Гибони
Период: миоцен - денес
Сребрен гибон (Hylobates moloch) со своето потомство.
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Класа: Mammalia
Ред: Primates
Натсемејство: Hominoidea
Семејство: Hylobatidae
Gray, 1870
Родови

Hylobates
Hoolock
Nomascus
Symphalangus

Гибони (науч. Hylobatidae) — семејство на примати кои ја населуваат Југоисточна Азија. Тие се најблиски со семејството на хоминидите (големите човеколики мајмуни) и, соодветно, често се нарекуваат ,,мали човеколики мајмуни‘‘ и се вклучуваат во семејството на хоминидите како потсемејството Hylobatineae.

Распространување

уреди

Ареалот во кој се среќаваат гибоните се протега од североисточна Индија, Мјанмар и јужна Кина до Малајскиот Полуостров и индонезиските острови Борнео и Јава. Порано гибоните биле распространети на значително поголема територија, на почетокот на вториот милениум тие се среќавале речиси во цела Кина. Главните сфери на живеење се тропските шуми, а понекогаш може да се најдат во планинските шуми на надморска височина од 1800 метри.

Опис

уреди

Гибоните се безопашести примати. Особено е карактеристично тоа што предните екстремитети им се значително подолги од задните. Ова им овозможува да се придвижуваат по пат на брахијација — уникатна способност за движење во живитинскиот свет при која тие се искачуваат со рацете од гранка на гранка. Палецот кај гибоните е вкоренет нешто пониско поради што можат да фаќаат подебели гранки. Густото крзно кај гибоните е обоено црно, сиво или кафеаво. Главата е кратка со големи очи насочени нанапред. Забната формула соодветствува на таа од хоминидите. Кај некои видови на гибони се развиени грлени торбички кои служат како резонантно тело при создавањето на силни крици. Големината на гибоните се движи од 45 до 90 cm, а тежината од 4 до 13 кг. Најголем и најтежок вид е сијамангот.

Однесување

уреди

Латинското име Hylobatidae означува жители на дрвјата и тоа го одразува местото на живеење на гибоните. Тие се жители на шумите и се активни главно дење. Благодарените на своите долги раце и палци (сместени многу пониско отколку кај другите примати), гибоните се одлично приспособени на живот на дрвја и брахијациско придвижување. Прекачувајќи се со помош на рацете од гранка на гранка, тие можат да надминат три метри со еден ,,чекор‘‘. На земја гибоните се движат на две нозе, кревајќи ги рацете за да одржат рамнотежа.

Гибоните живеат моногамно. Двојките со своето потомство живеат во свој сопствен ареал кој го заштитуваат од туѓинци. Понекогаш се среќаваат и животни кои живеат поединечно, и тоа најчесто млади единки кои од неодамна ги напуштиле родителите. Во потрага за сопствен партнер, потомството ги напушта родителите или пак тие го бркаат со сила. Пронаоѓањето на партнер може да трае неколку години. Кај некои видови родителите му помагаат на своето потомство со ,,резервирање‘‘ на слободен ареал.

Исхрана

уреди

Основен дел во исхраната на гибоните заземаат листовите и плодовите. Во мали количини тие ги јадат и листовите од цветот, инсекти, а повремено и птичји јајца и мали `рбетници. Кај гибоните е слабо развиен џвакачкиот апарат, а желудникот е изграден релативно просто (за разлика од лангурите).

Размножување

уреди

Кај гибоните нема сезона на парење. Секои две до три години женката раѓа по едно младенче, а раѓањето на близнаци е релативно ретко. Новороденчињата се прикрепуваат за мајчиниот абдомен и ги поминуваат со неа првите недели од животот. Подоцна во нивното воспитување учествува и таткото. Само на возраст од осумнаесет месеци до две години младенчињата се откажуваат од млекото, а половата зрелост настапува на осум или девет години. Средната должина на живот кај гибоните изнесува околу 25 години, а во заробеништво најстарото животно имало 34 години.

Систематика

уреди
 
Сијаманг.

Гибоните образуваат сроден на хоминидите таксон и се делат на четири рода во кои се распределени 14 вида.

Литература

уреди
  • Goodman, M., Czelusniak, J., Page, S. & Meireles: Where DNA Sequences Place Homo sapiens in a Phylogenetic Classification of Primates.
  • McKenna, Bell: Classification of Mammal: Above the Species Level

Надворешни врски

уреди