Портрет на Сан Мартин.
Портрет на Сан Мартин.

Хосе де Сан Мартин (1778 – 1850) — аргентински генерал и главен предводник на борбата за независност од Шпанската Империја во јужните и централните предели на Јужна Америка. Сан Мартин бил воедно и еден од претседателите на Перу, позиција која во тоа време била именувана како „Заштитник на Перу“.

Хосе де Сан Мартин е роден во Јапеју, Кориентес, во денешна Аргентина, но уште додека бил мал, на 7 годишна возраст, заминал за Малага во Шпанија каде го започнал своето образование. Подоцна, во 1808 година, кога избила Полуостровската војна помеѓу Франција и Шпанија, Хосе де Сан Мартин зел учество во истата. Следствено на тој ангажман, Сан Мартин стапил во контакт со јужноамерикански подрржувачи на независноста на Јужна Америка од Шпанија. Во 1812 година тој заминал за Буенос Аирес и ги понудил своите способности и својата служба на Обединетите покраини на Рио де ла Плата, современа Аргентина. По Битката на Сан Лоренцо, тој организирал план за пораз на шпанската армија, која ја притискала Аргентина од север, користејќи алтернативен пат преку Вицекралството Перу. Целите првично биле да се основа нова армија, Армија на Андите, во Кујо, Аргентина. Оттука, тој го предводел преминувањето на Андите во Чиле и забележал победа во Битката на Чакабуко и Битката на Маипу. Како резултат на тие две победи била обезбедена независноста на Чиле. По тој успех, Сан Мартин кренал кон напад на шпанскиот бастион во Лима, Перу.

Сан Мартин се смета за национален херој на Аргентина и Перу и еден од ослободителите (libertadores) на Јужна Америка. Денес аргентинската влада својата највисока медаља, или одликување, го именува како „Орден на ослободителот Генерал Сан Мартин“. (Дознајте повеќе...)