Домашна гуска
Бела домашна гуска од сортата Емден
припитомен
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Гусковидни
Семејство: Патки
Потсемејство: Гуски
Род: Гуска
Вид: дива гуска и лебедова гуска
Подвид: Домашна гуска
Научен назив
Anser anser domesticus и Anser cygnoides
Linnaeus, 1758
Синоними
Anser domesticus

Домашна гуска (научAnser anser domesticus или Anser cygnoides) — припитомени гуски од видот дива гуска или лебедовата гуска кои се одгледуваат како живина заради месото, јајцата и пердувите уште од најстари времиња.

Потекло и особености

уреди
 
Домашната кинеска (лебедова) гуска има исправено држење
 
Дивата лебедова гуска има водорамно држење

Во Европа, северна Африка и западна Азија, домашната гуска потекнува од дивата гуска (Anser anser). Во источна азија, предок на домашната е лебедовата гуска (Anser cygnoides), наречена и кинеска гуска. Во поново време обете се широко распространети низ светот, а се среќаваат и вкрстувања. Кинеската гуска лесно се распознава по големата џумка при основата на клунот, додека пак вкрстените единки се разликуваат од неа во различен степен.[1]

Според излагањето на Чарлс Дарвин во неговото дело „Промени кај животните и растенијата при примитомување“ (The Variation of Animals and Plants under Domestication i. 287), гуската е припитомена многу одамна, зашто сведочат археолошките наоди во Египет, стари повеќе од 4.000 години.[2] Низ вековите, домашните гуски се одгледувани да бидат значително поголеми од дивите, па затоа тежат до 10 кг,[2] наспроти 3,5 кг кај лебедовата и 4,1 кг дивата гуска.[3] Поради ова, имаат видоизменета градба на телото: дивата гуска има водорамна градба и тенка одзади, додека пак домашната е исправена, со масни наслаги во задникот. Оваа измена влијае врз способноста за лет: домашната гуска мафта со крилјата и може да се издигне само малку, во мошне кратко времетраење.

Покрај ова, домашната гуска се одликува со значително поголема плодност — 50 јајца годишно, во споредба со 5–12 јајца кај дивата — што е производ на избирањето на погодни единки низ вековите.[2][3]

Измените во перјето се разновидни: во многу случаи, птиците се избирани за да се отстрани кафеавата боја, па затоа денес се бели и бело-кафени. Други пак, имаат обоеност и шара блиска до изборната, а трети, како денешната тулуска гуска, имаат речиси истоветно перје како дивата, разликувајќи се само во градбата. Белите гуски историски се претпочитаат поради употребата за перници и постелнини, како и поради поуредниот изглед кога се искубани.

Гуските даваат големи јајва, со тежина од 120-170 г.[2] кои се јадат исто како кокошкините, иако имаат сразмерно повеќе жолчка. По вкус се мошне слични на кокошкините, но малку повеќе во насока на дивеч.

Стражарска улога

уреди

Бидејќи се чувствителни на необични движења и имаат гласен вик, гуските уште од дамнина се ставени во улога на многу успешни стражари на имотот на нивните стопани.[4]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Buckland, R., & Guy, G. (2002). Goose Production. Глава 1: Origins and Breeds of Domestic Geese. FAO Agriculture Department.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Hugo, S. (без датум). Geese: the underestimated species. FAO Agriculture Department.
  3. 3,0 3,1 del Hoyo, J., Elliott, A., & Sargatal, J., eds. Handbook of Birds of the World Vol. 1: 581. Lynx Edicions, Barcelona. ISBN 84-87334-10-5
  4. „Geese, the unbridable watchdog“. Food and Agriculture Organization of the United Nations. 16 August 2014. Посетено на 16 August 2014.

Надворешни врски

уреди