Гарантен фонд (англиски: Guarantee Fund) се дефинира како јавна или приватна гарантна институција што врши организирано обезбедување и дистрибуција на кредитни гаранции за барателите на кредити кои не се во можност да понудат соодветен колатерал кај банките. Во литературата може да се сретнат и други изрази кои се однесуваат на овој вид институции, како на пример, кредитно-гарантни шеми, парцијални кредитни гаранции итн.

Функции и развој

уреди

Кредитна гаранција се дефинира како финансиски производ што сопственикот на малиот бизнис може да го купи како делумна замена за колатерал и претставува ветување дека гарантниот фонд ќе го надомести целиот кредит или дел од кредитот во случај на невраќање од страна на клиентот.[1]

Надминувањето на проблемите со кои се соочуваат малите и средните претпријатија е основната оправданост за постоењето и функционирањето на гарантните фондови. Проблемите со кои се соочуваат малите бизниси во обезбедувањето на финансиски средства најчесто се поради: високите административни трошоци за помали кредити, асиметричните информации помеѓу кредиторите и кредитокорисниците, високиот ризик поврзан со големината на бизнисот, како и соодветно обезбедување за кредитот.

Во последните две децении постои голем интерес за гарантните фондови како инструмент за развој на приватниот сектор и за поддршка на малите и средни претпријатија. Многу меѓународни организации, како ЕУ, Меѓународната организација за труд, ООН - оддел за индустриски развој инт., ги користат гарантните фондови како еден од нивните основни инструменти за промовирање на развојот на приватниот сектор.[2]

Гарантните фондови обезбедуваат гаранција дека ќе го отплатат остатокот од долгот во случај на неплаќање од страна на клиентот и на тој начин тие влијаат на намалување на ризикот на банката и го олеснуваат одобрувањето кредити за мали и средни претпријатија. Меѓутоа, овие фондови имаат потенцијал да влијаат и на намалување на банкарските трошоци за одобрување на мали кредити и да го унапредат обезбедувањето информации за кредитокорисниците. Овие фондови овозможуваат и подобрување на кредитните услови за претпријатијата што веќе имаат пристап до финансиски средства.

Теоретски аспекти

уреди

Улогата на гарантните фондови во надминувањето на проблемите што го отежнуваат пристапот на малите и средни претпијатија до финансии може да се огледа преку:

  • Надминување на проблемот со асиметрични информации - Погрешната селекција и кредитните административни трошоци влијаат кредитните одлуки на банките да се засноваат на големината на фирмата и понуденото обезбедување. Како последица на ваквата политика, профитабилни и издржани бизнис-проекти нема да можат да бидат реализирани поради недостиг на финансиски средства, што на крајот ќе влијае на неоптимална дистрибуција и финансиските средства во економијата. Гарантните фондови можат да помогнат во надминување на оваа неповолна ситуација преку обезбедување поддршка за банката да донесе соодветна кредитна одлука.[3]
  • Диверзификација и пренасочување на ризикот - Преку преземање на дел од ризикот за отплата на кредитот, гарантниот фонд обезбедува сигурност за отплата на кредитот во случај на невраќање на целиот кредит или дел од кредитот од страна на клиентот.
  • Намалување на бараното обезбeдување за кредитот - Многу фирми се соочуваат со проблем да го обезбедат бараниот колатерал од страна на банката, што претставува една од главните пречки за малите и средни претпријатија за добивање кредит. Високиот ризик за кредитирање на малите фирми, банките го покриваат со повисока каматна стапка или со повисок процент на обезбедување. За кредитите на малите фирми во земјите од Југоисточна Европа, банките во просек бараат вредноста на обезбедувањето да биде повисока од 160% од вредноста на кредитот. За споредба, тој процент во земјите од ЕУ изнесува од 100% до 120%.[4] Гарантните фондови овозможуваат пристап до кредити на фирмите што се соочуваат со проблемот на недоволно обезбедување. Ефектот е зголемено кредитирање на малите претпријатија.

Аргументи „за“ и „против“

уреди

Искуствата покажуваат дека гарантните фондови имаат влијание врз зголемувањето на кредитирањето на малите и средни претпријатија, меѓутоа не постојат цврсти емпириски докази за прецизната природа и големина на позитивно влијание.

