Горешници
Горешници или Чуруци — претпоследните три дена на месец јули. Започнуваат на 28 јули и завршуваат на 30 јули на денот на Светата маченичка Марина (Огнена Марија). Бидејќи се слави во најтоплиот период од годината, обичај е овој и претходните два дена да не се работат никакви полјоделски работи, заради заштита од пожари и поројни дождови. Трите денови Горешници порано служеле и за претскажување на временските одлики на претстојната зима.
Горешници Чуруци | |
---|---|
Икона на св. Марина како го држи ѓаволот | |
Го празнува(ат) | христијанските и нехристијански земји |
Вид | христијански |
Значење | Ден на Св. Прокопиј Ерусалимски |
Датум | 8/21 јули |
Обичаи | славење, ритуали |
Житие
уредиПокрај многуте светии кои се слават во овие три дена, најмногу внимание и е посветен на Светата Великомаченица Марина. Таа била родум од Антиохија Писидиска, од родители незнабожци. Дури во својата дванаесетта година слушнала за Господ Исус Христос, дека се воплоти од Пречистата Дева, дека извршила многу чуда, примила крсна смрт и славно воскреснала. Таа сесе заветила дека никогаш нема да се мажи и така и пострадала за Христа. Татко ѝ ја замразил заради нејзината вера и не ја сметал за ќерка. Кога царскиот намесник Олимвриј дознал дека е христијанка, побарал од неа најпрво да му биде жена. А кога го одбила, ѝ наредил да им се поклони на идолите, на што Света Марина одговорила: „Нема да им се поклонам ниту ќе им принесам жртва на безживотните и мртви идоли, кои ниту самите знаат за себе ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или ги бесчестиме: не им ја давам онаа чест што Му припаѓа само на мојот Создателот“. Тогаш Олимвриј ја подложил на маки, па целата изнаранета ја фрлил во затвор. Во затворот Марина Го молела Бога и по молитвата ѝ се јавил најпрво ѓаволот како страшна змија што ѝ се намоткала околу главата. Но штом светителката се прекрстила, змијата се распукнала и исчезнала. Тогаш ја заблеснала небесна светлина и ѕидовите на затворот заедно со покривот исчезнале и се јавил крст, висок и блескав, а на неговиот врв бела гулабица, од која се слушнал глас: „Радувај се, Марино, словесна гулабице Христова, ќерко на севишниот Сион, зашто дојде денот на твојата радост.“ Тогаш, со силата Божја, била исцелена од сите рани и болки. Другиот ден безумниот судија ја мачел во оган и во вода, но Марина претрпела се како во туѓо тело. Најпосле ја осудил на смрт со меч. Пред смртта ѝ се јавил Господ Исус со ангели. Била заклана во времето на царот Диоклецијан, но со душата и силата останала да живее на небото и на земјата. Една рака од Света Марина се наоѓа во манастирот Ватопед на Света Гора. Во Албанија пак, на планината Ланга над Охридското Езеро[1], се наоѓа манастир на Света Марина со дел од нејзините чудотворни мошти. Во овој манастир се случуваа и се случуваат многубројни чуда и за нив сведочат не само христијаните туку и муслиманите. Кон оваа светителка Турците имаат толкава почит, што никогаш не посакале да посегнат по светоста и имотот на манастирот. Едно време тутор на овој манастир беше Турчин.
Славење и ритуали
уредиВо Македонија
уредиВо народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган). Уште чурук се вели за нешто што не добро, односно што е лошо (стана чурук - стана лошо). Во различни делови на Македонија постојат верувања поврзани со овој празник. Во Велес се верувало дека „Чуруци фчурујат, запалујат куќите на тија шчо работат на тој ден, от тоа секого го стра да фане работа. Калајџиите празнујат тој ден за чурец“. Во Охрид, како што запишал Ефтим Спространов, Света Марена ја држеле за да не стануваат бури „Та је пала-и креват снопојте и полоѕите. Ко да фатет ветришча, грмежи, дожџој-да чуват Госпот је“. Интерсно предание за оваа светица забележал и Кузман Шапкарев. Тој сведочи дека таа „го уловила ѓаволот за коси и го тепала по главата со чекан“. Ваква ретка претстава на Света маченица Марина со ѓаволот се наоѓа на фреска во манастирот Свети Наум и на икона во Галеријата на икони во Охрид. Шапкарев исто забележал дека „селаните ниту жнијат, ниту вршат во чест на светицата, која ја сметаат за покровителка на жетвата и воопшто на сеидбата“. Шапкарев запишал предание и за некој што не сакал да го почитува споменот и да празнува и ги принудил селаните жетвари - момоци да жнијат во тој ден. И ете, не по многу се запалила сетвата сама од себе, а истовремено ги повеал селаните силен ветар, та не само што непожнеаната сетва изгорела сама, туку и веќе пожнеаната и собраната на крстици, ставици, снопови и полози. Господарот на нивата, кој присуствувал на уништувачката на целата сетва, смајосан од неочекуваното чудо земал од се срце да се моли на Св. Марена да му прости и да го угаси пожарот, при што викал: „Прости Св. Марено! Ти палиш, ти гасниш Св. Марено!” Оттогај веќе на тој ден никогаш не жнеел. Кочани и околината постои верување дека ако се работи со оган или ако се готви во текот на овие денови до празникот посветен на св. Марина или Огнена Марија ќе се случи несреќа. Посебно дека не треба да се палат свеќи, за што свештениците велат дека е глупост и неиздржано верување.
Во Бугарија
уредиГорештиците во Бугарија се нарекуваат и Блсци или Германовци. А овие денови одвоено се нарекувани уште Чурлига - која прави да чурудиса (да изгние), Прлига - која прли да изгори и Св. Марина - која штити од пожар и се почитува како господарка на змиите и лечителка од нивното смртоносно каснување. Обичај во селото попово било да се отсечат две стебла на дрво кое при раснењето се поделино на две. Потоа се забиваат едно во друго, се дупчат во нив дупки и се вметнува стап обвиткан со врвка. Интересно е дека до секое од стеблата треба да застанат две деца, близнаци. Браќата го тегнат стапот таму-ваму сè додека тој не почне да чади. Потоа го пренесуваат огнот врз однапред подготвена клада. Овој оган е наречен Божји, див оган.[2]
Во Србија
уредиИмето на оваа светителка е почитувано особено кај жените, па на тој ден ниту работеле ни на поле, а ни по дома. Кај Србите за овој ден се вели дека ни игла нетреба да се вдене.[3]