Драги Митев
Драги Митев — македонски музичар, водач на оркестар, композитор, аранжер и продуцент на народни и новосоздадени фолклорни песни.
Животопис
уредиДраги Митев е роден на 14.02.1937 година во село Попчево, струмичко, како второ дете на Стојан и Анета Митеви. Основно образование до IV одделение има завршено во родното село, а осумгодишно училиште во Струмица.
Интересот кон музиката кај Драги Митев се јавува уште во детските години. Неговиот татко бил познат гајдаџија во селото, кој за жал починал кога Драги имал само пет години, но талентот за музика го има наследно од него. Уште како дете се забавувал свирејќи на шупелка, усна хармоника, гајда и хармоника, за тој интерес да се засили со доаѓањето во Струмица на 10 годишна возраст. Тогаш почнува да го посетува нижото музичко училиште и за прв пат се среќава со инструментот кларинет и со нотното писмо. Тогаш се формира и Градскиот оркестар од дувачки инструменти во кој се свирело по ноти и чиј член е и Драги. Тука ги стекнува основите на музиката. Изборот за инструментот кларинет е затоа што тој е најгласен и водечки инструмент и е најблизок до селските свадбарски музики.
На 15 годишна возраст доаѓа во Скопје да учи средно музичко училиште, сам без мајка, браќа или сестра, но и без стипендија или значителна финансиска поткрепа. Но желбата за успех во животот го натерала да ризикува и да ги издржи животните предизвици. Имал огромна поддршка од својата мајка која многу сакаше да успее поради татко му, но и поради музичката традиција. Во средношколките денови се соочува и со здравствен проблем предизвикан но несоодветно дување на кларинетот, но благодарение на упорноста и издржливоста проблемите ги надминува. И покрај советите од лекарите да не свири на кларинет понатаму во животот, тој сепак останува верен на својата најголема љубов – кларинетот. Посебно е благодарен на професорот Трпков од кој по предметот вокална техника ја научил правилната техника на свирење. Драги секогаш велеше – не можам да сфатам како би живеел без кларинетот.
Во средното музичко им било забрането да свират народно. Затоа Митев се зачленил во културно уметнички друштва – “Кочо Рацин”, “Орце Николов” и “Мирче Ацев” и на тој начин го “освојувал” фолклорот. Тука најдобро се запознал со специфичните народни ритми и фрази и ја развил смислата за создавање и обликување во духот на народната традиција. Првото оро “Попчевско оро” го напишал во 1956 година и со поддршка од Ангел Нанчевски е снимено со Народниот оркестар за Радио Скопје. Потоа го напишал и неговото второ оро “Овчарско оро”.
На 21 годишна возраст се вработува како стручен учител по музика во ОУ “Стив Наумов” во Скопје. Млад, амбициозен, желен за работа, покрај редовните часови формирал хор и пејачка група со која ги освојувале сите први места на натпреварите. Како таленитрана ученичка се издвоила Кевсер Селимова која прифатила да пее и соло, и победува на натпреварот во младинска конкуренција и како награда добила можност да снима во Белград. Така и почнува нејзината кариера. Драги Митев и Ѓорѓи Желчески биле цимери и така покрај пријателството, почнува и соработката.
Драги Митев бил задоволен од постигнувањата, но не и од сопствената надградба. Затоа, по земјотресот, во 1964 година решава да го продолжи школувањето на Музичка академија во Сараево, каде што дипломира во 1968 година на инструментален отсек, кларинет.
По завршувањето на факултетот, полагал аудиција за работа во Театарот но и аудиција за Народниот Оркестар на Радио Телевизија Скопје. Бил примен на двете места, но тој одбрал да ја свири народната песна која најмногу ја сакал, а подоцна почнал и да ја создава. Така во 1968 година се вработува како кларинетист во Народниот оркестар на Радио Скопје (подоцна Македонско Радио – МРТ), каде што работи сè до неговото пензионирање во февруари 2002 година.
Драги Митев остана верен на својот кларинет и чистиот македонски мелос целиот свој живот бранејќи го изворниот македонски звук од шундот и странските влијанија.
Драги Митев беше сопруг и татко на двајца синови. Тој почина на 29.01.2004 година, во Скопје.
Творештво
уредиВо рамките на својата професионална дејност има создадено повеќе песни, ора и аранжмани за програмите на МРТ. Во 1974 година Драги Митев формира свој оркестар со кој снима поголем број на плочи и касети за дискографските куќи на РТБ (Белград) и Југотон (Загреб). Во рамките на оваа творечка продукција настана и првата сингл плоча со четири негови ора, како и многу песни: “Повеќе не ми доаѓај”, “В’градина моме седеше”, “Среќата со пари не се купува”, “Љуби ме, љуби ме”, “Лажи Вере” (аранжман) и други.
Драги Митев првите солистички ора ги снимил на 19 годишна возраст. Тој е автор на повеќе од 30 ора за кларинет и оркестар: Попчевско, Старо велешко, Овчарско, Осоговско, Митево, Чаирско, Стојаново, Бојаново, Беласичко, Младоженско, Банско, Новоселско, Гроздоберско, Лилево оро и други.