  • Ефекти врз корисниците на гаранции
    • Финансиски ефекти - Примарниот ефект на гарантните фондови е т.н. финансиски или кредитен ефект и се однесува на дополнително одобрените кредити што немало да бидат реализирани без поддршката од гарантниот фонд. Се аргументира дека позитивни финансиски ефекти се возможни единствено при добро дизајнирање и оперативно работење на гарантните фондови. Во таква ситуација, финансиските ефекти изнесуваат во просек од 30% до 35%.[5]
    • Економски ефекти - Преку гарантните фондови компаниите ги обезбедуваат потребните финансиски средства за реализација на планираните инвестиции што во крајна мера влијае на јакнење на бизнисот, подобрување на продуктивноста, зголемување на продажбата и профитот, создавање на работни места, зголемување на извозот итн. Крајниот економски ефект е зголемување на приходите на домаќинствата и кредитокорисникот и подобрување на нивниот животен стандард, како и зголемен економски развој на ниво на националната економија.[6]
  • Ефекти врз финансискиот сектор

Гарантните фондови им овозможуваат на банките да стекнат искуство и информации за кредитоспособноста на малите и средните претпријатија, без притоа да преземат голем ризик. Исто така им овозможуваат на банките да го зголемат бројот на одобрени кредити на мали и средни претпријатија, како и намалување на трансакциските трошоци за банката. Можат да влијаат на зголемување на конкуренцијата во банкарскиот сектор, поради можноста што ја добиваат помалите банки-учеснички во гарантната шема во поглед на проширување на своите кредитни активности на нови профитабилни пазарни сегменти.

Од друга страна, постојат тврдења дека гарантните фондови се скап инструмент што предизвикува проблем во финансиската одржливост. Како сериозен аргумент против е проблемот на „морален ризик“.[7] Имено, во ситуација кога кредиоткорисниците знаат дека гарантниот фонд ќе го надомести долгот кон кредиторот, се намалува нивната одговорност и желба да го отплаќаат заемот. Истиот проблем се јавува и од другата страна, односно банката нема да е заинтересирана да врши мониторинг и да презема активности за навремено прибирање на доспеаните рати.

Видови на гарантни фондови

уреди
  1. Државни гарантни фондови - функционираат во рамките на државни институции. Нивна основна одлика е што за нивно функционирање се користат државни средства.
  2. Корпоративни гарантни фондови - основани и управувани од страна на приватниот сектор, на пример банки, стопански комори или бизнис асоцијации. Нивна предност е што се управувани од страна на искусни бизнис-водачи и имаат предност од директна инволвираност на банкарскиот сектор.
  3. Меѓународни гарантни шеми - се основаат во рамките на меѓународната или билатералната развојна соработка.
  4. Заеднички гарантни асоцијации - приватни здруженија/асоцијации формирани од страна на потенцијални кредитокорисници со ограничен пристап до банкарски кредити. Нивна предност е што можат да спречат некои од проблемите поврзани со морален ризик. Меѓутоа овој ефект е намален поради проблемот на погрешна селекција. Помалку ризичните мали и средни претпријатија немаат интерес да учествуваат во ваквите заеднички гарантни асоцијации, од причина што овие асоцијации привлекуваат поризични фирми.[8]
  5. Гарантни фондови управувани од меѓународни невладини организации.

Со истражување спроведено од страна на Светска Банка, со кое се опфатени 76 гарантни фондови во рамките на 46 земји во светот, утврдено е:

  • постоење на главно 3 типа на гарантни фондови: заеднички гарантни асоцијации, државни гарантни фондови и корпоративни гарантни фондови;
  • 45% од гарантните фондови се основани со цел за поддршка на мали и средни претпријатија;
  • заедничките гарантни асоцијации имаат поголема финансиска одржливост, поради тоа што се во сопственост на нивните членови, кои активно се вклучени во работата на фондот[9] ;
  • јасен показател за распространетоста на гарантните фондови во земјите-членки на ЕУ е поддршката на Европската Комисија за формирање на Европска асоцијација на заеднички гарантни здруженија (European Association of Mutual Guarantee Societies - AESM) во која членуваат 34 гарантни фондови од 18 земји-членки на ЕУ[10].

