Водно растение

(Пренасочено од Водни растенија)

Водните растенија се растенија кои барем еден дел од нивниот животен циклус го поминуваат во водата. Тие стекнале голем број на адаптации за живот во водата.

Водните растенија можат да се поделат во три групи: целосно потопени (субмерзни) растенија (или вистински водни растенија); пловечки (флотантни) растенија и мочуришни растенија. Од еволутивен аспект, сите денешни водни растенија преминале од копнен на воден начин на живот, што значи дека нивен предок е копнената вегетација.

Адаптации на субмерзните растенија

уреди
 
Пресек на подводното стебло на Nymphaea.
 
Долна страна од листот на Victoria amazonica.

Кај нив има присуство на мал дел на механичко ткиво (кое кај некои видови отсуствува) во стеблата и лисните дршки. Доколку овие растенија се извадат од водата тие висат. Во водата, тие имаат потпора од околната вода, така што немаат потреба за механичко зацврстување. Сепак, оваа адаптација би можела да биде хендикеп кога има изразена промена на водното ниво или движењата на водата.

На субмерзните растенија им недостасуваат надворешните заштитни ткива кои кај копнените растенија ја ограничуваат водната загуба. Епидермалниот слој има многу мал дел на кутикула (доколку и воопшто ја има). Сите површински клетки изгледа дека имаат можност да ја апсорбираат водата, хранливите материи и растворените гасови директно од околната вода. Како резултат на ова, ксилемот, кој кај копнените растенија ја транспортира водата од корењата до сите делови на растението, е најчесто силно редуциран, а може и да отсуствува. Според ова, доколку овие растенија се извадат од водата, тие ќе овенат многу брзо, дури и ако исечените стебла се стават во вода. Ова е како резултат на тоа што нормалниот транспортен систем е слабо развиен. Како што може и да се очекува, отсуствуваат и стоми на листовите.

Корењата, кои играат многу важна улога во апсорпцијата на хранливи материи и вода од супстратот, често се редуцирани и нивната главна функција е прицврстувањето. Кореновите влакненца кои функционираат во апсорпцијата често отсуствуваат.

Многу видови поседуваат специјализирани форми на листовите. Потопените листови се често насечени и поделени. Ова е поволно бидејќи создава многу поголема површина за апсорпција и фотосинтеза. Исто така го минимизира отпорот на водата, а со тоа се спречува повреда на листот. Хетерофилијата, појава кога на една единка има листови со различна форма, е многу честа. Ова може да создаде големи проблеми при идентификацијата. Кај повеќето случаи, потопените листови се целосно различни од флотантните или емергентните листови на истото растение. Емергентните листови (оние кои се над површината на водата) се најчесто многу помалку рассечени и имаат многу слична внатрешна структура како тие на копнените растенија.

Кај водните растенија често има празнини полни со воздух кои се протегаат долж листовите и стеблата, овозможувајќи притоа внатрешна атмосфера. Одредени водни ларви на муви и бубачки имаат невообичаена адаптација која им дозволува да имаат корист од ова. Имено, тие имаат остар продолжеток на крајот од абдоменот, кој се користи за пробивање во водните растенија, по што навлегуваат во празнините со воздух и ги користат како свој извор на кислород.

Флотантни растенија

уреди

Постојат два типа на флотантни растенија: оние коишто се вкоренети во супстратот со флотантни листови, и оние кои не се вкоренети во супстратот и пловат на површината на водата. Флотантните листови обично се жилави бидејќи тие мора да ги издржат движењата во атмосферата и водата истовремено. Хлоропластите се ограничени на горната површина на листовите. Стомите исто така се наоѓаат само на горната површина на листот. Оваа горна површина често има густа восочна кутикула која помага во стомите да не навлегува вода. Исто така присутни се и внатрешни празнини полни со воздух.

Копнените растенија (како дрвјата) мораат да обезбедат огромен квантитет на структурен материјал за да се издигнат над сите други растенија и да соберат што повеќе светлина. Водните лилјани имаат слаби стебла кои произведуваат огромен флотантен чадор од листови кои доминираат во локалната водно-растителна заедница со иста делотворност како и дрвјата во шумата. Разликата е во нивната средина каде што живеат. Водата ја дава целата потребна поддршка, додека воздухот не.

Мочуришни (блатни) растенија

уреди

Ова се емергентни растенија чии долни делови обично се под вода. Тие најчесто се високи растенија со тенки листови кои се малку отпорни на флуктуациите на нивото на водата и силните ветрови. Нивната висина спречува тие да бидат потопени за време на поплава. Стеблата имаат жилави внатрешни фибрили и шуплива структура. Ова им овозможува да ги издржат силните ветрови без да претрпат штета.

Значење на водните растенија

уреди

Подводните растенија овозможуваат проѕирност на водата, редуцирајќи ги алгите од планктонот по пат на конкуренција за поповолни осмотски услови како и намалувајќи го турбидитетот кој е резултат на суспендираните колоиди од глина. Ова овозможува експанзија на нивното царство како што напредува одредена сезона.