Тој има обработено над 80 македонски народни песни, од кои некои станаа популарни хитови, како “Павле ми пие”, “Три години болен лежам”, “Брала мома капини”, “Што да правам што да чинам” и други во кои како посебен белег останува воведувањето на рефрен во народните песни, квалитетниот аранжман и изведба со неговиот оркестар.
Прво позначајно творечко признание добива со учеството на фестивалот Илиџе 1975 година – III награда со песната “Ах љубов, пак љубов”, во исполнение на дуетот Митева-Узунов. Потоа учествувал со свои композиции на повеќе фестивали во Југославија.
Во 80-тите и 90-тите години неговата активност и учество е видливо на речиси сите поважни манифестации и концерти на полето на фолк музиката. Во овој период, Драги Митев е автор на новокомпонирани мелодии кои не се изведени на фестивал туку се снимени на носачи на звук во изведба на Селимова-Желчески, Митева-Узунов, Петранка Костадинова и други. Лонг-плејката “Љуби ме љуби ме” поради бројот на продадени примероци стана “сребрена плоча”, додека лонг-плејката “Врати ми ја љубовта” стана “златна плоча” на ниво на Југославија. Тој учествува во изработка на дел од аранжманите и со својот оркестар ги снима касетите на Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, дуетот Стоева-Крстевски, Јанко Узунов, Гоце Николовски, Фана Шомова, Ѓоко Дончев, Перо Христов.
Во овој период Митев има многу настапи и турнеи во Австралија, Канада и Европа заедно со Селимова-Желчески, Драган Мијалковски, Перо Христов, Грозда Стоева, Петре Прличко и други.
Во 1985 година Драги Митев е еден од организаторите и основачите на Фолк Фест Валандово и четири години учествува со својот оркестар и вокална група, придружувајќи ги пејачите на фестивалот. Покрај квалитетниот настап со оркестарот на валандовскиот фестивал, тој е добитник на повеќе награди (златна, сребрена, бронзена калинка) за песните “Врати ми ја љубовта”, “Нема ми либе да дојде”, “Би плачела”, “Леонид со мајка вечера”. Песни кои го одбележаа авторското творештво на Драги Митев на Фолк Фест Валандово, кои се обнародени и ги знаат и младите генерации се и песните – “Добро ми дошле сватови”, “Младост убава”, “Поминаа луди млади години”, “Мерак ми е да запеам”, “Песна, игра и тамбури”, “Вино црвено”, “Слико моја”, “За љубовта наша”, “Земи ја гитарата”, “Марија” и многу други, во изведба на Селимова-Желчески, Уснија Реџепова, Петранка Костадинова, Вера Ивковиќ, Гертруда Мунитиќ, Гордана Захар, Митева-Узунов. Во чест на делото кое Драги Митев го направи за фестивалот, од 2004 година, нагрдата за најдобар аранжман која се доделува секоја година на валандовскиот фестивал е именувана и посветена на Драги Митев.
Во 1990 година со композицијата “Саноќ сама” во интерпретација на Блага Петреска на фестивалот Фолк хит 90 организиран од страна на МРТ, ја добиваат III награда.
Во 1991 година е иницијатор за организирање на првиот фолклорен фестивал во Австралија, Фолк фест Камбера 91. Тој и на овој фестивал учествува со својот оркестар, со свои песни и аранжмани, освојувајќи ги првата и втората награда за лирски песни за композициите “Свирете чалгаџии” со Блага Петреска и “Не ме заборавај” со Селимова-Желчески.
Во 1992 со својот оркестар ги придружува пејачите на првиот Интерфест Битола, а во 1993 и 1994 на Фестивалот Тетовски Фолк-Филиграни. На овие фестивали во Тетово, беа наградени неговите композиции “Станете гости заиграјте” во изведба на Гордана Адамов Лана и “Среќна невеста” со Билјана Јефтиќ. Во 1995 год Драги Митев со својот оркестар ги придружува пејачите на фестивалот “Охридски трубадури ’95”.
Во 1995 година Драги Митев со неколку претставници од Општина Струмица го основаат Фолк Фест Тримери во Струмица. На Тримери ‘95 и ‘96, сите пејачи се придружувани од оркестарот и вокалната група на Драги Митев, а посебен успех забележуваат неговите композиции “Тримерска песна” и “Стариот пајтон”, која во 1996 година ја доби првата награда од публиката.
На фестивалите Цветници 1993-2000 Драги Митев е член на големиот Народен Оркестар на МРТ и има неколку свои песни: “Виолета”, “Барај око мое”, “Не ми давај рујно вино”, како и аранжмани за неколку песни “Ти си ми се”, “Стариот фенер”, и други. На Цветници 96 за песната “Запри, запри виолино”, чиј композитор е Митев, а во интерпретација на Мишко Крстевски, ја добива првата награда од публиката. Истата година, во декември 1996, оваа композиција е прогласена за фолк хит на годината, во конкуренција со 25 хитови од таа година.