Додека лежев умирајќи (роман)

„Додека лежев умирајќи“ или „Додека умирам“ или „На смртната постела“ (англиски: As I Lay Dying) — краток роман на американскиот писател Вилијам Фокнер од 1930 година.

Содржина

уреди

На еден осамен имот лежи смртно болна Еди Бандрен, додека нејзиниот син Кеш ѝ го изработува ковчегот. На имотот пристига и докторот Пибоди, но токму тогаш умира Еди. По веста за нејзината смрт, на имотот се собираат соседите, а доаѓа и Витфилд, решен да го признае пред Анс својот грев (дека тој е биолошкиот татко на некои од децата на Еди), но штом дознава дека Еди е мртва, не ја остварува својата намера. Утредента, членовите на семејството Бандрен – таткото Анс, синовите Кеш, Дарл, Џуел и малиот Вардаман, како и ќерката Дјуи Дел – го товарат ковчегот во запрежната кола и заминуваат во блискиот град Џеферсон за да ја остварат последната желба на Еди: да биде погребана во семејниот гроб. Тие поаѓаат на пат наспроти поројниот дожд кој ги урнал сите мостови на реката. Кога семејството пристигнува до еден скршен мост, во обидот за преминување преку реката, колата се превртува и Кеш се повредува. Неговите браќа нуркаат во надојдената вода за да ги спасат алатите на Кеш, знаејќи колку многу е приврзан кон нив. Потоа, тие застануваат на еден имот, а Анс купува нова кола, давајќи го во залог коњот на Џуел. Бидејќи се поминати неколку дена од смртта на Еди, нејзиното тело почнува да се распаѓа и до ковчегот се шири смрдеа поради што запрежната кола на семејството Бандрен постојано ја следат мршојадци. По долго патување, тие пристигаат во градот Мотсон, каде Дјуи влегува во аптеката барајќи средство за прекинување на бременоста (за која знаат само таа и Дарл), но продавачот ја одбива. Поради смрдеата од ковчегот, шерифот на Мотсон бара од семејството Бандрен веднаш да го напушти градот. Набргу, тие се засолнуваат на еден имот, а ноќта во шталата избувнува пожар. Џуел и Дарл храбро го спасуваат добитокот, а потоа Џуел се изложува на опасност и влегува во запалената штала за да го извлече ковчегот. Најпосле, семејството пристига во Џеферсон и тогаш се дознава дека пожарот го подметнал Дар и него го апсат веднаш по погребот (најверојатно, Дјуи Дел го предала својот брат) и го носат во затворот во Џексон. Во градот доаѓа и д-р Пибоди, кој му ја мести скршената нога на Кеш. Дјуи повторно бара средство за прекинување на бременоста, а аптекарскиот помошник ја лаже и сексуално ја искористува. Најпосле, Анс става вештачки заби и се појавува заедно со една жена, роднина на Еди по што семејството тргнува назад кон својот дом.[1]

Осврт кон делото

уреди

Исто како и неговиот претходник, „Бучава и бес“, и во овој роман Фокнер ја применува книжевната постапка позната како „тек на свеста“ во која дејствието е прикажано низ мислењето на книжевните јунаци, а не со помош на опишување на надворешните настани. Во тој поглед, наизменичните внатрешни монолози на разни ликови се склопуваат како мозаик, отсликувајќи го дејствието кои и овде се одвива во омилениот крај на Фокнер — на еден осамен селски имот во областа Јокнапатофа, во близината на градот Џеферсон. Притоа, покојната Еди Бандрен е главниот лик во романот, зашто оската околу која се заплетува и расплетува дејствието и основата врз коај се градат односите меѓу останатите ликови. Животот на овие сиромашни луѓе од југот на САД е многу суров, но токму тоа ги поттикнува на издржливост и постојаност, на реално сфаќање на светот, па и на самата смрт која е само еден од фактите на животот. Токму затоа, синот на Еди, Кеш мирно го изработува ковчегот под прозорецот на куќата додека внатре умира мајка му, а ќерката Дјуи Дел подготвува вечера непосредно по смртта на мајка си. Тоа природно сфаќање на животот често има боја на свирепост и бесчувствителност, но тоа е само привид, а тоа го потврдуваат внатрешните монолози на ликовите. Освен тоа, во книгата се присутни фаталното препуштање на судбината („Нека биде волјата Божја!“) и гротескниот хумор (кога семејството пристига во еден град, Кеш лежи на мајчиниот ковчег со скршена нога обложена со цемент, а околу запрежната кола се жири смрдеата од телото кое веќе се распаѓа).[2]

Наводи

уреди
  1. V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964.
  2. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 166-167.