Долен амам (Баниште)
Долен амам (или Нов амам) — амам во селото Баниште, Македонија. Амамот е прогласен за споменик на културата на Македонија.[1]
Долен амам | |
---|---|
Поглед кон амамот | |
Општи податоци | |
Статус | споменик на културата |
Вид | амам |
Стил | отомански |
Место | Баниште |
Земја | Македонија |
Координати | 41°33′32.41″N 20°31′50.09″E / 41.5590028° СГШ; 20.5305806° ИГД |
Почната | 1798 |
Завршена | 1799 |
Амамот, заедно со Горниот амам е дел од бањата Баниште, која работи и денес, а амамот е обновен.
Историја
уредиБањите во селото првпат биле споменати во патопис на Јохан Георг фон Хан, кој го посетил селото Баниште во 1863 година. Тој на своето патување по сливот на реките Дрим и Вардар, престојувал во Дебар, а за селото Баниште запишал дека се наоѓа на час и половина од градот на сливот на една пуста долина во Дрим. Во тоа време запишал дека еден објект е поправен, а другите се разурнати, иако уште се користеле нивните извори. Постои голема веројатност урнатините да потекнуваат од многу поран период, како што може да е римскиот период.[1]
Според натпис со арапско писмо, кој се наоѓал во еден од објектите на бањата, како сопственик и добротвор се споменува Насл Микушт Пкахш, син на Сулејман, потомок на семејството Орук-заде. Во натписот се потврдува годината на градба 1798-1799 година (или 1213 по хиџра). Денес, натписот се чува во просториите на хотелот.[1]
Постои податок, дека Дебарските бањи (Бања Баниште) се најстари во Македонија (стари околу 700 години), подигнати во времето на Мурат I кон крајот на XIV век. Сепак, постојните градби на бањите претставуваат спој на природното богатство на Баниште и една интензивна градителска активност што се развивала во Дебарско кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век.[1]
Архитектура
уредиДолниот амам или новата бања како што запишал Фон Хан е оддалечена 40 чекори од Горниот амам, базенот има четвртест облик и меѓу 7-8 метри во квадрат. Бањата била составена од една просторија, приправена од штици. Водата имала 39 степени Реомирови. Според Фон Хан, изворот бил бистар и имал вкус како чорба од месо.[1]
Долната бања (денешна бања) има квадратна основа засведена со слепа купола, која лежи на тромпи. Влезот во бањата е од северната страна, каде од надворешната страна се додадени современи градби. На секоја од страните во внатрешноста се наоѓа по една полукружно засведена ниша. Осветлувањето е решено преку средишниот отвор во темето на куполата и еден мал прозорски отвор на северозападната страна. Централно во внатрешноста на просторијата е сместен квадратен базен за капење. Исто како и Горниот амам, ѕидовите во внатрешноста до висина од околу два метри се обложени со големи, добро обработени камени блокови, додека во височина се користени помали, делумно обработени камени блокови. Целиот објект е граден од грубо обработени камени блокови и има кров на четири води, прекриен со керамиди.[1]
Амамот го одразува архитектонскиот стил на османлиското градителство од крајот на XVIII и почетокот на XIX век, иако сличности се сретнуваат со термалните бањи во Бурса, Турција. Посебна вредност на овој и објектот на Горниот амам е нивната автентичност, односно тие претставуаат единствен пример на термално лекувалиште со елементи и архитектонски решенија карактеристични за османлиското градителство во Македонија.[1]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 „Стари дебарски бањи Архивирано на 9 декември 2022 г.“. Управа за заштита на културното наследство.
Надворешни врски
уреди- Долен амам (Баниште) на Ризницата ?