините очи: Задиг му помага на кралот да избере жена која го сака, а потоа му помага и да се одбрани од нападот на непријателските племиња. Сепак, со своите успеси, тој го навлекува гневот на тамошните моќници и мора да го напушти островот.[17]
  • Глава 16 — Разбојникот: За време на своето патување, Задиг доаѓа до границата на Сирија и се запознава со разбојникот Арбогад. Од него дознава дека вавилонскиот крал полудел и дека е убиен, дека во кралството владее неред. Вознемирен за судбината на кралицата Астарта, Задиг веднаш тргнува во потрага по неа.[18]
  • Глава 17 — Рибарот: Патем, Задиг среќава еден рибар кој сака да се удави поради големата несреќа што го снашла. Задиг го спасува и го упатува да појде во Вавилон и да го чека кај неговиот пријател Кадор.[19]
  • Глава 18 — Василиск: Задиг го продолжува своето патување и случајно ја среќава Астарта, која му раскажува за својата судбина: Дознавајќи дека треба да биде убиена, неа ја скрил Кадор во храмот, а кралот испратил потера по неа во Египет; по грешка, потерата ја заробила Мисуфа, а кралот се оженил со неа и потоа полудел; народот кренал бунт, а кралот бил убиен во една битка; Астарта и Мисуфа биле одведени како робинки, но Астарта успеала да избега, но била заробена од разбојникот Арбогад, кој, пак, ја продал на благородникот Огул. Тогаш, Задиг се претставува како лекар и ја ослободува Астарта, која заминува во Вавилон, а Задиг успева да му го поправи здравјето на Огул.[20]
  • Глава 19 — Борби: Астарта се враќа во ослободениот Вавилон, а народот ја прифаќа со воодушевување. Вавилонците приредуваат витешки натпревар на којшто треба да се избере новиот крал и сопруг на Астарта. Задиг победува во борбите, но еден учесник во натпреварот со измама ја зема неговата облека и лажно се претставува како победникот. Во очај, Задиг го напушта Вавилон.[21]
  • Глава 20 — Пустиникот: Скитајќи во очај, Задиг среќава пустиник, кој му нуди помош. Старецот го поведува Задиг со себе на патување и прави необични дела, правејќи им лошо на добрите луѓе а добро на лошите. Најпосле, кога пустиникот убива едно дете, Задиг избувнува, но тогаш старецот се подмладува и се претвора во ангел. Тогаш, ангелот му ги објаснува своите чудни постапки, кои треба да покажат дека сè на светот е предодредено според вољата на творецот и му дава налог да се врати во Вавилон.[22]
  • Глава 21 — Гатанки: Задиг пристигнуав во Вавилон, каде народот го дочекува со воодушевување. Во тој миг, во дворецот се одржува последниот круг од натпреварот за избор на нов крал во кој натпреварувачите одговараат на гатанки. Задиг добива дозвола да учествува и дава најдобри одговори на поставените прашања, а потоа, во двобој го победува натпреварувачот-измамник и така станува крал на Вавилон и маж на Астарта. Тогаш, тој ја пушта Мисуфа да скита низ светот, на разбојникот Арбогад му дава високо заповедничко место во војската, својот поранешен господар Сеток го става на чело на трговците, на Кадор му доделува државна служба, на рибарот му поклонува куќа, а на Семира и на Азора им дава поклони. Притоа, за време на неговото владеење, Вавилон доживува препород и благосостојба.[23]

За делото

уреди

Во „Одобрението“, под маската на ориенталниот стил, Волтер прави иронична алузија на француската цензура, односно кади-аскерот се однесува на министерот на правдата. Понатаму, во Садиевата посвета (Сади Мушериф-ед-дин е познат персиски поет), султанијата Шераи ја претставува маркизата де Помпадур која му била покровителка на Волтер, а која, исто така, знаела да црта и да пее. Во четвртата глава се споменува архимагот Јебор, а келското издание на „Задиг“ содржи долга забелешка во која се објаснува дека името Јебор е анаграм на свештеникот Бојер (Жан Франсоа Бојер, 1675-1755) кој бил опасен фанатик и во неколку наврати го прогонувал Волтер. Понатаму, во 15. глава се споменува изразот „духот и срцето“ којшто е алузија на педагогот и историчарот Шарл Ролен (1661-1741) кој често го употребува овој израз во своето дело „За учењето“. Инаку, поради третата глава, „Кучето и коњот“, Волтер бил обвинет за плагијаторство, бидејќи таа има слична содржина како приказната „Доживувањата на трите принца од Сарендип, превод од персиски“, објавена во 1716 година. Исто така, тој бил обвинет за плагијаторство и поради 20. глава („Пустиникот“) која има голема сличност со истоимениот расказ на Томас Парнел (1679-1718).[24]

Наводи

уреди
  1. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 99.
  2. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 101-102.
  3. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 103-105.
  4. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 106-107.
  5. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 107-110.
  6. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 111-115.
  7. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 115-117.
  8. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 117-120.
  9. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 120-123.
  10. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 123-127.
  11. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 127-129.
  12. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 130-132.
  13. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 133-135.
  14. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 135-138.
  15. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 138-140.
  16. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 140-143.
  17. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 144-147.
  18. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 147-150.
  19. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 150-153.
  20. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 153-160.
  21. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 160-164.
  22. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 164-169.
  23. „Задиг или Судбина“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 169-172.
  24. Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 200-203.