Особености

уреди
  • Гарантни шеми засновани на членство - оваа форма на гарантен фонд има поголема предност во однос на државните гарантни фондови. Во земји каде не постојат таков тип на гарантни фондови можат да се преземат мерки за поттикнување на малите и средни претпријатија за зголемување на учеството во овој тип на фондови преку:
  1. обезбедување средства за зголемување на сопствениот капитал на фондот со плаќање чланарина;
  2. активно учество во управувачките тела на фондот.
  • Посебен правен субјект - гарантните фондови треба да се основаат како посебни правни субјекти со дефинирани тела на управување (управен одбор, надзорен одбор) и примена на стандарди за финансиско известување. Ова ја зголемува довербата кај банките, особено ако тие имаат свои претставници во телата на управување на фондот.
  • Ограничена улога на државата - државата може да обезбеди поддршка за основање на гарантните фондови, но нејзината улога мора да се лимитира единствено на основање и финансирање на фондот, со однапред дефинирана излезна стратегија.
  • Критериуми за користење гаранции - треба да постои јасно дефинирана целна група.
  • Користење на кредитно бодување - ефикасен систем на кредитно бодување е неопходен со цел да се осигури дека средствата ќе се насочуваат кон инвестициски проекти со реално очекувани позитивни економски ефекти.
  • Едноставна и транспарентна политика на членство
  • Управување со ризикот - со цел да се одржува моралниот ризик на ниско ниво, важно е однапред да се утврдат некои критериуми:
  1. да се одреди процент на сопствено учество на кредитокорисникот во вкупната вредност на инвестицијата;
  2. гаранцијата за необезбедениот дел од кредитот да се утврди на значително пониско ниво од 100%, со цел да се овозможи распределба на ризикот помеѓу гарантниот фонд и банката-учесник;
  3. да се утврди максимален износ на кредит по клиент што може да биде гарантиран од фондот.
  • Извори на средства за гаранции - гарантниот фонд треба да се потпира на микс од приватно и јавно финансирање од комерцијални банки, државниот буџет, како и од меѓународни финансиски институции.
  • Активирање на гаранциите - постоењето на јасно дефинирана, транспарентна, ефикасна и навремена процедура за активирање на гаранциите е неопходен фактор за одржување на добрата соработка со банките-учеснички во гарантната шема.

Наводи

уреди
  1. Deelen, L. and Molenaar, K. (2004),m “Guarantee Funds for Small Enterprises - A manual gor guarantee fund managers”, International Labour Organization, p.11.
  2. Green, A.,(2003), “Credit Guarantee Schemes for Small Enterprises: An Effective Intsrument to Promote Private Sector-Led Growth?”, UNIDO, Working Paper No. 10, p.21-25
  3. Levitsky, J. (1997), “Credit guarantee schemes for SMEs: An international review”, Small Enterprise Development, No 2.
  4. World Bank, EBRD (2009), Business Environment and Enterprise Performance Surveys - BEEPS.
  5. Levitsky, J. (1997), “Credit guarantee schemes for SMEs: An international review”, Small Enterprise Development, No 2. P. 15
  6. Green, A.,(2003), “Credit Guarantee Schemes for Small Enterprises: An Effective Intsrument to Promote Private Sector-Led Growth?”, UNIDO, Working Paper No. 10, p. 17.
  7. Levitsky, J. (1997), “Credit guarantee schemes for SMEs: An international review”, Small Enterprise Development, No 2. p. 5.
  8. Zecchini, S. and Ventura, M. (2009), “The impact of public guarantees on credit to SMEs”, Small Bus Econ 32, p. 16.
  9. Beck, T., Klapper, L.F. and Mendoza, J.C. (2008), “The typology of partial credit guarantee funds around the world”, Policy research working paper 4771, World Bank, p. 9-16.
  10. Rossi, A.E. (2000), “Credit-Guarantee Schemes: The Italian Experience, Finding Newly Emerging Private Enterprises in Transition Economies”,OECD, p.86.