Војна на ѕвездите Епизода 1: Фантомската закана
Војна на ѕвездите Епизода 1: Фантомската закана (англиски: Star Wars Episode I: The Phantom Menace) е американски филм од 1999 година режиран и напишан од страна на Џорџ Лукас. Тој е четврт филм кој беше издаден во серијата филмови Војна на ѕвездите, и прв според неговата хронологија на настаните. Исто така овој филм беше првиот филм кој Џорџ Лукас го режирал по 22 години, и негов четврт филм севкупно. Филмот ги следи авантуривте на два џедај витези: Квај Гон Џин, и Оби-Ван Кеноби кои одат на планетата Набу за да преговараат со кралицата Амидала со надеж дека ќе пронајдат мирно решение за несогласувањата во трговијата. На враќање тие ќе бидат нападнати, и ќе мораат да застанат на планетата Татуин каде што двајцата џедаи наидуваат на младото момче роб Анакин Скајвокер, дете кое е необично цврсто поврзано со Силата. Тие исто така ќе мораат да се справат и со мистериозното враќање на Сит.
„Војна на ѕвездите Епизода 1: Фантомската закана“ | |
---|---|
Режисер | Џорџ Лукас |
Продуцент | Рик МекКалум Џорџ Лукас |
Сценарист | Џорџ Лукас |
Главни улоги | Лиам Несон Еван МекГрегор Натали Портман Џек Лојд Ијан МекДиармид Семјуел Л. Џексон |
Жанр | Научна фантастика Авантура |
Музика | Џон Вилијамс |
Дистрибутер | THX 20th Century Fox Lucasfilm |
Премиера | 19 мај, 1999 |
Времетраење | 136 минути |
Земја | САД |
Јазик | Англиски |
Буџет | $115,000,000[1] |
Бруто заработка | $924,317,558[1] |
Претходен | Војна на ѕвездите Епизода 6: Враќање на Џедајот |
Следен | Војна на ѕвездите Епизода 2: Напад на клоновите |
Лукас почнал со продукцијата кога тој почувствувал дека специјалните ефекти напреднале на тоа ниво кое е потребно за правење на овој филм. Снимањето почнало во 1997 на разни локации вклучувајќи ги и и филмските студија во пустините на Тунис. Специјалните ефекти се направени со скапа компјутерска технологија, со која некои ликови и сцени се комплетно дигитализирани.
Фантомската закана беше реализирана на 19 мај, 1999, по околу 16 години од претходниот филм во серијата - Војна на ѕвездите Епизода 6: Враќање на Џедајот. И покрај разновидините критики од страна на критичарите, филмот заработи 924.3 милиони долари низ целиот свет, со што сега е филм со најголема заработувачка во филмската серија Војна на ѕвездите, и деветти филм со најголема заработувачка во светот. По неговата премиера, овој филм стана втор филм со најголема заработувачка во светот (по филмот Титаник), и филм со најголема заработувачка за 1999.
Синопсис
уредиГалактичката Република е во период на распаѓање, со коруптирана бирократија и уништена економија. Како знак на протест поради зголемените даноци, Трговската Федерација прави блокада од борбени вселенски бродови околу малата планета Набу. Со надеж дека ќе ја разјаснат ситуацијата, врховниот канселар испраќа два Џедаи, Квај-Гон Џин, и наговиот ученик Оби-Ван Кеноби, во мисија да преговараат со Вице-кралот на Трговската Федерација, Нут Ганреј. Но тие не знаат дека Трговската Федерација е под контрола на злобниот Сит Господар, Дарт Сидиус, кој им наредува на нив да ја нападнат планетата Набу со голема армија на борбени дроиди, и да ги убијат Џедаите. Избегнувајќи ја смртта, Џедаите влегуваат во мал вселенски брод, и бегаат на Набу. Таму Квај-Гон го спасува локалниот гунган, протераниот Џар Џар Бинкс од сигурна смрт. Тој, во знак на благодарство ги води Џедаите во подводен град на гунганите - Орот Гунга, каде што Џедаите неуспешно се обидувааат да ги натераат гунганите да се борат, и да им помогнат на луѓето на планетата Набу. Со мал брод кој гунганите им го даваат, Џар Џар и двајцата Џедаи испловуваат на површината.
Кралицата на Набу, Падме Амидала е заробена од страна на армијата на Федерацијата, но успешно е спасена и ослободена од страна на Џедаите. Кралицата бега од Набу со двајцата Џедаи на нејзиниаот персонален вселенски брод, кој при обидот да се помине низ федералната блокада е оштетен. Џедаите и кралицата немаат друг избор и ќе мора да застанат на пустинската планета Татуин. Квај-Гон заедно со кралицата Амидала ја истражуваат планетата и бараат резервни делови за нивниот оштетен брод. Тие се запознаваат со едно младо момче роб, Анакин Скајвокер кој веднаш се заљубува во Падме. По подолго поминато време со Анакин, Квај-Гон чувствува голема присутност на Силата во него, и се сомнева дека тој можеби е „Избраниот“, кој ќе се бори со Сит, и ќе донесе рамнотежа во Силата. Квај-Гон прави опклада со сопственикот на Анакин, тоидаријанецот Вато, дека ако Анакин ја победи трката со „подови“, тој ќе биде ослободен, а ако некој друг ја победи трката, вселенскиот брод на кралицата ќе биде негов. Анакин успева да ја победи трката и се здружува со Џедаите во нивното патување. Пред да полетаат, Џедаите се нападнати од ученикот на Дарт Сидиус, - Дарт Мол кој бил испратен да ја зароби кралицата. По кратка борба со Квај-Гон, сите успеваат да избегаат.
Џедаите ја испраќаат кралицата на Републиканската планета Корусант за да може да се изјасни на Галактичкиот Сенат. Во меѓувреме, Квај-Гон се обидува да го натера Џедајскиот совет де го преземе Анакин во своја надлежност и де почне да го тренира за да стане Џедај. Тие одбиваат, со образложение дека Анакин е премногу стар за да го почне тренингот, и дека има многу приврзувања, што би можело да го пренесе во Темната страна на силата. Во сенатот, сенаторот Палпатин ја убедува кралицата да побара гласање недоверба во Врховниот Канцелар, со што сенатот би избрал нов, посилен Канцелар кој би помогнал да се разреши недоразбирањето. Таа исфрустрирана од недовербата на Сенатот, одлучува да се врати назад на Набу, и да ги преземе работите во свои раце.
На Набу, Падме ги убедува гунганите да се борат заедно со неа против Трговската Федерација. Додека Џар Џар ја води армијата на гунганите против армијата на дроидите, кралицата и Џедаите одат да го заробат Вице-кралот Ганреј. Џедаите по пат се сретнуваат со Дарт Мол, и се борат со него двајца против еден. Квај-Гон умира во борбата, но Оби-Ван успева да го совладе Сит ученикот. Во последните моменти од животот, Квај-Гон му кажува на Оби-Ван да го тренира Анакин. Сенаторот Палпатин е избран за нов Врховен Канцелар, Вице-кралот Ганреј е испратен на судење за неговите дела, и Џедајскиот совет му дозволува на Анакин да биде ученик на Оби-Ван.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Star Wars: Episode I - The Phantom Menace“. на Box Office Mojo. Посетено на 2007-09-12. Надворешна врска во
|publisher=
(help)